На ден 06.08.2021 година (петок), во просториите на Царинската управа од страна на директорката Славица Кутиров и Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски, претседателот на Синдикалната организација при Царинската управа членка на УПОЗ Тони Апостоловски, како и Самостојниот Синдикат на Царинската управа, беа направени измени на Колективниот договор кој ги опфаќа измените во систематизацијата на работните места. Ваквите измени и дополнувања на колективниот договор, особено во делот на систематизацијата ќе допринесат за подобра функционалност на работата во Царинската управа. 

На средбата се разговараше за повеќе актуелни прашања кои се значајни за вработените во управата, како и за идните планови на Синдикалната организација која членува во Синдикатот на УПОЗ, кои во наредниот период треба да се рализираат. 

На состанокот беше поставено и прашањето во врска со непочитувањето на една одредба од Колективниот договор, односно неисплатување на патни трошоци за службен пат. Од страна на раководството беше речено дека сите па и правото на патни трошоци мора и ќе се почитува. 

Вчера попладне, во Министерството за финансии на барање на Синдикатот на УПОЗ се одржа работна средба на која главна точка беше предлогот на Синдикатот на УПОЗ доставен до Владата на РСМ за поинаква пресметка на платите на државната администрација и другите вработени во институциите на државната управа и нивна корекција. На состнокот покрај Министерот за финансии Фатмир Бесими учествуваше и Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири. Од Синдикатот на УПОЗ покрај претседателот на Синдикатот Пецо Грујовск, учествуваа и Верица Тасева – потпреседател на Синдикатот на УПОЗ за правосудството и Александар Диље – член на Одоборт за административни службеници на Синдикатот на УПОЗ. На состнокот беше прифатео барањето на Синдикатот на УПОЗ и беше договорено да се формира работна група која после годишните одмори ќе се отпочне со работа за нов начин за пресметка на платите.

Подолг период а и на последната седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ се разговараше за покренување на прашањето за корекција на платите во државната администрација. Со оглед што, и нашата држава се соочи со здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид – 19, ваквото барање беше во мирување. Но за Синдикатот на УПОЗ ова е приоритетно прашање за наредниот период.

На средбата, претседателот Пецо Грујовски го изнесе предлогот на Синдикатот и изнесе неколку податоци кои се го оправданоста на барањата на Синдикатот на УПОЗ. Согласно податоците на Државниот завод за статистика просечната нето плата исплатена за месец март 2021 година изнесува 28.127,00 денари. Со последните измени на Законот за минимална плата, износот на минималната плата за 2021 година, е 15.194,00 денари. Иако порастот на просечната и минималната нето плата на ниво на држава е за поздравување, вработените во администрацијата и правосудството за жал примаат плати и под просечната плата, но и под минималната плата.

Во изминатите неколку години политиките на Владата придонесоа во одредени делови од јавниот сектор зголемување на платите на вработените и до 25%, но последното зголемување на платите во администрацијата беше со исплата на септемвриската плата во 2019 година, кога овие вработени добија покачување на плата од 5%.

Поразителен но и вистинит е фактот дека скоро 95% од вработените во администрацијата и правосудните органи имаат пониска плата од просечната плата, а уште по поразителен е фактот дека поради различниот систем на плати, во овој момент референтите и помладите референти во администрацијата имаат плата пониска од минималната плата што е и спротивно на законот.

Исто така, поради растечката инфлација и цените на основните производи за живот, во постојан пораст е и износот на синдикалната минимална кошница за семејство од четири члена со најосновните и најевтините производи за домување, исхрана, хигиена итн. за месец април изнесува 33.976,00 денари.

По изнесување на овие факти, и во дискусијата преовлада подготвеност од другата страна за прифаќање на барањето на Синдикатот и изнаоѓање решение на предлог. За таа цел се формира работната група со преставници од МИОА, МФ и Синдикатот на УПОЗ која веднаш по годишните одмори, ќе отпочнат со пресметки и симулација за правиот начинот на пресметка и веднаш потоа ќе се пристапи кон отпочнување на преговори.

На оваа средба, со оглед што беше усвоен ребалансот на Буџетот, преставниците на Синдикатот на УПОЗ побараа информација кога ќе се отпочне со исплата на регресот за годишен одмор, без оглед што рокот за исплата на ова право согласно Гранскиот колективен договор е до 31.12.2021 година. Министерството за финансии информираше дека се созадени услови за исплата и обезбедени се средства, и секоја установа треба да направи решение за исплата и да отпочне со исплата на ова право.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски и претседателот на Синдикалната организација при Упаравата за јавни приходи Васе Неданоски, денес одржаа работна средба со Директорката Сања Лукаревска на која разговараа за повеќе актуелни прашања, значајни за вработените во управата.

Главна тема на денешната средба беше Колективниот договор за вработените во Управата за јавни приходи, односно потпишување на спогодба за негово продолжување. Имено Колективниот договор за вработените во УЈП е потпишан во 2015 година, но без оглед што е истечен рокот на неговата важност (неговите одредби важат до потпишување на нов), па се јави потреба за негово продолжување со одредени измени и дополнување.

Затоа на денешниот состанок беше договорено да се формираат работни групи од страна на работодавачот и Синдикатот на УПОЗ кои ќе работат на предлог текстот за измени и дополнување на Колективниот договор.

На средбата беше разговарано и за платите на вработените во управата и можноста за нивна корекција во наредниот период.

Едно од прашањата кои беа покренати беше и признавање на високото образование на оние вработени кои се стекнале за време на работниот однос, и согласно закон, нивното работно место да биде вреднувано и систематизирано според образованието со кое се стекнале.

Во разговорите беше покренато и прашањето за прераспоредување на вработените, бидејќи со години наназад нема посуштински унапредувања.

Директорката Сања Лукаревска искажа подготвеност за овие прашања, во најбрз можен рок да се окончаат.

Исто така од Директорката беше побарано доследна примена на Гранскиот колективен договор и Колективниот договор за вработените во Управата за јавни приходи и вклученост на синдикалниот преставник во подготовка и донесување на систематизацијата и учество во работата на колегиумите кога се расправа за правата на вработените од работниот однос, а беше покренато и прашањето за не исплата на прекувремената работа.

На крајот од средбата беше договорено во наредниот период да продолжат преговорите по отворените прашања и како социјални партнери да разговараме за сите отворени прашања и истите да ги решаваме со договор.

По повод вчерашната изјава на Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев дека корупција има, но не во високите ешалони на власта, односно дека истата е детектирана само во делот на административното функционирање на јавните институции врз основа на според премиерот, системска анализа, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на РМ (УПОЗ), како единствен репрезентативен синдикат во управата и правосудните органи, не може да ја премолчи и да се согласи со вчерашната изјава.

Синдикатот на УПОЗ смета дека оваа изјава е паушална и истата во континуитет преставува напад на државната администрација како единствен виновник за лошата перцепција на граѓаните дека таа е неработна а сега и корумпирана. Притоа се заборава дека тоа влијае врз целокупниот имиџ на Владата и државата.

Корупцијата како механизам за придобивање на материјални и други придобивки за лична корист, не може да се гледа издвоено, во само еден сегмент на власта односно администрацијата, како што напомена премиерот Заев, без притоа не се спомене корелацијата со врвот на истата, особено што партиското поставување на кадри и организацијата која е хиерархиски поставена, е взаемно поврзана.

Синдикатот на УПОЗ смета дека корупцијата е сериозно прашање за сите вработени, и затоа предлагаме заедно со Владата како социјални партнери заеднички да се вклучиме во нејзиното сузбивање бидејќи таа е закана за иднината на државата.

Од тие причини, утре Синдикатот на УПОЗ ќе одржи Прес конференција, на која подетално ќе се произнесе по ова прашање.