На барање на Министерството за информатичко општество и администрација одржана е средба на која продолжија разговорите за повеќе актуелни теми кои се во фокусот извесен период.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjовски и генералниот секретар Трпе Деаноски на барање на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) одржаа работна средба. На средбата од страна на МИОА присуствуваа, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, заменик министерот Александар Бајдевски, како и државниот советник за администрација Билјана Николовска Жагар.

 Оваа средба беше продолжение на преговорите започнати и водени пред  годишните одмори, а на кои една од најважните теми се разговорите за гранскиот Колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата. Синдикатот на УПОЗ и МИОA на оваа средба ги приближија ставовите за дел од барањата на Синдикатот, а особено на ониe кои се однесуваат на надоместоците и додатоците на плата и кои може да се издејствуваат со најавениот Ребаланс на Буџетот.

Тема на интерес и на взамено информирање меѓу претставниците на Синдикатот на УПОЗ и на МИОА беа и измените на Законот за административни службеници (ЗАС), Законот за вработените во јавниот сектор (ЗВЈС), како и  активностите на министерството во врска со функционалната анализа и планираното превземање на работници од јавниот во приватниот сектор. Оваа активност се очекува да биде поинтензивна во периодот што следува и важно дека сите синдикати од јавниот сектор ќе бидат вклучени во истата со цел подобрување на предложените решенија и максимална заштита на работниците.

Во однос на измените на ЗАС и ЗВЈС, Министерот Дамјан Манчевски наведе дека измените кои МИОА ги подготвила се доста обемни и суштински. Очекувањата се истите да се донесат до крајот на месец октомври, а до тогаш Сидникатот на УПОЗ активно ќе биде вклучен во давање предлози и забелешки на предлог текстовите на овие два закони. Ова за Синдикатот е од суштинско значење бидејќи конечно според мислењето и ставот на министерот Манчевски, МИОА е подготвена да прифати дел од барањата кои датираат уште од 2014 година.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ побараа во периодот што доаѓа да се интензивираат средбите од ваков карактер со цел преку измените на ЗАС и ЗВЈС и потпишувањето на гранскиот Колективен договор конечно да се решат проблемите на вработените во администрацијата и да се подобрат нивните права од работен однос.

На ден 23.07.2019 година во просториите на Синдикатот на УПОЗ, Секцијата на Млади при Синдикатот на УПОЗ предводена од претседателот Бојан Трипуноски, ја одржаа работилницата во рамки на Erasmus+ проектот “ПРАВА НА РАБОТА РАБОТАТА ЗА ПРАВАТА” на која учество земаа десетина млади членови на Синдикатот на УПОЗ.

 На оваа работилница, присутните беа запознаени која е примарната цел на Синдикатот и како истиот функционира. Од страна на претседателот на Секцијата, беше презентиран извештајот од анкетата спроведена за проектот “ПРАВА НА РАБОТА, РАБОТАТА ЗА ПРАВАТА” на темата “Дали сте запознаени со вашите права од работен однос”, на која беа испитани над 200 млади вработени во државната управа.

Во текот на работилницата, преку практични примери беше разговарано за повреда на правата од работен однос кај младите вработени, но и беа договорени натамошните активности кои треба да бидат спроведени за потребните на овој проект.

Секцијата на Млади во периодот кој следи ќе ја зголеми својата видливост, со цел што повеќе млади вработени да се приклучат кон креирање на подобри работни места.

Претседателот на  Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjовски оствари прва работна средба со новиот министер за локална самоуправа Горан Милевски.

На првата средба престедателот Грујовски и министерот Милевски разговараа за неколку прашања кои се важни за членовите на Синдикатот на УПОЗ во локалните самоуправи во државата.

Сепак главна тема која што го задржа нивното внимание беше активноста поврзана со потпишувањето на Колективните договори во општините при што министерот беше информиран дека во поголем дел од општините е почнат процесот на преговори. Како и секој  друг процес така и овој носи со себе свои проблеми, со кои на средбата беше запознаен Милевски како министер на секторот локална самоуправа под чија надлежност се единиците на локалната самоуправа во државава.

Притоа од него беше побарано да се заложи за унапредување на социјалниот дијалог во општините бидејќи колективното договарање е добра волја на двете страни, синдикат-работодавачи, па токму затоа тој како одговорен за ресорот локална самоуправа е најповикан да ја поттикне активноста околу процесите на преговарање и потпишување на овие договори.

Во таа насока претседателот Грујовски го информираше министерот Милевски и за конкретните проблеми во одредени општини каде што градоначалниците не пројавуваат интерес за регулирање на правата од работните односи на вработените во општинската администрација и побара да ги поттикне да работат на унапредување со колективни договори на ниво на работодавач, односно општина.

Работната средба беше искористена и да се упати апел до министерот за локална самоуправа да ги препознава законите коишто се од значење за работно правната позиција на вработените и во нивното изготвување, изменување и дополнување да биде вклучен и Синдикатот на УПОЗ како релевантен социјален партнер.

„Конструктивен разговор кој ветува дека во иднина ќе имаме коректна соработка како со министерствтото така и со општините”, е оценката на претседателот на  Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjовски по завршената прва работна средба со министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Грујовски посетата на Министерството за локална самоуправа ја искористи и за разговор со дел од вработените во администрацијата кои пројавија интерес, за нивно синдикално здружување и организирање. Во оваа прилика тие беа запознаени со чекорите и начините за нивно синдикално организирање во рамките на министерството.

Гранскиот Колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата, регресот за годишен одмор, исплата на дневници за службени патувања во земјата, јубилејните награди, Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавен сектор беа теми за разговор на работиот состанок кој денеска се одржа помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Синдикатот на УПОЗ.

Поради претседателстките избори извесен период преговорите околу колективниот договор беа ставени во мирување. Денеска тие продолжија на средба на претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjовски и генералниот секретар Трпе Деаноски на работна средба со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и заменик министерот Александар Бајдевски.  

 Главна тема на разговорот беше гранскиот Колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата за којшто преговорите помеѓу работните групи почнаа кон крајот на август 2018 година. Исто така, на средбата се разговараше и за регресот за годишен одмор - популарниот К-15, како и за исплата на дневници за службени патувања во земјата и јубилејните награди. Во врска со Колективниот договор на средбата уште еднаш беше потенциирано овој Колективниот договор да важи само за членовите на синдикатот. Изнесените аргументи во врска со ова прашање беа прифатени за што договор треба да биде постигнат на една од наредните средби. Синдикатот на УПОЗ очекува во најскоро време да се потпише Колективниот договор и тој ќе биде прв грански Колективен договор за административните службеници и правосудните органи после 1995 година. Во него е предвидено да се добијат и голем број други права кои на државните службеници со години наназад им беа ускратувани.

Министерот Манчевски и заменикот Бајдевски, на средбата ги информираа претставниците на Синдикатот на УПОЗ со активностите на МИОА во врска со хоризонталната анализа која се прави во функција на реорганизација на вработените во администрацијата. На средбата заеднички беше констатирано дека Синидиактот на УПОЗ како репрезентативен синдикат ќе биде вклучен во сите процесот на реоганизација на администрацијата, која е планира да им се понуди крајот на годинава на дел од вработените во администрацијата кои би сакале да заминат во приватниот сектор, а тоа да биде доброволно за оние што ќе ги прифатат критериумите.

Исто така на оваа средба, беше ветено и дека работните верзии на Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор наскоро ќе бидат доставени до Синдикатот на УПОЗ, со цел тој да се прозинесе по предложените решенија.

На средбата беше заклучено дека наредниот период ќе биде мошне интензивен со повеќе работни средби помеѓу МИОА и Синдикатот во врска со прашањата кои денес беа покренати на средбата.