На 05.04.2021 година, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија прославува 30 години од формирањето.

Заради здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид – 19, Синдикатот на УПОЗ не е во можност да организира прослава на овој значаен јубилеј. Во наредниот период кога ќе бидат создадени услови овој јубилеј ќе се обележи на соодветен начин и на истиот ќе бидат поканети членовите на органите и телата на Синдикатот пријатели и долгогодишни соработници на Синдикатот, гости од синдикатите од државата и странство со кои Синдикатот на УПОЗ соработувал, претставници на Владата и др.

На оваа свеченост ќе биде промовирана и монографијата во која се содржани сите позначајни моменти од формирање на Синдикатот до денес.

За монографијата и Синдикатот на УПОЗ Ви пренесуваме кратки извадоци од рецензиите на Проф. Д-р Борче Давитковски и Проф. Д-р Нано Ружин.

Проф. Д-р Давитковски вели: „Mоже да се заклучи дека УПОЗ како современа, демократска работничка организација и како дел од Сојузот на синдикатите на Македонија претставува перјаница во развојот и апликацијата на синдикалното организирање во нашата држава.

УПОЗ е еден од ретките членки на Сојузот на синдикатите на Македонија којшто во повеќе наврати обезбеди социјален дијалог со државата (бидејќи негови партнери главно се соодветните министерства и Владата) со што се отсликува и неговата водечка улога во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Морам да истакнам, како учесник во многуте синдикални школи за едукација на своето членство што ги организираше УПОЗ, дека тој покрај со секојдневното синдикално организирање на своето членство особено се грижеше и се обидуваше да го надогради и стручниот / научниот потенцијал на своите органи и на своите членови. Не случајно – како резултат на овие одржани синдикални школи 31 – УПОЗ го зазема водечкото место во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија, а особено во заштитата на вработените во јавниот сектор на Република Северна Македонија.

Проф. Д-р Нано Ружин истакнува: „ Овој Синдикат, благодарение, пред сè, на визиите на нејзиното раководство предводено посебно од страна на претседателите Ванчо Муратовски и Пецо Грујовски, започна тешка битка за да го издигне „болниот синдикален синдром“ од „состојбата на инфузија“ на ниво на нов современ реформиран синдикален субјект, значаен и реформиран социјален партнер со другиот партнер - државата како работодавач. Она што охрабрува, пред сè, е подмладувањето на организацијата и уранотежената полова и етничка застапеност во структурите на Синдикатот на УПОЗ ...

... Социјалниот дијалог во јавната администрација е во центарот на прокупациите со оглед на нејзината специфичност во доменот на актуелните и идните трансформации на Синдикатот на УПОЗ. Монографијата за Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на гражани на Република Македонија (1991-2021), го изразува тешкиот пат на овој синдикат од стекнувањето на независноста на државата, преку реформите на ССМ, до неговото приспособување кон современите европски текови на синдикалното организирање и дејствување“.

Во изминатиот период Синдикатот на УПОЗ неколку пати реагираше до Владата и Министерството за труд и социјална политика укажувајќи на фактот дека Владата како работодавач треба да се грижи за безбедноста и здравјето на вработените и да има во предвид дека задршката на плата на вработените кои се заразени од Ковид -19 или се во самоизолација ќе направи сериозен удар врз материјално – социјалната положба на вработените.

Врз основа на нашите барања, Владата на С. Македонија на  54-та седница одржана на 16.03.2021 година, донесе заклучок со кој висината на надоместокот за привремена спреченост од работа за вработените да остане непроменет и да се исплаќа во полн износ, а решението од Државниот санитарен инспекторат да биде и оправдание за привремената спреченост од работа.

Во прилог е Извадокот од Нацрт – Записникот од Педесет и четвртата седница на Владата (кликни тука).  

Во периодот од 01.02.2021 година до 10.03.2021 година и од седницата на Комисијата за Солидарен фонд одржана на 11.03.2021 година по разни основи се одобрени и исплатени вкупно 177 барања во износ од 993.100,00 денари.

Солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ и натаму продолжува со зголемени активности, особено од почетокот на појавата на вирусот Ковид 19 со доделување на солидарна помош на своите членови. Во целиот период од почетокот на здравствената криза до денес, на над 550 членови на Синдикатот кои беа заболени, им беше доделена неповратна парична помош во износ од 2.296.000,00 денари.

 На 11.03.2021 година, Комисијата на Солидарниот фонд ја одржа 31-та седница при што на членовите на Синдикатот им додели парична  помош по неколку основи и тоа:

  • Поднесени и одобрени барања на парична помош по основ на боледување беа седум во износ од 33.800,00 денари;
  • Поднесени и одобрени барања на парична помош по основ загрозена материјална состојба беа две барања во износ од 18.000,00 денари;
  • Парична помош која се однесува на исклучителни случаи (член 28 од Правилникот) беше доделена на четири члена на Синдикатот во износ од 24.000,00 денари.

Комисијата додели и четири бескаматни позајмици и тоа три за лекување во износ од 44.000,00 денари  и една за школарина за студенти во износ од 30.000,00 денари.

Во периодот меѓу две седници (1.02.2021 година до 10.03.2021 година) согласно Правилникот за солидарен фонд, врз основа на приложени документи беа одобрени 161 барање и уплатени 783.300,00 денари парична помош по различни основи и тоа:

  • Парична помош за Ковид 19 во износ од 387.000,00 денари им беше доделена на вкупно 114 членови;
  • Парична помош по основ, смрт на член на Фондот 60.000,00 ( за тројца починати) и парична помош за смрт на член на потесното семејство вкупно 11 барања а исплатени беа 110.000,00 денари;
  • Парична помош за новороденче им беше доделена на 12 членови во износ од 36.000,00 денари;
  • Парична помош за прваче на четири членови во износ од 12.000,00 денари;
  • Парична помош за членовите кои заминале во пензија (13) во износ од 38.300,00 денари; и
  • Парична бескаматна позајмица беше доделена на пет членови на Синдикатот во износ од 140.000,00 денари.

Збирно, одобрени средства меѓу двете седници и средствата одобрени од Комисијата се во износ од 993.100,00 денари. Оваа помош беше доделена на вкупно 177 членови на Синдикатот на УПОЗ.

Со оглед на зголемениот број заразени со новиот вид од вирусот Ковид - 19, непочитувањето на Одлуката на Владата и препораките на Комисијата за заразни болести, Синдикатот на УПОЗ повторно се обрати до Владата и Комисијата за заразни болести и побара веднаш да се преземат мерки за заштита на здравјето на вработените.

Синдикатот на УПОЗ повторно се обрати до Владата и до Комисијата за заразни болести и побара стриктно почитување на мерките за заштита на здравјето на вработените.

Голем број раководители на институции покрај зголемениот број на заразени вработени и граѓани, од неразбирливи причини воопшто не ја почитуваат Одлуката на Владата и препораките не Комисијата за заразни болести и им наредија на вработените да се вратат на работните места без да постојат основни услови за извршување на работните задачи согласно препораките.

Ова е директно кршење на одлуката на Владата работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома или, пак редуцирано со систем на ротации зависно од карактеристиките на работниот процес на институциите.

Ваквите постапки доведоа до зголемување на бројот на заразени вработени и загрозување на здравјето на вработените што всушност е и директна повреда на членот 2015 и 2016 од кривичниот законик.

Доколку во било која институција не се почитува Одлуката на Владата и Препораките на Комисијата за заразни болести потребно е веднаш истото да се пријави во Државниот инспекторат за труд.