ПОТПИШАН КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ВО ЦАРИНСКАТА УПРАВА НА Р.С.МАКЕДОНИЈА

На 12.06.2020 година, Синдикатот на УПОЗ и Царинската управа на Р.С. Македонија потпишаа Колективен договор за вработените во царинската управа.

Во 2009 година, под притисок од страна на работодавачот, Синдикална организација при Царинската управа членка на Синдикатот на УПОЗ беше расформирана заради неприфаќањето на Синдикатот на УПОЗ да потпише Колективен договор со одредби по желба на тогашниот директор.

Во 2018 година, по цели 11 години, вработените повторно се организираа и формираа синдикална организација а во Синдикат на УПОЗ препознаа Синдикат кој ќе ги застапува вработените пред работодавачот во остварување на поголеми права од работен однос. За цели две години, синдикалната организација при Царинската управа веќе брои повеќе од 500 членови.

Двете страни извесен период работеа на подготовка на текстот на колективниот договор со желба да се унапредуваат и уредат сите специфики на работењето на вработените во Царинската управа.

Како поголеми придобивки со потпишувањето на Колективниот договор можеме да го издвоиме регресот за годишен одмор, исплата на теренски додаток, зголемен број на денови за платените отсуства, поголема пауза за вработените кои работат повеќе од 12 часа итн.  

Претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски, претседателот на Синдикалната организација Тони Апостоловски и Директорот на Царинската управа Ѓоко Танаскоски го истакнаа  своето задоволство од соработката и од крајниот резултат. Особено беше потенцирано дека е битно одредбите од овој Колективен договор да се почитуваат и да се применуваат како од страна на работодавачот така и од вработените.