Во Охрид, од 5 до 7 април 2019 година, се оджува 30-та синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ за која е предвидена програма со повеќе теми, а на која ќе земат учество стотина синдикалци, како и гости од регионот.

30-та синдикална школа на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) годинава која започна денес е конципирана да има повеќе теми и содржини со цел размена на искуства, но и унапредување на преговарачките процеси во врска со потпишувањето на колективните договори.

На  почетокот на 30-та синдикална школа присутните ги поздрави престедателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), Пецо Грујовски кој во своето пригодно обраќање стави акцент на двете главни активности предвидени за оваа година.

Имено, 2019 година, е година кога се очекува во најскоро време да се потпише Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, но и година кога ќе се направат напори за потпишување на повеќе Колективни договори на ниво на работодавач со цел унапредување и заштита на правата од работен однос и економско-социјалните права на членовите на Синдикатот.

Секако втората главна, но и континуирана активност е, и ќе биде формирање на нови синдикални организации и придобивање на нови членови при што претседателот на Синдикатот на УПОЗ Грујовски потенцираше дека во мината година се зголемиле за нови 800 членови и биле формирани 10 нови синдикални организации.

Остануваме на истиот курс на зголемени активности, како и поголема мобилност за поттикнување за вклучување во редовите на синдикатот и во борбата за нашите права. Не отстапуваме ниту од борбата за подобрување на социјалниот дијалог од кој до овој момент не сме премногу задоволни со нашето учество и вклучување во него и нашето вклучување во подготовката на одредени законски измени кои не засегаат како синдикат и гранка. Во делот на правосудството сакаме Синдикатот на УПОЗ да биде вистински партнер и ќе бараме наше вклучување, односно вклучување на наши претставници во Советот за судска служба, како и во Судскиот совет, а ќе работиме и на реализирање на идејата за формирање на посебно тело во судската служба по примерот на Судскиот совет со цел да не бидеме „деца без родители”, како што ни се случува сега кога си ги бараме нашите права од Советот кој најчесто се прогласува за ненадлежен за нас!”, подвлече во своето обраќање претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски отворајќи ја 30-та синдикална школа.

Програмата продолжи со размена на искуства со синдикалните претставници од Србија, Република Српска и Босна и Херцеговина. За Синдикатот на УПОЗ беше од особено значење да слушне како колегите од поширокото опкружување се справуваат во преговарачките процеси и како нивните искуства да се применат во започнатите преговори на нашите синдикални преставници со нивните работодавачи.

Па така, стотината учесници на синдикалната школа имаат можност да слушнат од претставниците на синдикатите од регионот како во нивните држави течат процесите на преговори, кои пречки се појавуваат во процесот на преговарање, како се надминуваат пречките за да се стигне до фазата на потпишан колективен договор, при што колегите од

Синдикатот на правосудството на Србија, Синдикатот на управата на Република Српска и Синдикатот на државните службеници и другите вработени во органите на Федерацијата на Босна и Херцеговина несебично ги споделија своите искуства. Тие ќе бидат драгоцени со оглед на фактот што Синдикатот на УПОЗ е во фаза на интензивни преговори за потпишување на повеќе колективни договори и секое искуство е добредојдено заради подобрување на вештините на преговори од страна на синдикалните претставници кои ги водат.

30-та синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ продолжува утре, сабота 6-ти април на теми посветени на прашањето што носат измените на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за високо раководна служба.  За овие закони веќе јавно се разговара, отворена е дебата и од големо значење ќе биде и нашиот придонес кон неа со цел подобрување на законските решенија. За овие закони се очекува да говорат високи претставници на Министерството за информатичко општество и администрација.

Од 5 до 7 април 2019 година, во Охрид, ќе се оджи 30-та синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ при што, како и секоја година ќе има богата содржина со повеќе теми, учесници, но и гости од поширокото опкружување.

Програмата на 30-та синдикална школа на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) годинава е посветена на повеќе теми кои ќе дадат придонес во зголемување на искуствата во континуираните заложби за унапредување на состојбите со работниците и работничките права. Па така, најпрвин стотината учесници на синдикалната школа ќе имаат можност да ги слушнат искуствата на синдикатите од регионот во врска со потпишувањето на колективните договори, а потоа од првите луѓе на МИОА автентично ќе слушнат што носат измените на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за високо раководна служба.

Како во нивните држави течат процесите на преговори, кои пречки се појавуваат во процесот на преговарање, како се надминуваат пречките за да се стигне до фазата на потпишан колективен договор, се  искуствата  што ќе бидат разменети со претставниците на Синдикатот на правосудството на Србија, Синдикатот на управата на Република Српска и Синдикатот на државните службеници и другите вработени во органите на федерацијата на Босна и Херцеговина. Ова е дотолку повеќе важо со оглед на фактот што Синдикатот на УПОЗ е во фаза на интензивни преговори за потпишување на повеќе колективни договори и секое искуство е добредојдено заради подобрување на вештините на преговори од страна на синдикалните претставници кои ги водат.

Во однос, пак, на темите посветени на прашањето што носат измените на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и предлог Законот за високо раководна служба иако за овие закони веќе јавно се разговара и е отворена дебата од големо значење ќе биде и дебата што ќе се отвори на синдикалната школа бидејќи синдикалците ќе можат да ги детектираат слабостите на законите, но и да искажат забелешки кои ќе бидат слушнати од првите луѓе на МИОА.

На 30-та синдикална школа на Синдикатот на УПОЗ нема да изостанат ниту разговорите за тековните активности, мобилноста на синдикалното движење, начините за градење на поголема доверба во синдикатот со цел подигање на синдикалниот дух и истрајност во пречките со кои се соочува Синдикатот. Впрочем ова е добра можност во секоја пора на работата и активностите на Синдикатот на УПОЗ да го вградиме нашето неформално мото: „Еднаш синдикалец, секогаш синдикалец”!

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) на 01.04.2019 година одржа работен состанок со синдикалните организации коишто го имаат започнато процесот на преговори со работодавачите за склучување на поединечни колективни договори.

Синдикатот на УПОЗ и синдикалните организации кои се влезени во преговарачкиот процес за потпишување на поединечните Колективни договори, на состанокот  разгледаа до каде се овие процеси, но разговараа и за детектираање на проблемите доколку ги има, се со цел да се изнајдат и решенија.

Во таа насока, претставниците од синдикалните организации кои имаат започнато преговори за склучување на Колективен договор истакнувајќи ги „проблемите“ со кои се соочуваат во преговорите, ги нотираа и забелешките од работодавачите со кои се среќаваат. Па така, беше констатирано дека еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат речиси сите синдикални организации, е тоа дека работодавачите не се доволно запознаени со колективното преговарање ниту пак со колективните договори воопшто. Од таму како голема пречка во започнување на преговорите се јавува и ставот на одредени работодавачи да не се започнуваат преговори за поединечен Колективен договор се додека не се потпише гранскиот Колективен договор, што апсолутно е погрешна теза.

Друг проблем со кој се соочуваат претставниците на синдикалните оганизации се одредбите во Колективните договори кои се однесуваат на платите, надоместоците и додатоците на плата за вработените, односно финансиите. Имено, со оглед на фактот дека платите на речиси сите синдикални организации на Синдикатот на УПОЗ се финансирани од буџетот на државата, потребни се големи напори работодавачите да се убедат дека и на вработените во управата треба да им се исплаќаат надоместоци на плата (регрес за годишен одмор, јубилејни награди, 13-та плата и др.) право кое што го имаат работниците во приватниот сектор.

Состанокот резултираше со заклучок дека активностите и преговорите за склучување на Колективни договори не треба да престанат иако во моментов е започната кампањата за претседателски избори, и веднаш по завршување на изборите да се пристапи кон склучување на Колективни договори во синдикалните организации.

Секогаш кога треба да се вратат некои пари на работниците имаме проблем, а за набавка на возила или за други луксузни или било какви потреби на судовите и судиите или за било која институција во државата никогаш не е проблем.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) на денешната конференција за медиумите информираше за добиените сознанија за набавка на нови авотмобили на дел од судовите во државава.

Имено, генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски рече дека нивните конкретни барања за зголемување на платите на судските службеници, правилна исплата на додатоците на плата за судските полицајци, воведување на јубилејни награди и регрес за годишен одмор, за жал секогаш се или одбиени или игнорирани со образложение дека законот тоа не го предвидува, и дека нема средства во буџетот, било да е тоа судскиот или на државниот буџет.

 Но, очигледно ова правило важи само кога се работниците во прашање затоа што деновиве сме сведоци дека во Судскиот буџет и буџетот на државата секогаш може да се изнајдат средства кога е потребно и тоа за луксузирање.

Претседателот на судскиот совет пред неколку денови објави дека Судскиот совет ќе набави две возила, едно во вредност од 40.000,00 евра, а другото во вредност од 16.000,00 евра. Од оние податоци кои ние можевме да ги најдеме отворени се или веќе се реализирани постапки за набавка на нови возила во Врховниот суд во вредност од 16.000,00 евра, Апелациониот суд Гостивар 28.336,00 евра, Основен суд Тетово 20.000,00 евра, Основен суд Велес 16.000,00 евра, 27.000,00 евра во Основниот суд Скопје 2, Апелационен суд Штип 28.000,00 евра, Основен суд Штип 16.000,00 евра, Основен суд Битола 16.000,00 евра и Апелационен суд Битола 28.000,00 евра. Кога ќе се соберат сумите од сите набавки на возила заедно ќе излезе дека Судскиот совет и судовите ќе потрошат приближно околу 250.000,00 евра, пари од работниците и државата за набавка на возила”, рече на денешната конференција за медиумите генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

Тој уште рече дека доколку имаа барем малку доблест или совест претседателот и членовите на Судскиот буџетски совет ќе се заложеа овие средства да се искористат на друг начин при тоа алудирајќи на незаконски задржаните пари за време на штрајкот од 2016 година. Или, пак, можеше да се предвиди исплата на додатоци на плата за вработените во судовите, да се набават нови униформи и опрема за судската полиција, или да се донесе одлука за зголемување на платите на вработените во судовите, па макар таа била и еднократна.

Синдикатот на УПОЗ реагира и на изјавата на претседателот на Судскиот совет во која меѓу другото и се заблагодарува на Владата.

Претседателот на Судскиот совет изјави дека возило од 40.000,00 евра не е луксузно возило, можеби тоа е точно за него, но воопшто не е точно за вработените во судовите чии плати со пресметан работен стаж од 30 години изнесуваат 15 или 16.000,00 денари. Во својата изјава претседателот на Судскиот совет, исто така и се заблагодари на Владата што овозможила да донесе ваква историска одлука за набавка на возила. Ние во оваа прилика сакаме да ја повикаме Владата да го исполни своето ветување и веднаш по завршување на претседателските избори да ги врати неазконски задржаните средства за време на штрајкот во 2016 година, во спротивно ќе се соочи со над 2000 тужби за поврат на овие средства кои ќе нанесат огромна штета на Буџетот на државата”, реагираше Деаноски и уште еднаш ја повика Владата да размисли дали со набавка на возила се наградуваат челниците на правосудството, иако во секој извештај на Европската унија е потенцирано дека најголемите реформи во нашата држава е потребно да се извршат токму во правосудството и Судскиот совет.

Синдикатот на УПОЗ смета дека доколку државата сака успешни предпристапни преговори со Европската унија за поглавјата 23 и 24 како што тоа неколку пати е потенцирано од страна на Владата, потребни се мотивирани судски и административни службеници, а не награди за кочничарите на сите реформи кои треба да се спроведуваат во Македонија. 

На крај Деаноски упатувајќи апел да се реализираат ветувањата од Владата за кои разговараат со неа од 2017 година за враќање на незаконски задржани средства за време на штрајкот, потсети дека до сега на оваа болна тема одржале неколку состаноци и со премиерот и со министерката за правда и со министерот за финансии каде што биле известени дека тие пари се обезбедени, но дека се бара начинот како да се вратат тие пари констатирајќи: ,,Изгледа начинот е многу лесен кога треба да се најдат пари за други освен за работниците. Секогаш кога треба да се вратат некои пари на работниците имаме проблем, а за набавка на возила или за други луксузни или било какви потреби на судовите или за било која институција во државата никогаш не е проблем”.