Во пресрет на претстојните парламентарни избори, Синдикатот на работниците од управата, правосудниет органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ), на ден 19.06.2020 година писмено се обрати до Државната изборна комисија со цел членовите на избирачките одбори и комисии да се заштитат од вирусот Ковид - 19, како и со барање за исплата на поголеми награди за вработените во ДИК и избирачките одбори и комисии. 

Во продолжение Ви го пренесуваме во целост писмото: 

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија (УПОЗ), бара од надлежните институции за претстојните парламентарни избори,  да ги преземат сите мерки на заштита за вработените од Државната изборна комисија (ДИК) и вработените административни службеници кои како членови на избирачките комисии и избирачките одбори ќе бидат вклучени во изборите.

Имајќи ја во предвид секојдневната растечка бројка на заразени од вирусот Ковид – 19, не можеме да не бидеме загрижени од опасноста, голем број вработени во државната администрација да бидат изложени на опасност од зараза од вирусот Ковид – 19, бидејќи 2700-те избирачки места, обично се училници, канцеларии во општини или месни заедници кои по квадратура не се соодветни за одржување на избори во време на пандемија. Ова особено ако се земе предвид фактот дека секој избирачки одбор е составен од пет члена, кои имаат свои заменици, а на изборите ќе се појават 14 коалиции со свои посматрачи. Така, може да се случи, во една просторија со површина околу 20 метри квадратни, во исто време да бидат присутни 20 лица.

Членовите на избирачките одбори и избирачките комисии кои се избираат по случаен избор од вработените во администрацијата и јавниот сектор, согласно Законот за административните службеници (ЗАС) се должни да учествуваат во спроведување на изборната постапка, а може да не ја прифатат должноста само од здравствени или семејни причини за што треба да достават писмен доказ.

Поради ова Синдикатот на УПОЗ бара хронично болните и вработените кои се родители на деца под 10 години да бидат изземени од должноста за учество и спроведување на изборната постапка. Исто така, бараме  членовите на избирачките одбори и посматрачите во избирачките места да се ротираат и за истите да биде обезбедена заштитна опрема и заштитни средства, како и да се почитуваат сите протоколи за безбедно растојание од минимум два метри во секое избирачко место.

Со оглед на тоа што ДИК до сега до своите вработени во подрачните одделенија нема испратено никакви напатствија за тоа како вработените во ДИК и членовите на избирачките комисии и одбори да го заштитат своето здравје, а од почетокот на кризата до сега на вработените се уште не им се обезбедени маски и средства за дезинфекција согласно препораките од Владата, бараме итно да се преземат мерки и активности за заштита на здравјето и безбедноста на овие вработени.

Иако политичките партии се сретнаа неколку пати и се договараа за датумот на изборите ниту една политичка партија изгледа не размислувала за вработените кои ќе ги спроведуваат изборите ниту пак каква заштита би добиле вработените кои со своето учество во изборите би се заразиле од вирусот Ковид – 19?

Поради тоа бараме, доколку вработените кои ќе учествуваат во изборниот процес се заразат од вирусот Ковид – 19, да имаат право на исплата на 100% од боледувањето, Државната изборна комисија да издвои поголеми средства за хонорари за избирачките комисии и избирачките одбори поради високиот ризик од зараза, и сите вработени кои учествувале во изборите наредниот ден да бидат ослободени од работните обврски.

На 12.06.2020 година, Синдикатот на УПОЗ и Царинската управа на Р.С. Македонија потпишаа Колективен договор за вработените во царинската управа.

Во 2009 година, под притисок од страна на работодавачот, Синдикална организација при Царинската управа членка на Синдикатот на УПОЗ беше расформирана заради неприфаќањето на Синдикатот на УПОЗ да потпише Колективен договор со одредби по желба на тогашниот директор.

Во 2018 година, по цели 11 години, вработените повторно се организираа и формираа синдикална организација а во Синдикат на УПОЗ препознаа Синдикат кој ќе ги застапува вработените пред работодавачот во остварување на поголеми права од работен однос. За цели две години, синдикалната организација при Царинската управа веќе брои повеќе од 500 членови.

Двете страни извесен период работеа на подготовка на текстот на колективниот договор со желба да се унапредуваат и уредат сите специфики на работењето на вработените во Царинската управа.

Како поголеми придобивки со потпишувањето на Колективниот договор можеме да го издвоиме регресот за годишен одмор, исплата на теренски додаток, зголемен број на денови за платените отсуства, поголема пауза за вработените кои работат повеќе од 12 часа итн.  

Претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски, претседателот на Синдикалната организација Тони Апостоловски и Директорот на Царинската управа Ѓоко Танаскоски го истакнаа  своето задоволство од соработката и од крајниот резултат. Особено беше потенцирано дека е битно одредбите од овој Колективен договор да се почитуваат и да се применуваат како од страна на работодавачот така и од вработените.

Синдикатите и секциите на млади од регионот, заеднички учествуваа во истражување, колку младите вработени се запознаени со работата на Синдикатот.

На следниот линк, може да ја погледнете анализата од истражувањето на Синдикатите од јавниот сектор во регионот и активноста на нивните секции на млади (кликни тука)

Од претседателите на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, пристигнуваат се повеќе информации дека голем број од институциите не се придржуваат, односно ги прекршуваат одредбите до Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба (Службен весник бр.95/20).

Имено, во член 2 став 1 од Уредбата е наведено дека: Вработените во јавниот сектор кои се работно ангажирани за времетраење на мерките за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата“.

Оваа одредба иако е прецизна и јасна, во одредени институции од како биле изготвени плановите за користење на годишниот одмор истите се повлечени и спротивно на горе цитираната одредба, вработените кои извршувале работни задачи за целото време на вонредната состојба се известени дека преостанатите денови од годишниот одмор од 2019 година им се сметаат за искористени.

Во други институции пак, работодавачите изготвуваат решенија со кои што, не само што не им дозволуваат на вработените да ги користат преостанатите денови од годишниот одмор за 2019 година, туку работодавачите (без барање од вработените) им ги одземаат и деновите од годишниот одмор кој им следува за 2020 година.

Ваквите дејствија на работодавачите (директорите, министрите и градоначалниците), не само што се спротивни на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба и Законот за работните односи, спротивни се и на членот 32 од Уставот на Р. Македонија.

Затоа ги охрабруваме сите членови на Синдикатот на УПОЗ кои ќе добијат Решенија за годишен одмор а ги извршувале работните задачи, истите да поднесат жалба за донесеното решение.

Исто така, сакаме да Ве информираме дека Синдикатот на УПОЗ се обрати писмено до Владата на Р.С.Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација за дејствијата кои ги преземаат одредени работодавачи.