• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

17.09.2019 година

rsz 20190917 105454

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) предлага нов начин на пресметка на платите во администрацијата, според кој, вредноста на бодот би се усогласувала со висината на просечната плата во државата секој месец. Доколку Владата не сака да отстапи од сегашниот концепт на плати Синдикатот на УПОЗ бара да се направи правилна пресметка на трошоците за храна и превоз коишто во брутото се пресметуваат со износот од 2009 година.

Синдикатот на УПОЗ на конференција за медиумите ја поздрави одлуката на Владата за зголемување на платите во администрацијата и јавниот сектор за 5 %, но не се согласува со предвиденото покачување на плати и предлага нов начин на пресметка на платите во администрацијата.

 За ваквиот став има и неколку причини кои во име на Синдикатот на УПОЗ ги изнесе генералниот секретар Трпе Деаноски. Имено, тој образложи дека минималната плата во овој момент е 12.600,00 денари, а просечната исплатена нето плата на ниво на држава за месец јуни 25.205,00 денари. Согласно со ова реалниот износ на минималната плата треба да изнесува 60% од просечната плата, односно 15.123,00 денари.

Од друга страна, пак, платите на вработените во администрацијата со вкалкулирано покачување од 5% ќе бидат плата на помлад референт 13.883,00 денари, на референт ќе биде 14.947,00 денари, а на виш референт 15.500,00 денари.

Синдикатот на УПОЗ смета дека дури и овие износи на плати не се реални затоа што во платите на администрацијата од 2009 година со концептот за бруто плата се пресметуваат и храната и превозот. Храната и превозот не смеат да бидат дел од платата, тие се трошок, а не плата. Моменталниот износ на трошокот на храната и превозот кој е вклучен во платата изнесува 3.200,00 денари. Кога овој износ ќе се одземе од платата на помлад референт, реалната плата изнесува 10.683,00 денари. Реалната плата на референт изнесува 11.747,00 денари, а реалната плата на виш референт 12.300,00 денари.

„Согласно овие примери овие групи вработени можат слободно да дадат отказ од своите работни места и да аплицираат за социјална помош, бидејќи социјалната помош за четири члено семејство во овој момент изнесува 12.000,00 денари. На овој начин овие вработени ќе и помогнат на Владата и да ја намали наводната превработеност во администрацијата. Владата треба да биде свесна дека со покачувањето на минималната плата, концептот на плати во администрацијата, судовите, обвинителствата и затворите ќе падне во вода, односно ќе биде апсолутно нефункционален и некористен.”, потенцираше генералниот секретар Трпе Деаноски.

Од овие причини а за да се избегне колапсот и неминовните штрајкови и протести, Синдикатот на УПОЗ предлага нов начин на пресметка на платите во администрацијата.

Имено, досега платите во администрацијата се пресметуваа по методологијата на бодови. Вредноста на бодот за пресметка на платите го носеше Владата. Висината на вредноста на бодот потоа се множеше со бодовите кој вработените ги добиваат за образованието и за нивото на работното место.

УПОЗ предлага вредноста на бодот за пресметка на платите да не ја носи Владата туку вредноста на бодот да биде просечната бруто плата исплатена на ниво на држава секој месец. Според Деаноски пресметката ќе се прави на следниот начин:

„Предлагаме Владата да ја замрзне моменталната вредност на бодот на административните службеници во износ од 81.1 денар. Вредноста на бруто исплатената плата за месец јуни изнесува 37.440,00 денари. Кога вредноста на бруто платата ќе ја поделиме со 81.1 денар, ќе ни го даде коефициентот кој ќе изнесува 462. Ваков систем на пресметка на плати веќе постои во многу земји во Европа и тоа значи дека ако просечната плата расте ќе расте и платата, а ако паѓа ќе се намалува и платата. На тој начин администрацијата ќе ја има и одговорноста која и се бара и за која цело време се зборува во јавноста, а воедно ќе учествува и во растот на БДП и растот на социјалниот стандард во државата”, образложи генералниот секретар.

На овој начин платата на помлад референт од 13.883,00 ќе дојде до 15.503,00 денари. Платата на референт од 14.947,00 денари ќе биде 16.287,00 денари, а платата на виш референт од 15.500,00 ќе дојде до 17.195,00 денари.

Иако со ваквата пресметка на плати зголемувањето во администрацијата ќе биде 12%, а не 5%, просечната плата исплатена во администрацијата повторно ќе биде под државниот просек и Владата сериозно ќе треба да размисли како да ги задржи кавалитетните и образувани кадри да не ја напуштаат администрацијата.

Владата пред неколку денови најави субвенција за работодавачите доколку на вработените им ги зголемат платите за 6.000,00 денари во нето износ. Оваа субвенција ќе биде наменета само за вработените во приватниот сектор, а со покачувањето од 5% вработените кои се со најниски плати во администрацијата и јавниот сектор ќе добијат зголемување од 500 денари.

Доколку Владата не отстапи од својот концепт на исплата на плати бараме да направи правилна пресметка на трошоците за храна и превоз.

Во 2009 година, со реформата на концептот на бруто плата, на вработените во пресметката на плата им се вклучија и трошоците за храна и превоз. Во моментот на вклучување на храната и превозот во бруто платата, износот за превозот бил 900,00денари, а износот на хранарината 2.300,00 денари.

Како вредност за пресметување на висината на превозот била земена цената на месечниот билет во јавниот градски превоз во Скопје. Додека пресметката на висината за хранарината е правена по принцип на дневна потрошувачка кошничка објавена од Државниот завод за статистика поделена на три оброци.

„Согласно последната објавена потрошувачка кошничка од Државниот завод за статистика, доколку месецот има 22 работни дена висината на трошокот за храна треба да изнесува 6.755,00 денари, а не 2.300,00 денари. На овој износ треба да се додадат 1.200, денари за превоз со што трошокот за храна и превоз би бил  вкупно 7.955,00 денари. На ваков начин, односно со правилна пресметка на храната и превозот платите на сите вработени во државата без разлика дали се во јавниот или приватниот сектор ќе се зголемат за 4.755,00 денари”, образложи генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, кој рече дека овие нивни предлози ќе бидат доставени и до Министерството за информатичко општество и администрација и до Владата на РСМ.

Денес Синдикатот на УПОЗ и писмено се обрати до Владата на РСМ, Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за финансии за заедничка средба на која би се разговарало и преговарало за овие прашања.