На работната средба што се одржа денес на 9 јули со Министерот на Министерството за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски беа разгледани повеќе прашања, со посебен осврт на примената на Гранскиот колективен договор и некои дилеми кои непотребно се создадоа.

На барање на Синдикатот на УПОЗ по подолг период се одржа работна средба со Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) Дамјан Манчевски и државниот советник за правни и нормативни прашања при МИОА Билјана Николовска Жагар. На работната средба од страна на Синдикатот на УПОЗ учествуваа Претседателот Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски, и членовите на одборот за администрација Зоран Георгиевски и Александар Диље.

На оваа средба главен акцент беше ставен на прашањата за доследна примена на Гранскиот колективен договор и предлогот на Синдикатот на УПОЗ за измена на начинот на пресметка на платите во државната администрација.

Од страна на Синдикатот беше истакнато дека со новиот начин на пресметка на плати ќе се избегне моменталната ситуација со која одредени категории државни службеници имаат плата со износ под минималната плата на ниво на држава, а воедно со порастот на просечната плата ќе се зголемува и платата на вработените во државната администрација.

Во врска со примената на Гранскиот колективен договор претставниците на Синдикатот на УПОЗ побараа доследно да бидат применувани одредбите од истиот особено на оние одредби кои се однесуваат на исплата на надоместоците и додатоците на плата на вработените кои се опфатени со Гранскиот колективен договор.

Министерот Дамјан Мачевски истакна дека за министерството и Владата прашањето за доследна примена на Гранскиот колективен договор е јасно и нивниот е став е дека сите додатоци и надоместоци како и другите права предвидени со овој колективен договор треба да се исплаќаат и применуваат без никакви ограничувања.

Во врска со предлогот на Синдикатот на УПОЗ за начинот на пресметка на платите во државната администрација, Министерот Манчевски истакна дека овој предлог заслужува внимание да се разгледа во наредниот период.

На последната седница на Претседателството на Синдикатот на УПОЗ, по една од точките на дневниот ред се расправаше за функционалната анализа која треба да се спроведе во сите институции до крајот на оваа година. Кратко излагање по оваа точка имаше членот на Синдикатот на УПОЗ Александар Диље кој има големо искуство по ова прашање и ги наведе битните елементи кои треба да ги знаат претставниците на Синдикатот и вработените воопшто при изготвувањето на вертикалната функционална анализа.

Согласно член 5 од Гранскиот колективен договор:  Синдикалните организации на Синдикатот на УПОЗ учествуваат со свој преставник во процесот на спроведување на вертикална функционална анализа, изготвување на правилниците за внатрешна организација и систематизација на работните места, како и на нивните измени и дополнувања.  

Учеството на синдикалниот претставник во изготвувањето на вертикалната функционална анализа е од голема важност бидејќи согласно Законот за вработените во јавниот сектор (ЗВЈС), институциите имаат обврска да ги подготвуваат актот за внатрешна организација и актот за систематизација на работните места, врз основа на функционалата анализа. Со други зборови, доколку со функционалната анализа се утврди дека одредени работни места, одделенија или сектори не се потребни за извршување на основните функции на институциите, можно е да дојде до кратење на тие работни места, одделенија и сектори и прераспоредување или престанок на работниот однос на вработените.

Поради горе наведеното како претседателите на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, задолжително  да учествуваат активно во работната група која ќе ја изготвува функционалната анализа, навремено да го известуваат Синдикатот на УПОЗ доколку се јават проблеми при изготвувањето на функционалната анализа за да заеднички ги преземеме сите потребни чекори за заштита на работните места на членовите на Синдикатот на УПОЗ.

Денес, во Ниш, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) претставуван од Претседателот Пецо Грујовски и Развојниот центар за млади од Белград претставуван од Програмскиот директор Александра Кнежевич, го потпишаа Меморандумот за деловно техничка соработка. Со овој договор, двете страни се обврзаа на подигање на капацитетите на Синдикатот како на национално ниво, така и на меѓународното поле.

По две години заедничко делување, како на национално, така и на регионално ниво, Развојниот центар за млади и Синдикатот на УПОЗ решија својата соработка да ја подигнат на повисоко ниво и да потпишат Договор за деловно техничка соработка и заедничко делување на меѓународно поле.

Договорот за соработка става акцент на зголемување на капацитетите на членовите на Синдикатот на УПОЗ низ тренинзи, обуки, но и поврзување на Синдикатот со релевантни учесници на меѓународно ниво, како и заеднички подготовки на проекти за национални, регионални и меѓународни донатори, за потребните на Синдикатот и неговите членови.

“Синдикатите се важна алка во граѓанското општество и најорганизирана структура, чии капацитети треба да бидат соодветно насочени и зајакнати, со цел подобро и погласно да го преставуваат гласот на нивните членови. Свесни сме дека основните средства на синдикатот мора да се искористат за приоритетни и дневни активности и сакаме да покажеме дека заеднички можеме да дојдеме до дополнително финансирање на основите активности, номинирајќи ги нивите идеи пред меѓународната заедница за донатори. Наша цел не е да трошиме, туку да создадеме и ќе се посветиме на тоа во наредниот период заедно. Како и досега, Синдикатот на УПОЗ ќе ужива во нашата целосна поддршка, особено во делот што се однесува на поинтензивна работа со жени и млади - изјави Александра Кнежевиќ, програмски директор во Развојниот центар за Млади.

Претседателот Пецо Грујовски пак напомена дека “Со задоволство може да констатирам дека соработката која во изминатите две години ја имавме со Развојниот центар за млади од Србија, ги даде очекуваните резултати. Потпишувањето на договорот за деловно техничка соработка, денес во Ниш, е уште една потврда на искрените желби и намери за унапредување на таа соработка. Со овој договор, Синдикатот на УПОЗ добива партнер со кој ќе може да го подигне нивото на квалитетот, како на членовите така и на синдикалните организации. На овој начин ќе добие нов квалитет во делот на едукацијата на нашето членство која е мошне значајна во работата и делувањето на Синдикатот.  Посветено ќе работиме оваа соработка да трае подолго период и заеднички да дојдеме до посакуваната цел и на овој начин да ја унапредиме работата на Секцијата на млади и Секцијата на жени.”

Овој договор за соработка се потпиша со важност од две години, со простор за продолжување на соработката.

Барањата содржат дел од приоритетните прашања кои во изминатиот период се наметнаа како суштински за вработените во управата и правосудството.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), денес, до политичките партии кои ќе учествуваат на претстојните парламентарни избори упати барања со кои побара унапредување на правата од работен однос на вработените во администрацијата и правосудството.

Барањата се испратени до сите политички партии  и сметаме дека тие се од голема важност за вработените во администрацијата и правосудството.

  1. Доследна примена на одредбите од колективните договори и афирмирање на социјалното партнерство;
  2. Сразмерен раст на платите во администрацијата и правосудството со порастот на минималната плата;
  3. Најавената реформа и спојувањето на институции во администрацијата да се спроведе без губење на работните места, особено на референтите кои се со најниски плати во државата;
  4. Мораториум за нови вработувања и вработувања на определено време се додека не се исцрпат можностите за унапредување на вработените во администрацијата и правосудството;
  5. Укинување на одредбите од Законот за извршување на буџет кои ја ограничуваат или стопираат исплатата на надоместоците и додатоците на плата за вработените;
  6. Измена на законските оредби со кои ќе се предвиди Колективните договори да важат исклучиво за членовите на Синдикатот;   
  7. Коренити реформи во судовите и јавните обвинителства и усогласување на платите на судските и јавнообвинителските службеници со платите на судиите и обвинителите.

Ова се само дел од барањата кои Синдикатот на УПОЗ ги упати до политичките партии и воедно ги повика одговорите да ги достават најдоцна до 08.07.2020 година, на e-mail адресата на Синдикатот Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..

Исто така, Синдикатот на УПОЗ изразува подготвеност да одржи работни средби со политичките партии на кои дополнително ќе ги образложи своите барања.