Согласно одредбите на Гранскиот колективен договор, Синдикатот на УПОЗ се обрати до Судскиот буџетски совет да одобри средства за синдикална активност која е од заеднички интерес - учество на предавања за примена на колективните договори. Одговорот е смешен. Судскиот буџетски совет очигледно смета дека во тој буџет мора да има пари само за судиите. Само неколку дена по негативниот одговор, Судскиот буџетски совет носи Одлука со која обезбедува средства за додатоци на плата?

Во врска со одржувањето на Синдикалната школа на Синдикатот на УПОЗ оваа година, согласно член 32 од Гранскиот колективен договор кој гласи “Работодавчот може да учествува во трошоците на организирање за едукација и обука, културни манифестации и спортски игри и средби”, Синдикатот на УПОЗ и синдикалните организации се обратија до работодавачите да обезбедат финансиски средства. Во организациите на управата и локалната самоуправа, мнозинството работодавачи го прифатија барањето на Синдикатот и одоборија средства за учество на синдикалната школа. Но единствено Судскиот буџетски совет, негативно одговори на барањето на Синдикатот со образложение “Поради настанатата состојба предизвикана од пандемијата на вирусот Ковид - 19, од Судскиот буџет не може да се обезбедат средства за бараната намера”.

Повеќе од очигледно е дека Судскуиот буџетски совет на чело со претседателот Киро Здравев, несериозно пристапуваат на барањата на Синдикатот. Ова од причина што Синдикатот со вакво барање се обрати уште во март и не доби никаков одговор. На нашето повторно барање, го добивме овој одговор што покажува дека Судскиот буџетски совет, нуди смешно образложение кое е апсолутно неприфатливо за Синдикатот. Ова уште повеќе што на седницата од 28.09.2020 година, Судскиот буџетски совет донел Одлука за обезбедување на средства за исплата на додатоци на плата за месец септември 2020 година. Се прашуваме, како одеднаш Судскиот буџетски совет најде средства за оваа намена. За Синдикатот на УПОЗ ова е уште една потврда за двојниот аршин на Судскиот буџетски совет, спрема судските службеници и другите вработени во судовите.

Денес, Синдикатот на УПОЗ писмено реагираше и укажа дека сме крајно изненадени и разочарани од ваквиот одговор, кој го сфаќаме единствено како несериозен пристап кон статутот на вработените во Судската служба. Ова, затоа што, како што веќе беше известен во месец март Судскиот буџетски совет, тема на синдикалната школа за која баравме да не поддржат е Гранскиот колективен договор и неговата примена. Имајќи во предвид дека после долги и мачни преговори, кои се одолговлекуваа со години, па и со децении, успеавме да потпишеме Грански колективен договор, со кој се опфатени и вработените во Судската служба, сметаме и се уште сметаме, дека присуството на поголем број учесници е еднакво важно и за Синдикатот, но и за работодавачите. Ова особено ако се има предвид фактот дека во изминатиот период, токму вработените во Судската служба, најмногу штрајкуваа, штрајкови предизвикани од лошите законски решенија, кои го регулираат нивниот статус.

Синдикатот на УПОЗ бара коректна соработка како социјални партнери, бидејќи заедничка цел ни е мотивирана Судска служба, која само така би била ефикасна и ефективна и нема да биде доведена во состојби како во минатото, своите права да ги бара по судски пат, а незадоволството да го изразува преку штрајкови. Затоа како социјален партнер, бараме во иднина од Судскиот буџетски совет да бидеме посериозно сфатени а кон нашите барања и предлози да постапува и навреме да не информира, со цел активно да бидеме вклучени, кога ќе се расправа за прашања кои се однесуваат на вработените во Судската служба.

Зголемување на платите и нов начин за пресметка на платите на административните службеници, измени на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор, доследна примена на гранскиот Колективен договор, реформата во администрацијата да се спроведува со учество на Синдикатот на УПОЗ, беа дел од главните прашања на Синдикатот на УПОЗ на првата средба со министерот Јетон Шаќири.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски, заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски, и претседателот на Одборот за административни службеници Зоран Георгиевски на првата средба со Министерот Јетон Шаќири, проследија низа барања кои Синдикатот на УПОЗ изминатите неколку години ги наметнуваше.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ на средбата со Министерот побараа:

  • Доследна примена на Гранскиот колективен договор и исплата на регресот за годишен одмор, дневниците како и останатите надоместоци и додатоци на плата во спротивност ќе се премине кон поднесување на тужби кои ќе го оштетат буџетот на државата.
  • Потпишување на Анекс на Гранскиот колективен договор во делот на критериумите за годишниот одмор со што повторно би се утврдил критериумот на годишен одмор за образование како и допрецизирање на ставот 4 од членот 21 кој се однесува на регресот на годишниот одмор за општините.
  • Измени на ЗАС и ЗВЈС со што би се предвидел нов начин за пресметка на платите, а со тоа би дошло и до зголемување на платите на административните службеници како и прифаќање на забелешките на Синдикатот на УПОЗ кои се однесуваат на унапредувањето, оценувањето и предвидување на додатоци на плата за административните службеници.
  • Доследна примена на измените на ЗАС од 20.01.2020 година, односно прифаќање на барањата за распоредување на вработените согласно членовите 8 и 9 од измената на ЗАС.

Исто така на средбата се истакна дека Синдикатот мора да биде вклучен во најавената реформа на администрацијата и дека вишокот на административни службеници кој се споменува во медиумите не се однесува на државната управа, локалната самоуправа и правосудните органи бидејќи во овие институции има непополнети работни места, согласно систематизациите.

Министерот за МИОА Јетон Шаќири истакна дека соработката на Синдикатот на УПОЗ и МИОА уште повеќе ќе се надгради и дека социјалното партнерство ќе продолжи со учество на Синдикатот на УПОЗ во сите фази од најавената реформа на администрацијата.

На средбата се разговараше за статутот и положбата на вработените во судската и јавнообвинителската служба и вработените во казнено поправните и воспитно поправните установи, а беа отворени и прашањата за нов начин на пресметка на платите на судската и јавнообвинителската служба, унапредувањето на вработените во судовите и обвинителствата, донесување на Правилникот за додаток на плата за висок ризик за судската полиција, како и измени на посебните закони за вработените во правосудството. 
 
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски и стручниот соработник Бојан Трипуноски остварија работна средба со Министерот за правда г-дин Бојан Маричиќ. 
 
На оваа прва средба со министерот Маричиќ се разговараше за неколку се уште отворени прашања за вработените во правосудните органи, а посебен акцент беше ставен на прашањата за суштински измени на законите за судска служба и јавнообвинителска служба. 
 
Со измените на овие два закона, Синдикатот на УПОЗ кои очекува да се усвои нов начин за пресметка на платите во судовите и обвинителствата, да се предвиди можност 30 проценти од стручните соработници во судовите и обвинителствата да бидат директно избирани за судии и обвинители, поедноставување на постапката за унапредување на вработените во судовите и обвинителствата и судските полицајци да добијат статус на овластени службени лица, а со тоа и бенефициран стаж.
 
Министерот за правда исто така беше запознаен дека и покрај донесената Одлука на Уставниот суд со која се поништи Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, Судскиот буџетски совет не ги почитува одредбите на Законот за судска служба и од месец февруари не исплаќа никакви додатоци на плата за судските службеници. 
 
Министерот Маричиќ исто така беше запознаен и со долгогодишниот проблеми со кои се соочуваат припадниците на судската полиција и од потребата итно да биде донесен правилникот за додаток на плата за висок ризик за судските полицајци. 
 
Министерот Маричиќ изрази подготвеност и воља за решавање на сите отворени прашања кои ги поставија претставниците на Синдикатот и се согласи во рок од еден месец да се одржат посебни состаноци со секоја група вработени од правосудството (судовите, обвинителствата и КПУ и ВПУ) на кои подетално ќе се разговара за решавање на отворените прашања. 

На 15.09.2020 година, Синдикатот на УПОЗ и Општина Демир Хисар претставувани од Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски, претседателот на Синдикалната организација при Општина Демир Хисар Игор Дамјановски од една страна и Градоначалникот на Општина Демир Хисар Марјанче Стојановски од друга страна го потпишаа Колективниот договор за вработените во Општина Демир Хисар. Со овој Колективен договор се уредува статутот, правата, обврските и одговорностите во врска со работниот однос на вработените во Општина Демир Хисар.   

Со оваа активност Синдикатот на УПОЗ и натаму продолжува со активностите за потпишување повеќе колективни договори на ниво на работодавач. Колективниот договор за вработените во Општина Демир Хисар содржи општи одредби, обврски на вработените, права на вработените и нивата положба, надоместоци на плата и други примања, услови за работа и делување на синдикалната организација, одредби за остварување на право на штрајк, одредби за одговорности за вршење на работни задачи, но и други важни прашања поврзани со правата на вработените во Општината.

За непречено и активно работење на Синдикалната организација многу значаен е делот каде што се регулирани условите за работа и делување на синдикалната организација при што е наведено дека работодавачот е должен да создаде услови за работата на Синдикалната организација во врска со заштита на правата на вработените од работниот однос, утврдени со закон, и со овој колективен договор.

Со потпишувањето на овој Колективен договор, Синдикатот на УПОЗ уште поинтензивно продолжува со потпишувањето на колективни договори на ниво на работодавач со цел уште повеќе да ги унапредат правата од работен однос на поголем број вработените.