Два месеци, штрајк во обвинителство, скоро цела година протести во судство, преговори со Влада се прекинати поради ароганцијата на Вицепремиерот Фатмир Битиќи и Буџет за 2024 година, во кој нема ништо за работниците ама има 78% за функционерите.
Да биде уште полошо, Владата има намера, во најбрз можен рок, во скратена постапка или со европско знаме да ги измени сите посебни закони за да вработените во месец март не добијат усогласување кога ќе се покачи минималната плата.
Згора не сето ова, пред неколку денови Вицепремиерот Фатмир Битиќи ја даде можеби најсрамната изјава за медиумите во историјата на Македонија.
Во изјавата Фатмир Битиќи, ги обвини вработените дека тие се виновни за незавршени предмети во судството, обвинителството и за состојбата во здравството и надвор од секој здрав разум кажа дека ако се зголемеле платите, нема да има пензии, домување за студентите и учебници за учениците.
Не личи, Вицепремиер на Влада наместо, да ги решава проблемите на граѓаните да ги хушка и да игра со емоциите на пензионерите, родителите и студентите дека вработените се виновни за се што се случува во државата.
Бидејќи новата вредност на просечната плата за месец септември е 37.876,00 денари, го повикувам Фатмир Битиќи да дојде овде и да праша кој од овие вработени има 37.876,00 денари плата.
Да праша колкави се платите на овие вработени овде и како преживуваат, и да објасни како тоа вработените кои можат да го сонуваат просекот на државата се виновни за се што е лошо, а тој и неговите другари функционери од сите политички партии се херои кои заслужуваат да добијат 2.500 евра плата од народни пари.
Денес тука се само мал дел од вработени од судство, обвинителство, фонд за здравство, државниот завод за статистика, министерства, секретаријати, инспекторати, агенции, фондови управи ... потенцирам мал дел, а поддршка на овој протест даде и СО при Кабинет на Претседател на РСМ.
Доколку пратениците во Собранието, не почнат да ја работат својата работа и не застанат на страната на работниците, кога ќе го гласаат новиот Буџет, да знаат дека се ближат избори, а вработените памтат.
За крај и покрај сите притисоци од директори, раководители и разно разни душебризници тука сме, дојдовме, а следниот пат ќе дојдеме и побројни.