На средбата со Јавниот обвинител се разговараше и за унапредувањето на јавнообвинителските службеници, признавање на стекнатото образование, пополнување на испразнетите работни места и други прашања од интерес на јавнообвинителските службеници.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски, заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски и претседателот на синдикалната организација при јавните обвинителства Изабела Илиева остварија работна средба со Јавниот обвинител на Р. Македонија Љубомир Јовески и Генералниот секретар во јавното обвинителство Митко Митревски.

На оваа средба главна точка на разговор беа висината на платите и исплатата на додатоците на плата на јавнообвинителските службеници.

Претставниците на Синдикатот исто така ги отворија прашањата за можноста за унапредување на јавнообвинителските службеници, признавање на стекнатото образование со што би се добиле дополнителни бодови на плата за вработените, пополнување на испразнетите работни места и измени на Законот за јавнообвинителската служба   

Јавниот обвинител истакна дека од страна на обвинителството се преземаат чекори во рамките на буџетот на обвинителството за подобрување на состојбата на јавнообвинителските службеници, а исто така и во редовната комуникација со Министерството за правда се бара и носење на нови законски решенија со кои уште повеќе би се подобриле и зголемиле правата на вработените.

На крајот на средбата двете страни се согласија дека е потребно да се одржи и заедничка средба со Министерот за правда на која би се разговарало за сите отворени прашања и би се изнашле конкретни решенија за истите.

 

По неколку одржани состаноци со директорот на Агенцијата за вработување на С. Македонија, денеска работните групи од Синдикатот на УПОЗ и Агенцијата за вработување, започнаа со изготвување на текстот на Колективниот договор за вработените во АВРМ.

Работните групи ќе продолжат со работа и идната недела и очекуваме во најбрз рок да се потпише Колективниот договор со кој ќе се подобрат правата на вработените.

Износот на платите во администрацијата, исплата на плата пониска од минималната плата, почитување на одредбите на колективните договори и вакцинација на вработените во администрацијата беа дел од прашањата на Синдикатот за кои се разговараше на средбата со Министерот Јетон Шаќири.

На барање на Синдикатот на УПОЗ,  Претседателот на Синдикатот Пецо Грујовски и Генералниот секретар Трпе Деаноски одржаа  работна средба со Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) г – дин Јетон Шаќири.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ истакнаа дека иако има постојан пораст на просечната плата на ниво на државата, платите во администрацијата остануваат исти, а во многу институции административните службеници од категоријата Г добиваат плата пониска од минималната плата. Исто така се потенцираше дека во овој момент 95% од административните службеници имаат плата пониска од просечната плата на ниво на државата, а со секојдневниот пораст на цените на производите, со платите во администрацијата не можат се подмират ни основните средства за живот.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ на оваа средба го актуелизираа проблемот со вакцинација на вработените во администрацијата, особено на оние вработени кои се во непосреден контакт со странки и се изложени на висок ризик од пренесување на заразни болести.

Министерот информираше дека во новиот Закон за административните службеници е предвидена нова пресметка на плати со кој ќе се добие и одредено зголемување на примањата, а со пристигнување на вакцините на крајот на овој месец е предвидена и вакцинација на ризичните групи вработени во администрацијата кои имаат секојдневни контакти со странки.

Министерот за МИОА Јетон Шаќири истакна дека за сите чекори кои ќе ги презема Министерството, Синдикатот на УПОЗ навремено ќе биде известен и вклучен.