Како репрезентативен Синдикат, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, денес 12.02.2021 година по три години преговарање, се потпиша Колективниот договор за вработените во министерството. Со овој колективен договор се унапредени и правата на вработените во шумската полиција, кои низ годините наназад своите права ги остваруваа по судски пат а со тоа се оштетуваше буџетот на министерството.

Синдикатот на УПОЗ и синдикалната организација при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство претставувани од Претседателот Пецо Грујовски и претседателот на синдикалнта организција Александар Диље од една страна и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Аријанит Хоџа, денес го потпишаа Колективниот договор за вработените во МЗШВ.

Со овој колективен договор, за прв пат се уредува системот за плати на овластените службени лица односно вработените во шумската полиција, регулирано е извршувањето на работните задачи за добиени овластувања од Министерот со што може да се исплати надоместок во висина на една просечна плата исплатена во државата, исплата на јубилејни награди на секој пет години право кое ќе го уживаат само членовите на Синдикатот, а исто така со овој колективен договор е регулирана и исплатата на регресот како за административните така и за вработентие во шумската полиција.

Потпишувањето на овој колективен договор, е уште еден пример дека доколку постои воља од страна на работодавачот, може да се унапредат правата на вработените, затоа што само задоволен работник е продуктивен работник. Затоа, овој колективен договор е пример на добрата воља и соработка меѓу Синдикатот и работодавачот.

Синдикатот на УПОЗ и натаму ќе продолжи со поптишување на колективни договори на ниво на работодавач и во другите министерства, општините и другите установи и институции на државната администрација.

Денес се одржа online состанок на синдикатите членки на EPSU – Европската федерација на синдикатите од Централна и Југоисточна Европа. На состанокот на кој учествуваа 28 претставници на синдикатите, учествуваше и претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецо Грујовски.

На состанокот се разговараше околу проблемите со пандемијата и мерките кои ги преземаат државите за справување со Ковид 19 и одразот на здравствената криза врз примената на колективните договори и проблемите предизвикани од кризата. Секој од учесниците имаше можност да информира за состојбите во нивните земји.

Од дискусиите можеше да се заклучи дека проблемите и мерките во справувањето со врисуот се идентични, дека во повеќето земји е отпочната вакцинацијата и дека работодавачите од јавниот сектор главно ги почитувале препораките и мерките на здравствените власти за заштита на вработените по принципот на ротација, работа од дома и слично.

Во однос на одразот на здравствената криза врз стандардот на вработените и почитувањата на правата од колективните договори беше искажано задоволството од владите, како најголем работодавач на вработените во јавниот сектор. Во најголем број држави, беше истакнато на состанокот, максимално се почитуваат правата од колективните договори, а во некои биле потпишани и анекси со кои правата биле зголемени (плати, додатоци на плата,исплата на 100% од платата за заболените од Ковид 19 и слично).

Следниот состанок ќе се одржи на 12 март на кој исто така ќе се разговара за овие прашања.

На барање на Синдикатот на УПОЗ, вчера 10.02.2021 година, во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација се одржа работен состанок меѓу претставниците на Синдикатот и Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) Јетон Шаќири, на кои се разговараше за прашања кои се од исклучително значење за административните службеници и Синдикатот. На овој состанок, Синдикатот го преставуваа, Претседателот Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски и членовите на Одборот за административни службеници Зоран Георгиевски и Александар Диље.  

Иако 2020 година е веќе зад нас, некои прашања и натаму остануваат отворени во однос на доследна примена на Гранскиот колективен договор. На оваа средба, од страна на Синдикатот на УПОЗ беше побарано, истиот доследно да се применува од двете страни, затоа што колективниот договор е облигаторен однос меѓу двата социјални партнери и мора да се почитува. Она на што сакаме да укажеме е дека, најголем проблем во овој момент неисплатата на регресот за годишен одмор за 2020 година, а потоа неучеството на претставниците на Синдикатот во креирање на буџетот кај работодавачот, неисплатените дневници за службени патувања за 2020 година итн.

Од страна на Министерот Јетон Шаќири, бевме известени дека регресот за годишен одмор за 2021 година и дневниците за службени патувања ќе се рализираат, а во однос на учеството на претставници на Синдикатот во креирање на буџетот во делот за администрацијата можеме да бидеме само информирани од Министерството за финансии. На ова мислење претставниците на Синдикатот се спротиставија со објаснување дека и во делот на Буџетот, Синдикатот треба да има активна улога. Во спротивно, непотребна би била одредбата во членот 15 точка 3 “Синдикалниот претставник учествува во процесот на подготовка на буџетот на работодавачот.

Со оглед што и на оваа средба толкувањата на МИОА и Синдикатот во поглед на исплатата на регресот за годишен одмор за 2020 година беа спротиставени, Синдикатот побара да се одржи работна средба на која ќе присуствуваат Претседателот на Владата на РСМ, Министерот за финансии, Министерот за информатичко општество и администрација и претставниците на Синдикатот, со цел да се затворат отворените прашања и толкувањето на МИОА - односно Владата на РСМ.

На оваа средба, исто така стана збор и за некоклу други прашања кои се однесуваат за вработените во државната администрација. Имено на последната средба на 26 Ноември 2020 година, бевме информирани дека се подготвува нов Закон за административни службеници но до денес истиот не е доставен до Синдикатот. Од страна на претставниците на МИОА, бевме информирани дека е подготвен текст на сосема нов закон, и дека истиот наредната недела ќе биде објавен на Електронскиот национален регистар на прописите на РСМ (ЕНЕР), а по истиот ќе бидат одржани и неколку јавни расправи.

Во однос на пренесување на правото на додаток за степен на кариера при унапредување, Синдикатот на УПОЗ и МИОА имаа различни ставови. Синдикатот на УПОЗ по ова прашање смета дека вработените ова право го има стекнато односно ова право го стекнува вработениот, а не нивото на кое работел, па од тие причини не гледа зошто ова право се губи при унапредување на работните места. Доколку и натаму се продолжи при унапредувањето да се губи степенот на кариера, за кое Синдикатот смета дека е стекнато право, ова право секој вработен кој ќе биде унапреден и ќе му се одземе степенот на кариера, ќе мора ова да го оствари по судски пат.

На крајот од оваа средба, Претседателот Пецо Грујовски го постави прашањето за зголемувањето на платите во државната админситрација. Имено ова барање, Синдикатот на УПОЗ уште пред една година веќе го има доставено до Владата на РСМ, и тоа беше проследено до МИОА и Министерството за правда за што до денес немаме одговор од овие министерства. Синдикатот на УПОЗ смета дека околу 90% од вработените во државната администарција имаат плата под републичкиот просек, заради што е неопходно нивно зголемување. Затоа предлог на Синдикатот е висината на бодот (кој во овој момент е 81.1 денар) да остане на ова ниво и платите месечно да се усогласуваат со порастот на просечната плата во државата. Од страна на Министерот Јетон Шаќири, беше побарано повторно овој предлог да биде доставен до МИОА, со цел заеднички да изнајдеме решение за зголемување на платите во државната администрација.

Во периодот помеѓу две седници на Комисијата за солидарен фонд, беа одобрени рекордни 320 барања во износ од 1.405.200 денари, парична помош за членовите на Синдикатот на УПОЗ по најразлични основи.

Комисијата за солидарен фонд на Синдикатот на УПОЗ на 29.01.2021 година, ја одржа својата 30-та сединца, на која беа разгелдани поднесените барања на членовите на Синдикатот на УПОЗ по разни основи.  Поднесени и одобрени беа седум барања по основ парична помош за боледување во вкупен износ од 46.700 денари. Едно барање беше одобрено по основ загрозена материјална состојба во износ од 10.000 денари и три барања по основ парична помош за лекување во износ од 61.000 денари а шест барања беа одобрени по основ парична помош позајмица (школување и лекување) во износ од 161.000 денари.

На оваа седница, беа разгледани и неколку спорни предмети, кои не ги исполнуваа условите за добиваање на парична помош од Правилникот за солидарен фонд.

Во периодот меѓу двете седници од 03.12.2020 година до 28.01.2021 година, согласно Правилникот беа одобрени и испалтени вкупно рекордни 320 барања во вкупен износ од 1.405.200 денари и тоа:

  • Парична помош за новороденче – 12 барања во износ од 36.000 денари
  • Парична помош за прваче – 12 барања во износ од 36.000 денари
  • Парична помош за смрт на член на Фондот – седум барања во износ од 140.000 денари
  • Парична помош за смрт на член на потесно семејство – 12 барања во износ од 120.000 денари
  • Парична помош за пензионирање – 12 барања во износ од 35.200 денари
  • Парична помош по член 28 (исклучителен случај) – 263 барања во износ од 948.000 денари (за исплата на парична помош за заболени членови од вирусот Ковид – 19)
  • Парична позајмица за лекување – три барања во износ од 90.000 денари.

Комисијата за солидарен фонд при Синдикатот на УПОЗ и натаму ќе продолжат да ја следи состојбата и да им помага на своите членови за неповратни средства и парични позајмици кои ги исполнуваат условите согласно Правилникот за солидарен фонд.