ПРОСЛАВАТА ЗА ЈУБИЛЕЈОТ ОДЛОЖЕНА

На 05.04.2021 година, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија прославува 30 години од формирањето.

Заради здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид – 19, Синдикатот на УПОЗ не е во можност да организира прослава на овој значаен јубилеј. Во наредниот период кога ќе бидат создадени услови овој јубилеј ќе се обележи на соодветен начин и на истиот ќе бидат поканети членовите на органите и телата на Синдикатот пријатели и долгогодишни соработници на Синдикатот, гости од синдикатите од државата и странство со кои Синдикатот на УПОЗ соработувал, претставници на Владата и др.

На оваа свеченост ќе биде промовирана и монографијата во која се содржани сите позначајни моменти од формирање на Синдикатот до денес.

За монографијата и Синдикатот на УПОЗ Ви пренесуваме кратки извадоци од рецензиите на Проф. Д-р Борче Давитковски и Проф. Д-р Нано Ружин.

Проф. Д-р Давитковски вели: „Mоже да се заклучи дека УПОЗ како современа, демократска работничка организација и како дел од Сојузот на синдикатите на Македонија претставува перјаница во развојот и апликацијата на синдикалното организирање во нашата држава.

УПОЗ е еден од ретките членки на Сојузот на синдикатите на Македонија којшто во повеќе наврати обезбеди социјален дијалог со државата (бидејќи негови партнери главно се соодветните министерства и Владата) со што се отсликува и неговата водечка улога во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Морам да истакнам, како учесник во многуте синдикални школи за едукација на своето членство што ги организираше УПОЗ, дека тој покрај со секојдневното синдикално организирање на своето членство особено се грижеше и се обидуваше да го надогради и стручниот / научниот потенцијал на своите органи и на своите членови. Не случајно – како резултат на овие одржани синдикални школи 31 – УПОЗ го зазема водечкото место во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија, а особено во заштитата на вработените во јавниот сектор на Република Северна Македонија.

Проф. Д-р Нано Ружин истакнува: „ Овој Синдикат, благодарение, пред сè, на визиите на нејзиното раководство предводено посебно од страна на претседателите Ванчо Муратовски и Пецо Грујовски, започна тешка битка за да го издигне „болниот синдикален синдром“ од „состојбата на инфузија“ на ниво на нов современ реформиран синдикален субјект, значаен и реформиран социјален партнер со другиот партнер - државата како работодавач. Она што охрабрува, пред сè, е подмладувањето на организацијата и уранотежената полова и етничка застапеност во структурите на Синдикатот на УПОЗ ...

... Социјалниот дијалог во јавната администрација е во центарот на прокупациите со оглед на нејзината специфичност во доменот на актуелните и идните трансформации на Синдикатот на УПОЗ. Монографијата за Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на гражани на Република Македонија (1991-2021), го изразува тешкиот пат на овој синдикат од стекнувањето на независноста на државата, преку реформите на ССМ, до неговото приспособување кон современите европски текови на синдикалното организирање и дејствување“.