• sl0.jpg
  • sl1.jpg
  • sl2.jpg
  • sl3.jpg

04.04.2021 година

На 05.04 пред 30 години, е формиран Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија.

Имено, паралелно со одвивањето на промените во синдикалното движење во државата, Синдикатот на УПОЗ започна процес на осовременување и следење на трендовите за изградба на силен и моќен синдикат во заштита на своето членство. Реформите ги започна со одржување на Првото Собрание (27.02.1990 год.), а на 5 април 1991 год. е основан Синдикатот на управа, правосудство, општествени организации и здруженија на граѓани на Македонија како правен следбеник на Републичкиот одбор на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и финансиските организации.

Со Решение на Министерството за внатрешни работи (УП. бр. 38-6136) од 12.09.1991 год. Синдикатот е запишан во Регистарот на општествени организации и здруженија на граѓани, под името: Синдикат на работниците од управата, правосудството и општествените организации и здруженија на граѓани на Република Македонија. Со истиот назив, Синдикатот е запишан и во Регистарот на синдикалните организации, со Решение на Министерството за труд и социјална политика (бр. 08-551) од 30.09.1994 год.

Со сегашниот назив: Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија, кој е утврден на Петтото собрание на Синдикатот од 11.01.2006 год., Синдикатот е запишан во Централниот регистар под ЕМБС: 04256816.

Синдикатот на УПОЗ, според Статутот од 2015 год. (член 1), кој е на сила, претставува: Доброволна, самостојна, демократска, независна и непартиска организација на вработените во: државната управа, локалната самоуправа, правосудните органи, здруженијата на граѓани, други служби и правни лица во државната и јавната управа, како и сите правни лица основани од Владата на Р. Македонија.“

Првото собрание на Синдикатот на УПОЗ се одржа на 27.02.1990 год. Собранието го одржа Републичкиот одбор на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и финансиските организации со цел Синдикатот да се трансформира во: демократска, самостојна, независна организација која ќе се бори за остварување на посебните права и интереси на вработените од дејностите што ги опфаќа Синдикатот. Усвоениот Извештај за работата на Републичкиот одбор се однесуваше за периодот од месец април 1986, до месец февруари 1990 год. а Акционата програма за наредните задачи за периодот 1991 до 1994 год. И во двата документа, и во расправата од делегатите ан Собранието централно место беше дадено на потребата од активности за промовирање, потпишување и практикување на колективните договори на сите нивоа, Собранието ја потврди трајната определба на Синдикатот на УПОЗ колективните договори да бидат основен инструмент за регулирање на правата од работен однос. Синдикатот особено се залагаше за потпишување на посебен Општ колективен договор, бидејќи ОКД кој беше потпишан во 1990 год. од страна на ССМ и Стопанската комора на Македонија се однесуваше и за стопанството и за јавниот сектор. Исто така, заложба на Синдикатот беше врз основа на ОКД да се потпишуваат грански колективни договори, односно колективни договори на ниво на работодавач.

Првото Собрание на Синдикатот на УПОЗ усвои Програма за работа за наредниот период и донесе заклучок дека треба да се интензивираат активностите за реформа и афирмирање на Синдикатот како независна, самостојна, непартиска работничка организација која без никакви притисоци и влијанија ќе ги остварува програмските определби во интерес на членството и општо за вработените во Република Македонија. Синдикатот мора да се избори за својата позиција во општеството како социјален партнер и практикување на механизмите на социјалниот дијалог, со што ќе придонесува за изградба на современо, демократско општество во кое трудот ќе биде единствениот фактор за индивидуалниот и колективниот просперитет. Социјалното партнерство е најефектниот начин за решавање на социјалните конфликти и Синдикатот мора да биде вклучен во секој проект во државата кој се однесува на правата и интересите на работниците.

Процесот на осамостојувањето во посебен Синдикатот на УПОЗ по одржувањето на Првото собрание, ја наметна потребата од подготовка на посебни акти: Статут на Синдикатот; Правила за организирање; Правилник за работни односи; Правилник за организација и систематизација на работите и работните задачи; Правилник за распределба на средствата за плати; Правилник за формирање и распределба на средствата од Синдикалниот фонд. Со регистрирањето и отворањето на жиро-сметка, Синдикатот како правно лице стекна финансиска независност.