СИНДИКАТОТ НА УПОЗ БАРА НОВ НАЧИН НА ПРЕСМЕТКА НА ПЛАТИТЕ ЗА АДМИНИСТРАЦИЈАТА
25.06.2021 година
На последната седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ одржана на 09.06.2021 година, беше актуелизирано прашањето за зголемување на платите во државната администрацијата и правосудството. Согласно заклучоците на седницата, деновиве Синдикатот испрати писмо до Владата на РСМ и Министерството за финансии со цел отпочнување на преговори за зголемување на ниските плати и предлози за нов начин на пресметка на платите кој ќе го следи порастот на животните трошоци.
Синдикатот на УПОЗ веќе подолг временски период, ги следи состојбите со висината на платите на вработените во државната администрација и правосудството и нешто повеќе од една година испрати барање до Владата на РСМ за нивно зголемување.
Согласно податоците на Државниот завод за статистика просечната нето плата исплатена за месец март 2021 година изнесува 28.127,00 денари. Со последните измени на Законот за минимална плата, за 2021 година е 15.194,00 денари. Иако порастот на просечната и минималната нето плата на ниво на држава е за поздравување, вработените во администрацијата и правосудството за жал примаат плати и под просечната плата, но и под минималната плата.