Синдикатот на УПОЗ и МИОА започнуваат подготовка на грански колективен договор

Министерот за инфоратичко општество и администрација Дамјан Манчевски, по покана на Синдикатот на УПОЗ присустуваше на 12-тата седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ, каде ги претстави активностите на МИОА во делот на реформата во јавната администрација.

 

Министерот во соработака со Синдикатот на УПОЗ, најави формирање на работна група за изготвување на грански колективен договор за вработените во органите на државната управа.

"На овој начин се оди чекор напред во заштита на правата на овие вработени. Со гранските колективни договори подетално и појасно ќе се уредуваат правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос. Целта е работниците да се вклучат директно во работниот процес со цел да се зголеми свеста за нивните права, но и продуктивност. Тоа значи дека вработените ќе имаат целосни и јасни информации за сите процеси што произлегуваат од нивниот работен ангажман, правилата за користење на одмор, слободни денови, обврска на работодавчот да обезбеди стручно оспособување и соодветни обуки итн", истакна министерот Манчевски.

На седницата се отвори и прашањето за спогодбата за степенот на кариера. Во тек се активностите во насока степенот на кариера да биде исплатен на сите административни службеници кои исполнуваат услови за тоа, а веќе започнатите судски постапки да се завршат со судско порамнување или спогодба. На тој начин вработените ќе добијат финансиски додаток, што противзаконски им бил оневозможен и ќе се спречи понатамошно оштетување на Буџетот на РМ.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски и останатите членови на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ ги поздравија заложбите на МИОА и отвореноста на Министерот Манчевски за соработката и вклучувањето на Синидкатот на УПОЗ при носењето на одлуките кои ги засегаат вработените во администрацијата.