Како што беше договорено на Годишната конференција на Синдикатот на УПОЗ одржана на 06.11.2018 година, Министерството за правда организираше заедничка средба на Синдикатот на УПОЗ со Претседателот на Судскиот буџетски совет Зоран Караџовски.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски заедно со Генералниот Секретар Трпе Деаноски, денес остварија работна средба организирана од Министерот за правда Проф. Д-р Рената Дескоска, со Претседателот на Судскиот Совет Зоран Караџовски за изнаоѓање конечни решенија во врска со враќањето на задржаните средства за време на штрајкот одржан во 2016 година и измените на Законот за судска служба во делот на додатоците на плата.

За двете прашања беше постигната согласност дека треба да се интензивираат и реализираат во најкус рок, заради што во наредната недела ќе се одржат работни состаноци за конечно затварање на овие две отворени и суштински прашања битни за судската служба.

На 22 октомври 2018 година, во Владата на РМ се одржа работен состанок меѓу претставниците на Владата на чело со претседателот Зоран Заев и претставниците на синдикатите, членки на ССМ. На средбата стана збор за повеќе актуелни прашања од сферата на трудот, а особено околу донесувањето на нов Закон за работните односи и Закон за синдикати и здруженија на работодавачи. Генералниот заклучок е дека евидентен е напредокот на социјалниот дијалог, но тој мора и натаму да се унапредува и не смее да има формален карактер.

 Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски во Владата на РМ остварија работен состанок со Претседателството на Сојузот на синдикати на Македонија.

Во рамките на овој работен состанок се отвори дебата за надминување на проблемите и состојбите со кои се соочуваат синдикатите, а се разговараше и за законските одредби од новиот Закон за работните односи чијашто цел е да ги унапреди правата на работниците и безбедноста при работа, синдикалното организирање и начините за утврдување на репрезентативноста на синдикатите.

Премиерот Заев порача дека Владата на РМ останува цврсто на определбите да работи за унапредување на правата на работниците во соработка и партнерски однос со синдикатите и работодавачите. Во таа насока, премиерот Заев рече дека политиките за зголемување на платите кои продолжуваат и во Буџетот за 2019 година се значаен чекор за подобрување на животниот стандард на работниците.

Тој посочи дека синдикатите мора да бидат будното око за правата на работниците и за таа цел мора да се работи на зајакнување на синдикалното организирање.

Средбата беше значајна од аспект на тоа што повторно по 12 години се воспоставува праксата на одржување на средби помеѓу ССМ и Владата на РМ. Ова е од особено значење за унапредување на социјалниот дијалог бидејќи на овој начин се отвора можност сите прашања со кои се засегнати работниците и синдикатите да бидат пренесени и дискутирани директно со претставниците на Извршната власт.

На средбата од присутните синдикати од јавниот сектор беше поставено прашањето за потпишување на Колективен договор за јавниот сектор. Во таа насока, зборуваше и претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски кој истакна дека евидентен е напредокот на социјалниот дијалог, но тој мора и натаму да се унапредува и не смее да има формален карактер.

Грујовски ја поздрави одлуката за промена на работното време, спогодбеното решавање на степенот на кариера на административните службеници со цел да се избегнат судските постапки постигнати како резултат на дијалогот со Синдикатот на УПОЗ и како резултат на политиките на Владата на РМ.

Претседателот Грујовски посебно се осврна на политиката на Владата за зголемување на платите во некои сегменти во јавниот сектор. Тој истакна дека Синдикатот на УПОЗ секогаш ќе ја поддржува секоја одлука на Владата на РМ, особено за зголемување на платите, но воедно смета дека зголемувањето на платите не треба да биде селективно и затоа ќе се залага за промена на Законот за плати. Посебно реагираше на фактот што оваа година административните службеници и покрај ветување за покачување на платите, во септември не ги добија ветените 5%. Притоа тој се заложи за поправедно зголемување на платите низ дијалог со синдикатите и нивно регулирање со Колективен договор.

Грујовски потенцираше дека некои одлуки и договори со Владата одредени работодавачи не ги почитуваат, како што е одлуката за работното време бидејќи во многу установи е фиксно и не е дозволено флексибилно работно време, односно доаѓање и одење на и од работа во време од еден час. Исто е и со степенот на кариера, отпорот околу потпишување на колективни договори, но и несоработка и непочитување на Синдикатот на УПОЗ како социјален партнер кој е и репрезент на вработените.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ особено го истакна нереализирањето и неисполнето ветување договореното на состанокот со Владата на РМ на 27.12.2017 година за враќањето на незаконски задржаните средства за време на штрајкот во 2016 година во судовите.

Да потсетиме. Владеачката партија додека беше во опозиција вети дека по преземањето на власта и формирањето на сегашната Влада задржаните средства за штрајкот во 2016 година веднаш ќе бидат вратени на вработените и ќе отпочне со промена на Законот за судска служба во поглед на додатоците на плата за сложеност на работа, но и по две години Законот се уште не е влезен во собраниска процедура.  

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецo Груjoвски учествуваше на јавната расправа за Предлог законот за инспекциски надзор каде што пред почетокот даде изјава во врска со најавите на Владата на Република Македонија за реформите во администрацијата и за најавите дека на крајот на следната година ќе има понуда до дел од вработените во администрацијата да заминат во приватниот сектор.

При тоа тој рече дека во поглед на изјавите околу наводниот вишок на јавната администрација како Синдикат се малку затекнати бидејќи во првичните преговори со Владата и од јавните изјави на ресорниот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски  и на премиерот на Владата на РМ Зоран Заев им било кажано дека ниту еден јавен службеник од јавната администрација нема да биде отпуштен од работа.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Грујовски рече нема информации дека некој од членството сака да премине во реалниот сектор и потенцираше: ,,Ќе бидеме во тек со овој процес и се надевам дека ќе имаме коректни разговори со ресорното Министерство бидејќи искуствата покажуваат оти реформите на јавната администрација се прават повеќе години и во исклучителна соработка со  Синдикатот. За нас како Синдикат и она што можеме да влијаеме е првин да се избориме за правата на нашите членови а потоа и за секој вработен да има социјална сигурност, односно да го задржи работното место”, изјави Грујовски.

Тој нема сознанија дали администрацијата е преобемна, но, како што рече, во секојдневното работење се соочиле со укажувања од членството дека четири шалтери опслужуваат по 2000 граѓани. Дали при ова можеме да зборуваме за неажурна администрација?

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ се осврна и на тековните преговори во врска со потпишувањето на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи и рече: ,,Имаме коректни  преговори досега во поглед на потпишување на колективниот договор и се надевам дека во натамошната постапка околу вишокот работници ќе бидеме вклучени, но како Синдикат во однос на натамошните активности ќе се залагаме членовите на Синдикатот да ги зачуваат своите работни места. Со сите законски решенија кои ќе се нудат се залагаме за подобри права на административните службеници, дури и за оние кои не се членови ќе се заложиме за нивна социјална сигурност или задржување на работното место ако не во таа институција во некоја соодветна”, изјави Грујовски.  

Од друга страна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски го повтори ставот дека во администрацијата има превработеност, но и недостаток од професионален кадар и дека за тоа ќе мора да се најде решение. Рече дека на крајот на следната година ќе им се понуди на дел од вработените во администрацијата да заминат во приватниот сектор, а тоа ќе биде доброволно за тие што ќе ги прифатат критериумите. Најави поголеми плати, но и повеќе работа. Според него администрацијата мора да стане ефикасна служба на граѓаните и дека тоа може да се направи со дигитализација на процесите и со реорганизација.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), реагира на висината на најавеното зголемување на платите во јавната администрација бидејќи истото во ниту еден случај не може да ја подобри материјалната и социјално - економската положба на вработените во администрацијата и правосудството.

Разочарувачки е да се каже, но скоро 70% од вработените во државната администрација и правосудство примаат плата која е под просекот на државата. Моменталната нето плата на вработен во државна администрација со 25 години стаж во работењето и високо образование се движи од 20.000,00 денари до 22.000,00 денари. Дури и со зголемување на платите од 5% повторно процентот на вработени во државната администрација и правосудство кои имаат примања под републичкиот просек ќе биде огромен.

 Последното зголемување на платите во државната администрација беше во 2014 година, а сите други додатоци и надоместоци на плата се замрзнаа со мерките на штедење воведени во 2008 година, и со фамозниот Закон за извршување на буџет кој не дозволува исплата на ниту едно право кое го имаат вработените во администрацијата и правосудството.

Во изминатиот период бевме сведоци на исплата на огромни средства на име патни трошоци на пратениците во Собранието на Р. Македонија кои достигнуваа и до 12.000,00 евра за 6 месеци, а кога вработените во администрацијата се упатуваат на извршување на работни задачи надвор од местото на работење не само што не им се исплаќаат патни трошоци туку користат сопствени возила, самите ги плаќаат трошоците за пат и гориво, не им се исплаќаат прекувремени часови, а на крај не им се надоместуваат трошоците за службените патувања.

Во буџетот за 2019 година, предвидени се 50 милиони евра за покривање на дупките во буџетите на општините направени од не домаќинско работење на градоначалниците, во судскиот буџет редовно остануваат не искористени средства, но кога ќе стане збор за реално покачување на платите на вработените секогаш одговорот е дека Буџетот нема доволно средства. 

Во текот на вчерашната презентацијата на Буџетот, Министерот за финансии истакна дека администрацијата ќе биде клучен носител на преговорите за приклучување кон НАТО и ЕУ, а ние прашуваме како ќе се мотивира администрацијата која има месечни примања далеку помали од Синдикалната минимална кошница која за месец октомври 2018 година изнесува 32.507,00 денари, да биде клучен носител на пристапните преговори?  

Синдикатот на УПОЗ е подготвен да преговара за измени во политиката и системот за пресметка и исплата на плати во државната администрација со кој конечно би се исплаќале реални плати на вработените, а воедно би се зајакнала и нивната материјална и социјално -  економска состојба. 

Се дотогаш ваквите покачувања со одложена примена и кои во ниту еден случај нема да ја подобрат материјалната состојба на вработените нема да допринесат кон ништо друго освен кон зголемување на незадоволството на вработените.

Статистика

  • Корисници 2
  • Артикли 417
  • Посети на артикли 711517

Онлајн

Имаме присутни 123 гости и нема членови