Продолжува континуираната грижа за членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ). На седница на Комисијата за распределба на средствата од Солидарниот фонд при Синдикатот на УПОЗ доделени се вкупно 71.000,00 неповрати средства и 90.000,00 денари повратни средства. За периодот помеѓу две одржани седници, согласно Правилникот за солидарен фонд, доделени се 227.990,00 денари. 

Имено, согласно Правилникот за доделување парична помош од Солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ на РМ со кој се уредуваат, начинот на издвојувањето и основите за доделување на средствата, 37 членови на синдикатот побарале да искористат некое од наведените права во Правилникот.

Па така по основ на новороденче 18 членови добиле по 3.000,00 денари или вкупно 54.000,00 денари. По основ на прваче доделени се три по три илјади денари, односно 9.000,00 денари вкупно. 120.000,00 денари, пак, е вкупната сума на парична помош на 11 наши членови кои изгубиле некој свој близок во семејството, односно по основ на парична помош за смрт на член на Фондот и смрт на член на неговото потесно семејство.

И во убавите моменти, како што е пензионирањето, Комисијата за распределба на средствата од Солидарниот фонд при Синдикатот на УПОЗ, на 15 наши членови им овозможи да го искоритат правото на парична помош за заминување во пензија во висина од 3.000,00 денари, или додели вкупно 44.900,00 денари. Нив ќе им посакаме спокојни пензионерски денови.

Инаку, согласно со Правилникот за доделување парична помош од Солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ на РМ членовите на Синдиактот можат да остварат право на: парична помош за подолготрајно боледување; парична помош за лекување; парична помош за лекови и медицински помагала; парична помош во случај на загрозена материјална состојба на членот на Фондот; парична помош за новороденче; парична помош за прваче; парична помош за потешки последици од елементарни непогоди; парична помош за смрт на член на Фондот и смрт на член на неговото потесно семејство; парична помош за заминување во пензија; парична помош во случај на штрајк; парична помош во случај на отказ или претрпени финансиски последици поради синдикални активности; како и право на парична позајмица.

Правото за користење на неповратни средства од Фондот по горе наведените основи може да се оствари само еднаш во годината (еднократно) по било кој основ, освен во случаи кога се работи за барања за парична помош за новороденче, парична помош за прваче, парична помош за заминување во пензија, парична помош за смрт на член на Синдикатот или член на неговото потесно семејство и парична помош за елементарна непогода. Освен позајмицата, паричната помош по сите други основи е неповратна. Корисници на средствата на Фондот се сите членови на Синдикатот на УПОЗ кои уплатуваат средства согласно со Одлуката за финансирање, а правото на користење средства се стекнува после шест месеци членување.

На проширената седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ, на која се расправаше по предлог - текстот на Колективниот договор, во дискусијата по оваа точка, сите членови на Претседателството и присутните претседатели на синдикалните организации, без исклучок, истакнаа дека ваквиот текст на Колективен договор со ништо не ги подобрува правата на вработените во државната управа и беше заклучено доколку тој се склучи ќе има уште поголема разлика со правата на вработените во приватниот и јавниот сектор.

Претседателството на Синдикатот на УПОЗ на седницата одржана на 24.01.2019 година не даде согласност за потпишување на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи. Веруваме дека во овој момент донесовме вистинска одлука.

 Имено, во преговорите меѓу претставниците на Владата и Синдикатот на УПОЗ кои што почнаа кон крајот на август баравме, и не се договоривме за следниве барања:

  • Колективниот договор да важи само за членовите на синдикатот;
  • Регрес за годишен одмор 60%, од просечна плата;
  • Дневници за службени патувања во земјата 8%, од просечна плата;
  • Јубилејни награди;
  • Најмалку две основици отпремнина за заминување во пензија;
  • За смрт на работник исплата на три основици;
  • За смрт на член на потесно семејство две основици;
  • Исплата на додаток на плата од 20% за вработени кои работат со овластување;
  • Исплата на додаток за работа во комисии.

Само за споредба, сите овие права, за кои не се договоривме се дел од барања на Синдикатот на УПОЗ, и веќе се утврдени во колективниот договор за приватниот сектор.  

Искрено се понадевавме дека ќе имаме разбирање и дека власта ќе го почуствува моментот сфаќајќи дека токму сега е времето да се постигнат решенија заемно прифатливи и за нас и за неа. Наместо тоа, за жал, добивме согласност само во делот на барањето за регрес, но и тука не онака како што баравме, туку регресот да биде во висина од 40% и да се исплаќа, со следнава динамика:

  • 2020 година 50% од основицата;
  • 2021 година 75% од основицата и
  • 2022 година 100% основицата.

Со оглед на тоа што колективниот договор, согласно Законот за работните односи има важност од две години, во случајов ако сега се потпише би важел до 2022 година, излегува дека стоте проценти нема ни да ги дочекаме!

Бараме разбирање, но и поддршка од сите наши членови за да ја водиме и да ја добиеме и оваа битка многу значајна за сите вработени во управата и правосудните органи. Очигледно е дека и оваа 2019 година ќе биде долга и исцрпувачка година на преговори, но не само за овој колективен договор туку и за поединечните колективни договори односно колективни договори на ниво на работодавач од кои не се откажуваме се до моментот кога ќе го добиеме она коешто го заслужуваме.

Скоро 24 години Република Македонија не смогна сили да потпише и да договори нов Колективен договор за државната управа, а од тогаш до сега, Законот за работни односи и законите кои ја регулираат работата на јавната администрација претрпеа суштински измени од кои некои беа и на штета на работниците.

Како да очекуваме јаваната администрација да го изнесе товарот за влез во Европската унија ако е дестимулирана?

Ние сме подготвени!  Ја повикуваме власта уште еднаш да ги преиспита своите предлози и да изнајде сили, да покаже и на дело дека се грижи за нејзините вработените. Пенкалата сѐ на маса и го чекаат Гранскиот Колективен договор за потпис.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Р.Македонија (УПОЗ) во кој членува и синдикалната организација при Државната комисија за спречување на корупција земаа учество во дел од подготовките и изработката на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кој што Собранието на Република Македонија веќе го донесе на седницата одржана на 17 јануари 2019 година.

Со овој значаен Закон се уредија мерките и активностите за спречување на корупцијата во вршењето на власта, јавните овластувања, службената должност и политиката, итн.

За нас како Синдикат беше важно да се избориме за вработените во секретаријатот во Државната комисија за спречување на корупцијата да имаат право на додаток на плата за посебни услови за работа, за постоење на висок ризик и за доверливост. Вкупниот износ на висината на додатоците согласно со чл.20, ставот (5) од овој Закон не може да изнесува повеќе од 30% од основната плата на вработениот.  

Порачуваме дека ние како синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Р. Македонија и понатаму ќе работиме интерес на членовите на Синдикатот.

Денес во Министерството за информатичко општество и администрација на барање на дополнителниот заменик министер Невена Стаменковска Стојковска се одржа работна средба со Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

На средбата Претседателот Пецо Грујовски ја информираше Стаменковска Стојковска во врска со активностите на Синдикатот на УПОЗ во учеството во донесување на законите и колективните договори.

Посебно стана збор за учеството на Синдикатот на УПОЗ во донесување на измените на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, како и за активностите околу потпишување на Гранскиот колективен договор на органи на државна управа, стручни служби на Владата на Република Северна Македонија, судови, јавни обвинителства, казнено - поправни и воспитно - поправни установи, државно правобранителство, единици на локалната самоуправа, агенции, фондови и центри за социјални работи и други органи основани од Собранието на Република Северна Македонија.

Во врска со преговорите за Колективниот договор, Претседателот Пецо Грујовски информираше дека преговорите се водени година ипол, и дека двете страни се усогласени и се очекува негово потпишување.

На средбата беа разменети информации кои се од суштинско значење за административните службеници и беше заклучено дека треба да се одржуваат повеќе работни средби во нивни интерес.