СИНДИКАТИТЕ И ВЛАДАТА НА ЗАЕДНИЧКА МАСА

На 22 октомври 2018 година, во Владата на РМ се одржа работен состанок меѓу претставниците на Владата на чело со претседателот Зоран Заев и претставниците на синдикатите, членки на ССМ. На средбата стана збор за повеќе актуелни прашања од сферата на трудот, а особено околу донесувањето на нов Закон за работните односи и Закон за синдикати и здруженија на работодавачи. Генералниот заклучок е дека евидентен е напредокот на социјалниот дијалог, но тој мора и натаму да се унапредува и не смее да има формален карактер.

 Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски во Владата на РМ остварија работен состанок со Претседателството на Сојузот на синдикати на Македонија.

Во рамките на овој работен состанок се отвори дебата за надминување на проблемите и состојбите со кои се соочуваат синдикатите, а се разговараше и за законските одредби од новиот Закон за работните односи чијашто цел е да ги унапреди правата на работниците и безбедноста при работа, синдикалното организирање и начините за утврдување на репрезентативноста на синдикатите.

Премиерот Заев порача дека Владата на РМ останува цврсто на определбите да работи за унапредување на правата на работниците во соработка и партнерски однос со синдикатите и работодавачите. Во таа насока, премиерот Заев рече дека политиките за зголемување на платите кои продолжуваат и во Буџетот за 2019 година се значаен чекор за подобрување на животниот стандард на работниците.

Тој посочи дека синдикатите мора да бидат будното око за правата на работниците и за таа цел мора да се работи на зајакнување на синдикалното организирање.

Средбата беше значајна од аспект на тоа што повторно по 12 години се воспоставува праксата на одржување на средби помеѓу ССМ и Владата на РМ. Ова е од особено значење за унапредување на социјалниот дијалог бидејќи на овој начин се отвора можност сите прашања со кои се засегнати работниците и синдикатите да бидат пренесени и дискутирани директно со претставниците на Извршната власт.

На средбата од присутните синдикати од јавниот сектор беше поставено прашањето за потпишување на Колективен договор за јавниот сектор. Во таа насока, зборуваше и претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски кој истакна дека евидентен е напредокот на социјалниот дијалог, но тој мора и натаму да се унапредува и не смее да има формален карактер.

Грујовски ја поздрави одлуката за промена на работното време, спогодбеното решавање на степенот на кариера на административните службеници со цел да се избегнат судските постапки постигнати како резултат на дијалогот со Синдикатот на УПОЗ и како резултат на политиките на Владата на РМ.

Претседателот Грујовски посебно се осврна на политиката на Владата за зголемување на платите во некои сегменти во јавниот сектор. Тој истакна дека Синдикатот на УПОЗ секогаш ќе ја поддржува секоја одлука на Владата на РМ, особено за зголемување на платите, но воедно смета дека зголемувањето на платите не треба да биде селективно и затоа ќе се залага за промена на Законот за плати. Посебно реагираше на фактот што оваа година административните службеници и покрај ветување за покачување на платите, во септември не ги добија ветените 5%. Притоа тој се заложи за поправедно зголемување на платите низ дијалог со синдикатите и нивно регулирање со Колективен договор.

Грујовски потенцираше дека некои одлуки и договори со Владата одредени работодавачи не ги почитуваат, како што е одлуката за работното време бидејќи во многу установи е фиксно и не е дозволено флексибилно работно време, односно доаѓање и одење на и од работа во време од еден час. Исто е и со степенот на кариера, отпорот околу потпишување на колективни договори, но и несоработка и непочитување на Синдикатот на УПОЗ како социјален партнер кој е и репрезент на вработените.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ особено го истакна нереализирањето и неисполнето ветување договореното на состанокот со Владата на РМ на 27.12.2017 година за враќањето на незаконски задржаните средства за време на штрајкот во 2016 година во судовите.

Да потсетиме. Владеачката партија додека беше во опозиција вети дека по преземањето на власта и формирањето на сегашната Влада задржаните средства за штрајкот во 2016 година веднаш ќе бидат вратени на вработените и ќе отпочне со промена на Законот за судска служба во поглед на додатоците на плата за сложеност на работа, но и по две години Законот се уште не е влезен во собраниска процедура.  

Epsu

Видеа

More Videos
Watch the video