Денес 05.03.2021 година, во просториите на Министерството за правда, од страна на Министерот Бојан Маричиќ, беше потпишан Правилникот за исплата на додатоци на плата за вработените во судската полиција, со што се регулира исплатата на додатоците на плата.
Ова прашање, беше проблем за оваа група на вработени низ годините наназад, но по неколкуте месечните преговори, ова прашање беше надминато и конечно судската полиција ќе добива додатоци на плата за висок ризик.
Со овој правилник, се предвидува зголемување на плата во зависност од тоа во кој суд работат службениците, односно зголемувањето ќе биде од 8% до 18%.
Синдикатот на УПОЗ и натаму ќе се залага за зголемување на стандардот на вработените во правосудството и се надеваме дека и понатаму ќе наидеме на конструктивен дијалог.
Синдикатот на УПОЗ по повод денот на жената осми март, ги повикува сите жени членови на Синдикатот на УПОЗ, да се приклучат на МАРШОТ ЗА ЖЕНСКИ ПРАВА кој е во организација на Платформата за родова еднаквост, а која ќе се одржи на 8-ми март (понеделник), под слоганот “Државата што не постапува е држава што силува”.
Со овој марш ќе се даде поддршка на сите жртви од групата ЈАВНА СОБА и жртвите на родовото насилство, а и да се потсетат МВР и Јавното обвинителство дека треба темелно и неодложно да се расчисти случајот со ЈАВНА СОБА, кој преставува кривично дело во кое огромен број на жени се жртви на родово насилство.
Исто така, ќе биде побарано сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира во Кривичниот, и да се даде помош и поддршка на жртвите на родовото насилство од страна на сите надлежни институции. Затоа на 8-ми март со почеток во 15.00 часот пред МВР ќе започне овој марш, а ќе заврши до Паркот Жена Борец. Со овој повик, сакаме на сите жени членови на Синдикатот на УПОЗ, да им го честитаме денот на жената 8-ми март.
На ден 26.02.2021 година, во просториите на Општина Гостивар, беше потпишан Колективниот договор за вработените во Општина Гостивар. Овој колективен договор беше потпишан од страна на Градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари од едната страна и Претседателот Пецо Грујовски и претседателот на синдикалната организација при Општина Гостивар Имер Мемеди.
Овој колективен договор е резултат на неколку месечните преговори кои беа на релација работодавач – синдикат. Со овој Колективен догвоор се регулираат правата на сите вработени во Општина Гостивар, а и значајно се подобрени во повеќе сегменти. Покрај правата кои ќе ги користат вработентие, со овој колективен договор регулирани се обврските кои вработените во Општина Гостивар професионално и одговорно да ги почитуваат.
Синдикатот на УПОЗ и натаму ќе продолжи со активностите за потпишување на колеткивни договори.