НОВАТА ВРЕДНОСТ НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА И УСОГЛАСУВАЊЕ НА ОСТАНАТИТЕ ПЛАТИ ГЛАВНА ТЕМА НА СРЕДБАТА СО МИНИСТЕРКАТА ЈОВАНКА ТРЕНЧЕВСКА

Скалесто зголемување на платите во администрацијата и правосудството, измената на посебните закони кои ги регулираат платите во администрацијата и правосудството и проблемите на вработените во центрите за социјална работа беа дел од прашањата на Синдикатот по кои се разговараше на средбата со Министерката Јованка Тренчевска.

На барање на Синдикатот на УПОЗ,  Претседателот на Синдикатот Трпе Деаноски, Генералниот секретар Бојан Трипуноски, членот на Извршниот одбор Александар Диље и претставникот на Синдикатот на УПОЗ од Центрите за социјална работа Габриела Јаневска Гиовска одржаа работна средба со Министерката за труд и социјална политика г-ѓа Јованка Тренчевска.

Главно прашање на оваа средба беше скалестото усогласување на платите на вработените во управата и правосудството со новата вредност на минималната плата. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски ја истакна потребата од итни измени на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството. Истакна дека само со измени на посебните закони вработените во управата и правосудството ќе можат да добијат скалесто усогласување на нивните плати со новата вредност на минималната плата, а доколку вакви измени не се направат во најбрз можен рок ниту оние вработени кои се најмногу погодени (референтите) нема да можат да ја добијат минималната плата.   

Ова е од причина што системот на плати во администрацијата и правосудството е на систем на бодови и доколку не се измени вредноста на бодот или бодовите за ниво и образование, нема да може да се исплати минималната плата.

Од страна на претставникот на Синдикатот на УПОЗ од Центрите за социјални работи Габриела Јаневска Гиовска, Министерката за труд и социјална политика исто така беше запознаена и за проблемите со кои веќе подолго време се соочуваат вработените во центрите за социјални работи и беше предадена листа на барања за кои се очекува решавање.

Министерката Тренчевска посочи дека прашањето за покачување на платите во администрацијата ќе го отвори на владина седница, бидејќи стандардот на работниците се приоритет на Владата и исто така истакна дека администрација ја има нашата поддршката на Владата, бидејќи само професионална и задоволна јавна администрација е продуктивна.

Во врска со проблемите во центрите за социјални работи Министерката информираше дека за дел од барањата веќе се преземени конкретни чекори со кои конечно ќе се решат дел од проблемите, а дека останатите барања ќе се решаваат преку социјален дијалог во кој ќе бидат вклучени и претставници на Синдикатот на УПОЗ.

На крајот двете страни истакна дека Социјалниот дијалог и социјалното партнерство мора да постојат и најбитните прашања вклучително и прашањето за покачување на платите во администрацијата, ќе се реши заедно во најбрз можен рок.