Наоѓање конечно решение за исплата на регресот за годишен одмор за 2020 година, проблемите со исплата на плата под минималната за вработените во администрацијата и  донесување на рамковниот закон за платите на вработените во јавниот сектор беа дел од прашањата за кои разговаравме на средбата со Министерката Јагода Шахпаска.

На барање на Синдикатот на УПОЗ,  Претседателот на Синдикатот Пецо Грујовски, и Генералниот секретар Трпе Деаноски на 09.04.2021 година, одржаа работна средба со Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Главен акцент на оваа средба беше ставен на барање за исплата на регресот за годишен одмор за 2020 година. Претставниците на Синдикатот на УПОЗ повторно ги проследија предлозите на Синдикатот за решавање на ова прашање, но и ја запознаа Министерката за поддршката која најголемите европски синдикати од јавниот сектор му ја даваат на Синдикатот на УПОЗ за решавање на ова прашање.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ на оваа средба го актуелизираа проблемот што одреден број на вработени во државната администрација повеќе од една година примаат плата под минималната плата. Побараа Министерството да се заложи да се изнајде решение за овој проблем бидејќи системот на плати во администрацијата не е поврзан со минималната плата, а со секое зголемување на минималната плата вработените се се повеќе оштетени.

Министерката за труд и социјална политика истакна дека социјалниот дијалог и  социјалното партнерство ќе се почитуваат и уште повеќе ќе се надградуваат и дека голем број на прашања ќе се решат со изготвување на новиот Закон за работните односи.

Судскиот буџетски совет и судовите продолжуваат со старата пракса за непочитување на законите и подзаконските за пресметка на платите и додатоците на плата за судската полиција.

Иако самиот назив на Правилникот за зголемување на платата до 20% на припадниците на судската полиција за секој суд посебно е повеќе од јасен, предвиденото зголемување не е пресметано на основната плата туку исплатено како додаток на плата.

Поради тоа Синдикатот на УПОЗ денес се обрати до Министерството за правда и Судскиот буџетски совет.

Барањата ги проследуваме во целост.

https://drive.google.com/file/d/1fmoRleGq4jo5ftFmnNz5b6eh3unktwfq/view?usp=sharing 

https://drive.google.com/file/d/1Uv9mljF50J7Wyv5BTec4I1uPhjf4SjtW/view?usp=sharing 

 

 

Прв претседател беше Пантелеј (Панче) Кочовски кој Најпрво бил претседател на Републичкиот одбор на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и финансиските организации (чиј правен следбеник е Синдикатот на УПОЗ) од 27.02.1990 год. до 28.03.1991 год. Функцијата претседател ја извршувал волонтерски, а ја напуштил заради професионална презафатеност. Панче Кочовски бил вработен во Здружението за заштита на авторски и музички права на Република Македонија. 

 

Втор претседател на Синдикатот на УПОЗ беше Ванчо Муратовски. До изборот за претседател на Синдикатот на УПОЗ бил генерален секретар, а на 28.03.1991 год. бил избран за претседател на Републичкиот одбор на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и општествените организации и здруженија на граѓани (чиј правен следбеник е Синдикатот на УПОЗ). За претседател на Синдикатот на УПОЗ бил избран и на Второто собрание (07.10.1993 год.), на Третото собрание (31.10.1997 год.), на Четвртото собрание (28.11.2001 год.) и на Петтото собрание на Синдикатот на УПОЗ (11.01.2006 год.). Ванчо Муратовски бил избран и за претседател на ССМ на 16 Конгрес на ССМ (2002 год.) и на 17 Конгрес на ССМ (2006 год.). Бил претседател на Субрегионот na Централна Европа и член на извршните комитети на PSI и EPSU. 

 

Пецо Грујовски актуелениот претседател на Синдикатот е избран на Шестото собрание (одржано на 21.12.2010 год.) и Седмото собрание на Синдикатот на УПОЗ (одржано на 12.12.2015 год.). Пред изборот за претседател на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски во април 2000 год. е именуван за секретар, а потоа и за генерален секретар на Синдикатот на УПОЗ. Од 2005-2009 год. ја извршувал и функцијата портпарол на ССМ. Во ССМ е вработен од 1987 година, кога е именуван за секретар на Службата за информирање.

На 05.04 пред 30 години, е формиран Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија.

Имено, паралелно со одвивањето на промените во синдикалното движење во државата, Синдикатот на УПОЗ започна процес на осовременување и следење на трендовите за изградба на силен и моќен синдикат во заштита на своето членство. Реформите ги започна со одржување на Првото Собрание (27.02.1990 год.), а на 5 април 1991 год. е основан Синдикатот на управа, правосудство, општествени организации и здруженија на граѓани на Македонија како правен следбеник на Републичкиот одбор на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и финансиските организации.

Со Решение на Министерството за внатрешни работи (УП. бр. 38-6136) од 12.09.1991 год. Синдикатот е запишан во Регистарот на општествени организации и здруженија на граѓани, под името: Синдикат на работниците од управата, правосудството и општествените организации и здруженија на граѓани на Република Македонија. Со истиот назив, Синдикатот е запишан и во Регистарот на синдикалните организации, со Решение на Министерството за труд и социјална политика (бр. 08-551) од 30.09.1994 год.

Со сегашниот назив: Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија, кој е утврден на Петтото собрание на Синдикатот од 11.01.2006 год., Синдикатот е запишан во Централниот регистар под ЕМБС: 04256816.

Синдикатот на УПОЗ, според Статутот од 2015 год. (член 1), кој е на сила, претставува: Доброволна, самостојна, демократска, независна и непартиска организација на вработените во: државната управа, локалната самоуправа, правосудните органи, здруженијата на граѓани, други служби и правни лица во државната и јавната управа, како и сите правни лица основани од Владата на Р. Македонија.“

Првото собрание на Синдикатот на УПОЗ се одржа на 27.02.1990 год. Собранието го одржа Републичкиот одбор на Синдикатот на работниците од управата, правосудството и финансиските организации со цел Синдикатот да се трансформира во: демократска, самостојна, независна организација која ќе се бори за остварување на посебните права и интереси на вработените од дејностите што ги опфаќа Синдикатот. Усвоениот Извештај за работата на Републичкиот одбор се однесуваше за периодот од месец април 1986, до месец февруари 1990 год. а Акционата програма за наредните задачи за периодот 1991 до 1994 год. И во двата документа, и во расправата од делегатите ан Собранието централно место беше дадено на потребата од активности за промовирање, потпишување и практикување на колективните договори на сите нивоа, Собранието ја потврди трајната определба на Синдикатот на УПОЗ колективните договори да бидат основен инструмент за регулирање на правата од работен однос. Синдикатот особено се залагаше за потпишување на посебен Општ колективен договор, бидејќи ОКД кој беше потпишан во 1990 год. од страна на ССМ и Стопанската комора на Македонија се однесуваше и за стопанството и за јавниот сектор. Исто така, заложба на Синдикатот беше врз основа на ОКД да се потпишуваат грански колективни договори, односно колективни договори на ниво на работодавач.

Првото Собрание на Синдикатот на УПОЗ усвои Програма за работа за наредниот период и донесе заклучок дека треба да се интензивираат активностите за реформа и афирмирање на Синдикатот како независна, самостојна, непартиска работничка организација која без никакви притисоци и влијанија ќе ги остварува програмските определби во интерес на членството и општо за вработените во Република Македонија. Синдикатот мора да се избори за својата позиција во општеството како социјален партнер и практикување на механизмите на социјалниот дијалог, со што ќе придонесува за изградба на современо, демократско општество во кое трудот ќе биде единствениот фактор за индивидуалниот и колективниот просперитет. Социјалното партнерство е најефектниот начин за решавање на социјалните конфликти и Синдикатот мора да биде вклучен во секој проект во државата кој се однесува на правата и интересите на работниците.

Процесот на осамостојувањето во посебен Синдикатот на УПОЗ по одржувањето на Првото собрание, ја наметна потребата од подготовка на посебни акти: Статут на Синдикатот; Правила за организирање; Правилник за работни односи; Правилник за организација и систематизација на работите и работните задачи; Правилник за распределба на средствата за плати; Правилник за формирање и распределба на средствата од Синдикалниот фонд. Со регистрирањето и отворањето на жиро-сметка, Синдикатот како правно лице стекна финансиска независност.