НОВИТЕ ВРЕМИЊА НОСАТ НОВИ ПРЕДИЗВИЦИ ЗА СИНДИКАТОТ

Обраќање на Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски по повод - 30 ГОДИНИ ОД ФОРМИРАЊЕТО НА Синдикатот на УПОЗ.

Почитувани членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија, почитувани гости, ви посакувам топло добредојде на одбележувањето на јубилејот - 30-години од формирањето на Синдикатот на УПОЗ. Ви  благодарам за вашето присуство на овој, за нас значаен јубилеј.

Синдикатот на УПОЗ е „доброволна, самостојна, демократска, независна и непартиска организација на вработените во државната управа, локалната самоуправа, правосудните органи, здруженијата на граѓани, други служби и правни лица во државната и јавната управа, како и сите правни лица основани од Владата на РМ“.

До 1991 година дејствуваше како Републички одбор во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија. Но, промените кои настанаа во општествено-економските односи ја наметнаа потребата од реформи и приспособување на новите услови.

За да одговори соодветно на такви предизвици, неминовно беше Синдикатот да се реформира и да се конституира како современа, модерна работничка организација, со нов начин на организирање, нови методи на дејствување, за да може да се избори за остварување на подобри  права за своите членови, да ги имплементираат во нашиот правен систем универзалните кодекси за работниот однос на Европската унија и Меѓународната организација на трудот, да ја издигне на повисоко ниво свеста на нашето членство и на пошироката јавност дека примарно во нашата држава е работниците да бидат клучните актери и да имаат право да бидат вклучени во предлагањето и носењето на сите законски решенија и економско-социјални политики кои се однесуваат на нивниот статус.

Во интерес на времето, во моето излагање ќе се задржам на неколку прашања на кои Синдикатот на УПОЗ посветено се залагаше во своето30-годишно работење.

1. Синдикатот на УПОЗ своите реформи ги започна со одржување на Првото Собрание на 27.02.1990 год., а 5 април 1991 год. е ден кога и официјално е основан Синдикатот на управа, правосудство, општествени организации и здруженија на граѓани на Македонија како правен следбеник на Републичкиот одбор на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и финансиските организации. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на основачите на Синдикатот на УПОЗ за нивната ангажираност и визија за она што денес претставува Синдикатот на УПОЗ – признат и респектиран социјален партнер.

Во Синдикатот денес се здружени 110 синдикални организации, во кои вработените се зачленуваат слободно, доброволно и врз сопствено убедување без разлика на: политичките и религиозните убедувања, национална, етничка, расна припадност, пол, возраст, здравствена состојба, социјално потекло, итн.  

Членовите беа моторната сила на Синдикатот во изминатите години, ониекои веруваа во синдикатот и ги следеа и реализираа неговите активности.

 Во изминатите 30 години, Синдикатот на УПОЗ има одржано седум собранија, на кои се усвојуваа документи за наредните активности и остварување на посебните права и интереси на вработените од дејностите што ги опфаќа Синдикатот на УПОЗ, а се сумираа и постигнатите резултати од работењето.

Синдикатот на УПОЗ од самото формирање е здружен врз доброволна основа во Сојузот на синдикатите на Македонија за остварување на заедничките економско-социјални и синдикални права на синдикалното членство. За истакнување е дека од  Синдикатот на УПОЗ во два мандата за претседател на ССМ беше избран Ванчо Муратовски.

2. На планот на економско-социјалните прашања сакам да истакнам дека Синдикатот на УПОЗ во сиот овој изминат период беше и се ангажираше за имплементирање на проекти и законски решенија кои ќе бидат во интерес на подобрување на материјално-социјалната положба и животниот стандард на своето членство.

Во оваа смисла, Синдикатот на УПОЗ со своето дејствување постигна конкретни резултати и се избори да се укинат повеќе пакет мерки на Владата на РМ кои се однесуваа на намалувањето на голем број работни места во јавната администрација; да нема прогласување на технолошки вишок и принудни одмори. Беше против  најавениот трансфер на вишокот вработени од јавниот во приватниот сектори и сметаше дека во многу институции во државната и локалната самоуправа, не само што нема вишок на вработени, туку има потреба и од нови вработувања.

Платата како основно работничко право е навистина сензитивна тема и секогаш сме ја третирале како примарна. На резултатите што ги постигна Синдикатот на УПОЗ во делот на платите му претходеа маратонски преговори, работни средби, протести, штрајкови итн.Платите и натаму остануваат актуелна тема и предизвик за нас, и ќе продолжиме да се ангажираме да се уредуваат согласно колективните договори, нивната висина и реална пресметка да биде во согласност со вложениот труд и животните потреби.

3. Во однос на трудовото законодавство во нашата држава, Синдикатот на УПОЗ се залагаше со новите закони и правни прописи да се унапредуваат работничките права и да се темелат врз меѓународните трудови стандарди утврдени во конвенциите, препораките и директивите на ЕУ и на Меѓународната организација на трудот.

За Законот за работните односи, како основен и општ материјален закон и работнички устав, Синдикатот на УПОЗ сметаше дека во сите фази на неговите измени и дополнувања треба да биде вклучен и да бидат почитувани неговите ставови и мислења. Голем успех за нашиот синдикат е тоа што во ЗРО колективните договори станаа задолжителни за уредување на правата на работниците; се утврди позицијата на синдикатот како социјален партнер; синдикалниот претставник доби заштита и се утврди обврската за создавање услови за работа на синдикатот.

Синдикатите не беа секогаш вклучувани при носењето на измените и дополнувањата на ЗРО. Затоа поднесувавме иницијативи за преиспитување на уставноста на дел од решенијата.

За Синдикатот на УПОЗ од посебен интерес беа и се законите кои ги уредуваат правата од работниот однос на вработените од секторите што ги опфаќа: Законот за државните службеници; Законот за организација и работа на органите на државната управа; Законот за локална самоуправа; Законот за инспекциски надзор; Законот за јавни службеници; Законот за вработените во јавниот сектор; Законот за административни службеници; Законот за извршување на санкциите; Законот за судски буџет; Законот за судска служба; Законот за јавнообвинителска служба, и др.

Овие закони се носеа со цел да се направат реформи во јавната администрација кои започнаа уште од 1999 година и траат до денес, со цел таа да биде ефикасен сервис на граѓаните и стопанските субјекти и дел од активностите на европската интеграција. Синдикатот на УПОЗ ги поддржа реформите, но жестоко реагираше при носењето на законите без нужниот консензус. Синдикатот на УПОЗ укажуваше на потребата за доследност и правичност во нивното спроведување, бараше реформите да не се сведат на скратување на правата на вработените, туку да се обезбеди сигурност на работниот однос и тие да бидат мотивирани во наградувањето на нивниот труд.

Лошите решенија и неприфаќањето на дел од предлозите и забелешките на Синдикатот на УПОЗ при носењето на овие закони и нивни измени и дополнувања беше повод за одржување на јавни протести, предупредувачки и генерални штрајкови и протести и покренување иницијативи до Уставниот суд на РМ за поведување постапки за нивната уставност.

Исто така, во праксата често се прекршуваа одредбите од овие закони, за што  Синдикатот на УПОЗ им пружаше правна помош на своите членови, се покренуваа судски постапки и бесплатно застапување на членовите од страна на нашите правни застапници.

Синдикатот на УПОЗ и натаму е подготвен да придонесува во хармонизацијата на македонското со европското законодавство и очекува дека ќе биде почитуван како репрезентативен социјален партнер и активно ќе се вклучи во подготовката на нови и измена и дополнување на постојните трудови закони.

4. Колективните договори за нас претставуваат значајна одговорност во долгорочната стратегија и се постојан предизвик за изнаоѓање оптимални решенија тие да го заземат вистинското место во процесот на уредувањето на односите во областа на трудот и да се сфатат како придобивка и како извор на правото.

Синдикатот на УПОЗ е репрезентативен на ниво на гранка, односно оддел во јавниот сектор и по трет пат во континуитет добива решение за репрезентативност. Со тоа добива легитимитет да преговара со работодавачите и да потпишува колективни договори.

Синдикатот на УПОЗ во 1995 год. со Министерството за правда го склучи првиот Колективен договор  за вработените во државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на РМ, и Колективниот договор за општествените организации и здруженија на граѓани на РМ, а во 2020 год. со Министерството за информатичко општество и администрација  потпиша нов Гранскиот колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата на Република Северна Македонија, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините, Градот Скопје и општините на градот Скопје, агенциите, фондовите и другите органи основани од Собранието на Република Северна Македонија, со кој добивме поголеми и поповолни права од правата предвидени со законите и Општиот колективен договор за јавниот сектор.

Колективните договори на ниво на работодавач се потпишуваат во континуитет во изминативе две-три години, иако во некои установи беше присутен отпор кај работодавачите заради отсуството на сознанијата за нивното значење на ова ниво.

Последните години во делот на колективното договарање и преговарање за склучување на поединечните колективни договори е особено интензивен и   беа потпишани 30-тина колективни договори на ниво на работодавач.

Протестите и штрајковите ги заменивме со дијалог и преговори со работодавачите и унапредивме повеќе права на вработените а некои права кои во меѓувреме беа изгубени, повторно ги вративме Затоа сметам дека ова е еден од најназначајните периоди за Синдикатот на УПОЗ за период од 30 годишното постоење во делот на колективното договарање.

Но наместо да се радуваме на таквите успеси, приморани сме со некои работодавачи да се убедуваме доследно да ги применуваат. Па наместо со штрајкови, сега ќе треба правата да ги остваруваме по судски пат, што фрла сенка на новосоздадениот амбиент за социјално партнерство.

5. Правото на штрајк и протести е легитимно право на вработените утврдено со највисокиот правен акт во државата - Уставот на Република Северна Македонија и со Законот за работните односи.

Во изминатите 30 години често се соочувавме со игнорантски однос од страна на работодавачите. Често работодавачите не избираа средства како да се спречат штрајковите. Учесниците на штрајковите беа заплашувани со отказ од работа и дека на нивно место ќе бидат вработени други лица, незаконски не им исплаќаа плати за време на штрајкот и сл. Но, и покрај ваквите закани, членовите беа единствени и истрајни  во остварувањето на своите барања.

Ќе останат запаметени 8--дневниот штрајк на судовите во 2000-2001 година, 60-дневниот штрајк во 2016 година на судската администрација, Првомајските протести особено најмасовниот во 2015 година, двонеделниот штрајк на синдикатите од јавниот сектор чиј предводник беше нашиот синдикат кога за првпат со штрајк беше издејствувано зголемување на платите од 20%. Ќе останат запаметени уште стотици акции на Синдикатот на УПОЗ кои во изминатите 30 години кога синдикализмот буквално не се чувствуваше дека постои. Тука бевме ние да покажеме и докажеме дека постоиме. Го искажуваше незадоволството и револтот на нашето членство од неповолната економско-социјална положба и на првомајските протести.

Ќе останат запаметени паролите под чие мото беа организирани штрајковите кои ги организиравме:

  • НЕ НЕ ПЛАШИ МИНИСТЕРОТ ЗА ПРАВДА, НЕ ПЛАШИ ПРАВДАТА НА МИНИСТЕРОТ
  • НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ НЕПРАВДАТА ДА ВЛЕЗЕ ВО ПАЛАТАТА НА ПРАВДАТА
  • Како и пораката од први Мај – НЕ БИДЕТЕ ОПУШТЕНИ ДА НЕ БИДЕТЕ ОТПУШТЕНИ (Порака од Првомајскиот протест 2015 година).

Непосредно пред одбележувањето на Први мај во 2013 година на Иницијатива на Синдикатот на УПОЗ беше потпишана Повелба за солидарност на синдикати и здруженија за заштита на работнички права и потребата од нов лик на синдикализмот кој можеше да го дадат синдикатите потписнички на Повелба, во тоа време најпрогресивните синдикати во државата, кои единствени останаа надвор од влијанието на работодавачите и политичките партии. Инцијативата на Повелбата и нејзиното прифаќање произлезе од неопходноста за обединување и заедничка соработка на синдикатите за придонес во запирањето на крајно негативните трендови во трудовото законодавство и влошувањето на условите за работа на сите работници и членови на синдикатите во Република Македонија. Покрај Синдикатот на УПОЗ, како иницијатор и основач на ова синдикално движење,  Повелбата ја потпишаа и: Самостојниот синдикат на клиничкиот центар (ССКЦ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) и Движењето за социјална правда „Ленка“. Во наредните години на Повелбата за солидарност се приклучија и други синдикати и здруженија, како и левичарски движења.

Значајно место во агендата на нашите активности има Солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ, основан во 1994 год. на барање на членството.

Во историјата на синдикализмот кај нас, УПОЗ ќе остане забележан како единствен синдикат кој на двапати им ги исплати неоправдано и незаконски одземените плати на штрајкувачите во 2000-2001 и 2016 година како и тоа дека со почетокот на здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид-19, прв почна да им доделува парична помош од Солидарниот фонд на своите членови и за период од една година и три месеци додели околу 50.000 евра помош на заболените.

Покрај Солидарниот фонд, Синдикатот на УПОЗ изнаоѓа начини за помош на членството за подобрување на животниот стандард. Во таа функција, има склучено договори за соработка со повеќе организации и институции кои се однесуваат на: здравствени услуги; образование; финансиски услуги; телекомуникациски услуги; осигурување; туристички понуди, и др.

Синдикатот на УПОЗ од 1996 год. е рамноправна членка на Меѓународната организација на синдикатите од јавните служби (PSI) и на Европската организација од јавните служби (EPSU).

Една од долгорочните стратешки активности на Синдикатот на УПОЗ е и континуираното бесплатно образование и обука достапно за што поголем број синдикално членство: семинари, конференции, панел-дискусии, тркалезни маси, трибини, синдикални академии, работилници, тренинзи, синдикални школи, кампањи и др.

Синдикатот на УПОЗ е носител и партнер во многубројни проекти од едукативен карактер со: ПСИ, ЕПСУ, Mеѓународната организација на трудот, Фондацијата „Фридрих Еберт“ која отвори Канцеларија во нашата држава уште пред 25 години, како и со националните синдикални централи од странски држави, и др. 

Синдикатот на УПОЗ беше прв Синдикат здружен во ССМ и пошироко којшто започна со едукација на своето членство преку организирање на синдикални школи, кои се организираат и денес. Првата синдикална школа беше одржана во 1994 год.  Предавачи на синдикалните школи беа еминентни професори и научни работници од нашата држава но и истакнати синдикални активисти.

Почнувајќи од 1995 год., традиционално, секоја година, Синдикатот на УПОЗ организира и спортски игри и средби, на кои секоја година учествуваа во просек од над 700-800 членови на Синдикатот на УПОЗ на почетокот, до 400-500 во последните десетина години. Фер натпреварувањето на спортските екипи и поединците, дружењата и забавата, беа карактеристики на сите спортски игри. На спортските игри и средби редовно присуствуваат и гости од синдикати од земјите од регионот.

Во 2019 година се одржаа јубилејните 25-ти спортски игри и средби.

Спортските игри имаат натпреварувачки карактер, но најголемата придобивка се дружењето, запознавањето и непосредни контакти  и секако, убавите спомени.

 Спортски рекреативни игри и средби се одржуваат и на меѓународно ниво,  во организација на синдикатите на земјите од Југоисточна Европа, на кои се натпреварува но и другаруваме и се забавуваме. Синдикатот на УПОЗ два пати беше   домаќин на овие игри.

Во изминатиот период, особено во транзицискиот период, на информирањето се гледаше како на споредна работа, а не како на дејност од посебен интерес. За Синдикатот на УПОЗ ова не беше прифатливо и во континуитет го развиваше и интерното и екстерното синдикално информирање. Низ годините се наметнуваше потребата од постојано менување и усовршување на концептот и пристапот на информирањето заради брзиот развој на информатичката технологија. Од 1997 год. Синдикатот на УПОЗ започна да издава свој „Билтен“, а подоцна, и повторно прв меѓу синдикатите отвори своја ВЕБ страница. На тој начин се обезбедува навремен пристап за синдикалното членство и пошироката јавност до сите информации за активностите на Синдикатот.

Синдикатот на УПОЗ посветува особено внимание и на издавачката дејност како богат извор за трајно користење на искуствата, меѓународните документи од трудовата сфера, социјалното партнерство и демократските односи во нашата држава. Издавањето на Монографијата на Синдикатот на УПОЗ која денес ќе ја промовираме е уште една потврда за нашата посветеност на пишуваниот збор.

Почитувани членови на Синдикатот на УПОЗ, почитувани гости, на крајот сакам да изнесам дека новите времиња носат нови предизвици за Синдикатот на УПОЗ, со што се потврдува дека синдикалната борба е вековна и не застанува во остварување и унапредување на трудовите права и интереси. Таа цел бара и натаму постојана модернизација и реформи на Синдикатот, за да биде уште поцврст, помобилизиран и поединствен во остварувањето на своите определби и да придонесува Република Северна Македонија и натаму да се гради како демократска, правна и социјална држава.