Вчера Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација го искажа својот револт во однос на Одлуката со која за месеците септември и октомври добија додатоци на нивните плати за 10% а судската администрација 5%.

Изјавата на Судскиот буџетски совет објавена вчера во медиумите како одговор на нашата реакција е манипулација со јавноста и без трошка морал и одговорност. За таа цел сакаме да ја информираме јавноста за вистинските состојби во поглед на платите и додатоците на плата.

Платите на судските службеници не се зголемени за 5% туку со промена на Одлуката на Владата донесена на 10.01.2019 година, а објавена во Службен весник бр.4/2019, истата е пресметана со зголемена вредност на бодот од 77.24 на 81.10. Додека Законот за изменување на законот за исплата на плата во РСМ кој предвидува можност за зголемување на платите до 5%, Службен весник бр.202/2019, воопшто не е применет во пресметката на платите на судската служба.

Додатоците на плата се додатоци за посебни услови при работа, кои се и треба да бидат исти и за судиите и за судската служба. Платите пак на судиите се регулирани со посебен закон во кој нема измена на нивно зголемување.

Но судиите од Судскиот буџетски совет да не останат “покуси”, го прекршија законот како и многупати до сега, па наместо 5% додатоци на плата си доделија уште 5%, наводно како компензација затоа што тие не добиле зголемување на плата од 5% како судската администрација. Со тоа покажаа основно непознавање на законите или намерно кршење со цел да остварат што поголеми примања, притоа не правејќи разлика што е плата и како таа може да се зголеми а што е додаток на плата кој треба да биде еднаков за судиите и за судските службеници.

За да бидат работите појасни, ќе го кажеме и ова. Во периодот (пред повеќе од 15 години) кога статусот на вработените во судовите беше регулиран со Законот за судови, платата на судскиот соработник изнесуваше 80% од платата на судијата. Сега платата на судските соработници изнесува само 30% од платата на судијата.

Така преку нивниот самостоен судски буџет, судиите отидоа превисоко со платите а судските службеници останаа на дното и се направи огромна разлика. За судиите секогаш има законска можност, а за судската администрација секогаш наоѓаат законски пречки ако треба да се зголемат нивните плати или додатоци.

Членовите на Судскиот буџетски совет со години го злоупотребуваат судскиот буџет и располагаат со него како сакаат, како да е оставено од нивните родители.

Од овие причини, години наназад судовите се рекордери по бројот на штрајкови и протести како израз на нивното незадоволство од однесувањето на овие кои располагаат со судскиот буџет.

Денес, во просториите на Фондот за здравствено осигурување на РСМ(ФЗОРСМ) се одржа работна средба, помеѓу претставниците на Синдикатот и ФЗОРСМ претставуван од страна на директорите на фондот.

На средбата се разговараше за барањето на Синдикатот за зголемување на платите на вработените и активности за потпишување на колективниот договор во ФЗОРСМ.

Во врска со барањето за зголемување на платите беше договорено следново:

  • Да се разгледа можноста за корекција на бодовите за сите категории вработени согласно Законот за здравствено осигурување како и Правилникот за висина на платите, кое би започнало да се применува од почетокот на наредната година;
  • Воедно евентуално изнајдените решенија мора да се направат во рамките на можностите на ФЗОРСМ, а за истите Директорите на ФЗОРСМ ќе го известат Синдикатот на УПОЗ најдоцна до 20.11.2019 година;
  • Да се провери можноста дококлу постои остаток на средства до крајот на оваа година истите линеарно да се поделат на вработентие;
  • Се постигна согласност дека платите се круцијално прашање на вработените и затоа синдикатот и работодавачот ќе побараат заеднички прием кај Претседателот на Владата на РСМ.

Во врска со активностите за потпишување на колективен договор беше договорено следново:

  • Беше постигната согласност да започнат интензивни преговори од денес 06.11.2019 година и да се изготви финална верзија на колективен договор најдоцна до 20.11.2019 година, а доколку нема спорни прашања истиот да се потпише најдоцна до 10.12.2019 година.

Синдикатот се согласи врз основа на договореното со директорите да им се остави простор на нив како работодавач да изнајдат и усогласат законски можности за зголемување на платите, а Синдикатот да ја стави во мирување Одлуката за протест најавена за четврток 07.11.2019 година до 01.12.2019 година. Доколку до тој датум не се реализира договореното, Синдикатот ќе ја активира Одлуката за протестот.

Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација на конференција за медиумите реагираа на апсурдната одлука на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци на плата со кои судиите си поделија додатоци во износ од 6.000 до 9.000 денари, а за судските службеници само од 500 до 1.500 денари, како и за немањето желба да ги исплатат парите на сите учесници во штрајкот во 2016 година (судската полиција, помошно - техничкиот персонал, пензионираните работници и работниците преминати во друга организација).

Синдикатот на работниците од Управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и Здружението на судската администрација реагираат на одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци со која додатоците на плата на судиите за септември и октомври се зголемени за 10 проценти, а на судската администрација за пет отсто.

 Со оваа апсурдна одлука на Судскиот буџетски совет судиите за исплата на додатоци на плата за септември и октомври си поделија додатоци во износ од 6.000 до 9.000 денари, а за судските службеници само од 500 до 1.500 денари. Според Синдикатот, со ваквата одлука се привилегира една категорија на вработени - судиите кои го злоупотребуваат Судскиот буџетски совет со кој самите располагаат. И оваа одлука покажа и докажа дека нема крај на апсурдите на Судскиот буџетски совет и тоа со исплата на додатоци на плата и за членови на Судскиот совет што е спротивно на законот, а за месец септември и октомври наместо по 5% и за судиите и за судските службеници тие си доделија 10% со апсурдно образложение дека во месец септември судските службеници добиле покачување на плата од 5%, и со цел да не останат “покуси” тие го прекршија законот повторно. Дали ова се прави од незнаење или намерно, но можеме да ги потсетиме дека нивните плати се регулирани со закон и очигледно не прават разлика што е плата а што е додаток на плата.

Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски рече дека ваквата одлука може да ја корегира само Судскиот буџетски совет кој има независен буџет, и затоа бараат корекција на ваквата одлука, како и конечна исплата на задржаните плати за време на штрајкот за сите вработени и итно донесување на правилникот за судска полиција во спротивно следува штрајк.

„Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација најпрвин сакаат да го решат проблемот со дијалог, доколку не, се знаат нашите чекори. Доколку бидеме игнорирани од страна на Судскиот буџетски совет, следната недела стапуваме во протест сите судови, а ќе размислуваме и за други начини на бојкот на работата и последното решение на синдикатот секогаш е штрајкот”, рече Трпе Деаноски, генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ.

„Сето ова предизвикува револт меѓу вработените во судовите. Револтот произлегува бидејќи отсуствува критериум врз основа на кој една категорија на вработени во судовите се одделуваат од останатите вработени. Судската служба има легитимно право да бара од Судскиот буџетски совет одговор врз кој критериум една категорија на вработени е привилегирана и добива додаток на плата двојно повисок од судските службеници”, рече Сашо Темелковски од Здружението на судската администрација.

Да потсетиме. И покрај бројните ветувања на судските службеници сѐ уште не им се исплатени платите од 2016 година, за периодот додека протестираа. Станува збор за 40 отсто од плата за месеците јуни и јули.

На 25.10.2019 година, во просториите на ЈП Службен весник на РСМ, претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски, претседателот на синдикалната организација при ЈП Службен весник на РСМ Виктор Рајковски, Директорот на ЈП Службен Весник Мартин Костовски и Претседателот на Управниот одбор Александар Поповски го потпишаа Колективниот договор за вработените во ЈП Службен Весник на РСМ. Со овој Колективен договор се уредува статусот, правата, обврските и одговорностите во врска со работниот однос на вработените во Јавното претпријатие.

Колективниот договор за вработените во ЈП Службен весник на РСМ содржи општи одредби, обврски на вработените, права на вработените и нивата положба, плата, надоместоци на плата и други примања, услови за работа и делување на синдикалната организација, одредби за остварување на право на штрајк, одредби за одговорности за вршење на работни задачи, но и други важни прашања поврзани со правата на вработените во Јавното претпријатие.

За непречено и активно работење на Синдикалната организација многу значаен е делот каде што се регулирани условите за работа и делување на синдикалната организација при што е наведено дека работодавачот е должен да создаде услови за работата на синдикалната организација во врска со заштита на правата на вработените од работниот однос, утврдени со закон, и со овој колективен договор.

Со овој Колективен договор, Синдикатот на УПОЗ продолжува со интензивните активности, а како што и претходно најавивме дека ќе се потпишат уште неколку колективни договори на ниво на работодавач, со што ќе се унапредат правата од работен однос на поголем број вработените. 

Статистика

  • Корисници 2
  • Артикли 458
  • Посети на артикли 957546

Онлајн

Имаме присутни 344 гости и нема членови