На 02.07.2021 година, се потпиша Колективниот договор за вработените во Општина Богданци со кој дополнително се унапредија правата на вработените од работен однос.

На 02.07.2021 година, Синдикатот на УПОЗ и Синдикалната организација при општина Богданци, претставувани од Претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски и претседателот на Синдикалната организација Маријан Пеев од една страна и Градоначалникот на Општина Богданци Блаже Шапов го потпишаа Колективниот договор за вработените во општина Богданци.

Оваа активност е уште еден показател дека Синдикатот на УПОЗ и натаму продолжува со склучување на колективни договори на ниво на работодавач. Колективниот договор за вработените во Општина Богданци содржи одредби со кои се подобруваат правата на вработените и нивата положба.

На последната седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ одржана на 09.06.2021 година, беше актуелизирано прашањето за зголемување на платите во државната администрацијата и правосудството. Согласно заклучоците на седницата, деновиве Синдикатот испрати писмо до Владата на РСМ и Министерството за финансии со цел отпочнување на преговори за зголемување на ниските плати и предлози за нов начин на пресметка на платите кој ќе го следи порастот на животните трошоци.

Синдикатот на УПОЗ веќе подолг временски период, ги следи состојбите со висината на платите на вработените во државната администрација и правосудството и нешто повеќе од една година испрати барање до Владата на РСМ за нивно зголемување.

Согласно податоците на Државниот завод за статистика просечната нето плата исплатена за месец март 2021 година изнесува 28.127,00 денари. Со последните измени на Законот за минимална плата, за 2021 година е 15.194,00 денари. Иако порастот на просечната и минималната нето плата на ниво на држава е за поздравување, вработените во администрацијата и правосудството за жал примаат плати и под просечната плата, но и под минималната плата.

Во изминатите неколку години, политиките на Владата придонесоа во одредени делови од јавниот сектор да има зголемување на платите и до 25%, но последното зголемување на платите во администрацијата беше со исплата на септемвриската плата во 2019 година, кога овие вработени добија покачување на плата од 5%.

Поразителен но и вистинит е фактот дека скоро 95% од вработените во администрацијата и правосудството имаат пониска плата од просечната плата, а уште по поразителен е фактот дека поради различниот систем на плати, во овој момент референтите и помладите референти во администрацијата имаат плата пониска од минималната плата што е и спротивно на закон.

Исто така, поради растечката инфлација и цените на основните производи за живот, во постојан пораст е и износот на синдикалната минимална кошница. Вредноста на синдикалната минимална кошница за семејство од четири члена со најосновните и најевтините производи за домување, исхрана, хигиена итн. за месец април изнесува 33.976,00 денари.

Синдикатот на УПОЗ уште во 2019 година, се обрати до Владата со предлог за нов начин на пресметка на платите на вработените во администрацијата, и го прифати предлог. Но заради надлежните сметаа дека нема можност за било какво зголемување во постојните услови на пандемија.

За таа цел, Синдикатот на УПОЗ повторно го актуелизира прашањето со платите и очекува во најбрз можен рок да отпочнат преговори со Министерството за финансии.  

Синдикатот на УПОЗ има бројни аргументи со кои ќе ја убеди другата страна дека е неминовна корекција на платите и заради фактот што изнесените податоци а и заради фактот што минатата година со офицјиален допис, Владата на РСМ ја прифати нашата иницијатива и побара од Министерството за финансии да отпочне преговори.

Денес на барање на Синдикатот на УПОЗ, во Министерството за правда се одржа состанок на кој главна тема на расправа беа платите на Судската служба (судската администрација, судската полиција и помошно – техничкиот персонал) и јавно обвинителската служба. Заедничка констатација беше дека е неминовно зголемување особено што со години наназад тие не се зголемени а од друга страна платите на судиите и јавните обвинители неколку пати беа зголемени и се направи огромна разлика.

Како резултат на Заклучокот од последната седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ, зголемвуање и нов начин на пресметка на платите во администрацијата и другите вработени, денес на состанокот со министерот за правда Бојан Маричиќ и официјално беше покренато ова прашање и се разговараше и преговараше за платите.

На состанокот од страна на Синдикатот на УПОЗ покрај претседателот Пецо Грујовски учествуваа и Насуф Ќамили и Горанчо Чолаков. Она што посебно заслужува да се одбележи е дека и министерот Маричиќ е на ставот дека платите на судската служба мора да бидат корегирани. Затоа, интервентно ќе бидат направени измени на Законот за судска служба до крајот на наредниот месец. За натамошните чекори во поглед на зголемувањето на платите ќе биде организирана средба со Министерството за финансии на која ќе се разговара по предлогот на Синдикатот на УПОЗ за нов начин на пресметка на платите.

Министерот Маричиќ ги сослуша аргументите на Синдикатот за недозволено ниските плати во судовите и јавните обвинителства. Особено беше истакнато дека и највисоката плата на стручните соработници е под републичкиот просек и дека најголем дел од вработените имаат плати од 15.000 до 17.000 денари.

Затоа, платите ќе бидат приоритетно прашање кое треба да се реши со новите закони за платиет на судиите и судската служба и јавните обвинители и јавно обвинителската служба.

На состанокот беа покренати и други прашања кои значително влијаат на правата на вработените, прекинатата соработка со Судскиот совет а во тие рамки и со Судскиот буџетски совет кои едноставно ги кочат па дури и оневозможуваат да се остварат одредени права согласно Законот и колективните договори.

Од тие причини, во наредниот период претстои интензивна активност на Синдикатот на УПОЗ и соработка со надлежните министерства и Судскиот буџет, договреното од денешната средба да биде реализирано.

Претставниците на Синдикатот, и официјално го поканија министерот Маричиќ да присуствува на одбележувањето на 30 годишнината од формирањето на Синдикатот на УПОЗ што ќе се одржи на 8 јули во Скопје.

Синдикатот на УПОЗ како дел од јавниот сектор и рамноправнен член на Европската федерација на синдикатите од јавниот сектор (ЕПСУ) преку своите синдикални организации се вклучи во одбележувањето на 23. јуни – Меѓународниот ден на вработените во јавниот сектор.

Обединетите нации го прогласија 23 јуни за Меѓународен ден на вработените во јавнот сектор. Тоа е ден за одбележување на вработените во јавните служби. Вработените во јавниот сектор им овозможуваат на луѓето да ги уживаат своите човекови права, да се осигураат дека нивната држава ги постигнува своите цели на одржлив развој и дека Европската унија го постигнува европскиот столб на социјалните права.

Затоа, Синдикатот на УПОЗ како член на ЕПСУ, се приклучи на оваа меѓународна акција, со цел да ги пренесеме следниве пораки:

  • Повисока плата за достоинствени услуги;
  • Достоинствена плата за јавниот сектор;
  • Не за приватизација, не за комерцијализација;
  • Не мерки за штедење.

Подолу Ви ги пренесуваме фотографиите од неколку синдикални организации кои го одбележаа Меѓународниот ден на вработените во јавниот сектор.