Синдикатот на УПОЗ испрати писмено барање до Судскиот буџетски совет за правилна исплата на додатоците и надоместоците на плата, но и исплата на разликата на додатоците на плата за последните три години.
Во натамошниот текст, Ви го пренесуваме барањето на Синдикатот на УПОЗ.
“Согласно одредбите на Законот за судска служба и Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судските службеници (бр.01-285/1 од 13.02.2019 година), судскиот буџетски совет изминатите години неправилно ја исплаќаше разликата во додатоци и надоместоци на плата, на начин што не ја зголемуваше основицата на платата со процентот на работното искуство на судските службеници.
Имено, согласно член 65 став 1 од Законот за судската служба вработениот во судската служба има право на плата и надоместоци од плата, која што одговара на неговото работно место според услови и критериуми утврдени со овој закон и/или колективен договор, додека пак согласно став 2 платите и надоместоците од плата на вработените во судската служба се обезбедуваат од судскиот буџет.
Во член 66 од Законот за судска служба е предвидено дела платата на судскиот службеник се состои од следните компоненти: основна компонента и исклучителна компонента.
Во член 1 од Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судските службеници (бр.01-285/1 од 13.02.2019 година), се уредуваат додатоците на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судските службеници во Врховниот суд, Вишиот управен суд, апелационите и основните судови.
Членот 7 од Правилникот ја регулира висината на платата на судските службеници во процентуален износ од основната плата за судскиот службеник и тоа:
- Посебни услови за работа во висина од 5%;
- Постоење на висок ризик во висина од 10%;
- Доверливост во висина од 10%, и
- Ноќна работа, работа во смени и прекувремена работа во висина до 10%.
Во член 8 од правилникот е предвидено дека додатоците на плата од членот 2 меѓусебно не се исклучуваат.
Во член 67 став 4 од Законот за судската служба е предвидено: Работното искуство на судскиот службеник се вреднува во износ од 0.5% во делот на основната плата со која се вреднува образованието и додатокот на плата за звање, за секоја навршена година работен стаж, а најмногу до 20%.
Согласно на се горе наведеното бараме во рок од 8 дена Судскиот буџетски совет доброволно да ги исплати задоцнетите обврски за секој судски службеник посебно, а притоа да има во предвид дека овие обврски треба да се исплатат ретроактивно за три години.
Доколку решите да не постапите по ова наше барање Ве известуваме дека Синдикатот на УПОЗ ќе преземе законски дејствија и ќе го застапува секој вработен посебно со цел остварување на ова право.”