На 04.06.2021 година, во Општина Ресен, Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски и Претседателот на Синдикалната Организација при Општина Ресен Миле Чадевски и Градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски како работодавач, го потпишаа Колективниот Договор за вработените во Општина Ресен.

По неколку месечни преговори помеѓу работодавачот и синдикатот, денешното потпишување на договорот е значаен ден за вработените во општината од причина што со догововорот се регулираат правата и обврските на двете страни.

Со овој Колективен Договор, се утврдуваат и критериумите за годишен одмор, платени и неплатени одсуства, платите, надоместоците на плати и други примања, додаток на плата. Исто така, овој Колективен Договор го регулира и правото за службени патувања, регресот за годишен одмор, правата за јубилејни награди, како и прашањата на платите на помошно-техничкиот персонал, информирањето на вработените, а се пропишани и условите за слободно делување и условите за работење на синдикалната организација на општината.

Градоначалникот, Живко Гошаревски го истакна задоволството што преговорите со Синдикатот завршија успешно и што со Колективниот Договор се унапредени повеќе права на вработените.

Претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски го истакна задоволството од соработката и потпишувањето на договорот и што и Општина Ресен со ова влегува во групата на општина кои го имаат потпишано Колективниот Договор со кои се искажува волјата за унапредување и грижа за вработените и нивното право од работниот однос.

Претседателот на синдикалната организација при Општина Ресен, Миле Чадевски, во име на членовите на синдикатот го искажа задоволството од потпишувањето на договорот и напомена дека со зголемувањето на правото од работниот однос се зголемува и мотивот за професионално извршување на обврските.

Солидарниот фонд при Синдикатот на УПОЗ и натаму продолжува со транспарентната работа и да им помага на своите членови согласно пропишаните услови од Правилникот за солидарен фонд. Така, во периодот помеѓу две седници на Комисијата за солидарен фонд, беа одобрени 153 барања во износ од 621.500 денари, парична помош за членовите на Синдикатот на УПОЗ по најразлични основи.

Комисијата за солидарен фонд на Синдикатот на УПОЗ на 03.06.2021 година, ја одржа својата 33-та сединца, на која беа разгледани поднесените барања на членовите на Синдикатот на УПОЗ по разни основи. Поднесени и одобрени беа осум барања по основ парична помош за боледување во вкупен износ од 53.800 денари. Едно барање беше одобрено за парична помош за загрозена материјална состојба во износ од 10.000 денари и пет барања по основ парична помош за лекување во износ од 44.160 денари а шест барања беа одобрени по основ парична помош позајмица (школување и лекување) во износ од 158.000 денари.

Во периодот меѓу двете седници од 27.04.2021 година до 02.06.2021 година, согласно Правилникот беа одобрени и испалтени вкупно 153 барања во вкупен износ од 621.500 денари и тоа:

  • Парична помош за новороденче – девет барања во износ од 27.000 денари;
  • Парична помош за смрт на член на Фондот – две барања во износ од 40.000 денари
  • Парична помош за смрт на член на потесно семејство – шест барања во износ од 60.000 денари
  • Парична помош за пензионирање – 14 барања во износ од 41.500 денари
  • Парична помош по член 28 (исклучителен случај) – 122 барања во износ од 393.000 денари (за исплата на парична помош за заболени членови од вирусот Ковид – 19)
  • Парична позајмица за лекување – две барања во износ од 60.000 денари.

На оваа седница, Комисијата за солидарен фонд донесе заклучок сите барањата кои ќе пристигнат во овој период до Синдикатот на УПОЗ, по основ парична помош за прваче, да почнат да се реализираат од 20.08.2021 година.

Како репрезентативен Синдикат кој ги преставува вработените во државната управа, денес 03.06.2021 година по двомесечни преговори, се потпиша Колективниот договор за вработените во Државниот завод за ревизија. Со овој колективен договор се унапредени правата на вработените во Државнито завод за ревизија, и овој колективен договор е склучен на времетраење од две години, со можност за продолжување со писмена спогодба.

Синдикатот на УПОЗ и синдикалната организација при Државниот завод за ревизија,  претставувани од Претседателот Пецо Грујовски и претседателот на синдикалнта организција Мијалче Дургутов од една страна и Главниот државен ревизор Максим Ацевски, денес го потпишаа Колективниот договор за вработените во Државниот завод за ревизија.

Со овој Колективен договор се уредуваат правата, обврските и одговорностите на вработените во Државниот завод за ревизија, како и начинот на остварување на правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос. Со потпишување на овој Колективен договор се решаваат прашањата од интерес на вработените и работодавачот, и се утврдува постапката за решавање на меѓусебните односи.

Синдикатот на УПОЗ и натаму ќе продолжи со поптишување на колективни договори на ниво на работодавач активност која ја препознаваат вработените во администрацијата на Синдикатот на УПОЗ кој првенствено се грижи по пат на преговори да ги унапредува правата од работен однос за своите членови.

Зголемување на платите во правосудството, исплата на додатоците на плата, измени на законите за судска и јавнообвинителска служба беа дел од прашањата на Синдикатот за кои се разговараше на средбата со Министерот Бојан Маричиќ.

На барање на Синдикатот на УПОЗ,  Претседателот на Синдикатот Пецо Грујовски и Генералниот секретар Трпе Деаноски одржаа  работна средба со Министерот за правда  г – дин Бојан Маричиќ.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека од последното зголемување на платите во правосудството изминаа неколку години, а од тогаш до сега има постојан пораст на просечната плата на ниво на државата, пораст на минималната плата и зголемена инфлација која придонесува цените на основните производи за живот да бидат се повисоки. Ваквата состојба и фактот дека вработените во правосудството се многу поблиску до минималната плата отколку до просечната плата на ниво на држава мора да се измени во најбрз рок и Министерството за правда, Судскиот буџетски совет и јавното обвинителство мора да изнајдат средства за зголемување на платите на вработените.   

На средбата, Министерот информираше дека се подготвуваат посебни закони за пресметување на платите во судовите и обвинителствата односно, Закон за платите на судиите и Судската служба и Закон за платите на обвинителите и јавно обвинителската служба. По однос на овие два закони направени се средби и со Министерот за финансии во однос на зголемување на средствата за плати и во најскоро време работните групи ќе започнат со подготовка на текстот на овие закони.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ потенцираа дека измените на законите кои беа најавени многу се пролонгираа, а проблемите со кои секојдневно се соочуваат вработените не се решаваат туку се повеќе се зголемуваат. Од тие причини потребно е работните групи што побрзо да започнат со работа и да се донесат измени на законите за судска и јавнообинителска служба.

Министерот беше информиран и за селективната вакцинација на вработените во судовите и обвинителствата при што само судиите и обвинителите беа вакцинирани иако во Националната стратегија немаше назначено дека само одредена категорија на вработени ќе бидат приоритетно вакцинирани. Затоа беше побарано веднаш да се исправи неправдата и итно да се вакцинираат сите вработени во овие инстанци.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ побараа да се интензивираат и активностите околу потпишувањето на Колективниот договор за вработените во Министерството за правда при што министерот искажа подготвеност за негово потпишување.

Министерот за правда истакна дека Синдикатот на УПОЗ како репрезентативен синдикат активно ќе биде вклучен во подготовката на законите и дека ќе се земат во предвид сите барања кои ги доставил Синдикатот.