Судската администрација во сите судови низ државата на 15 ноември 2019 година од 9:30 до 11 часот протестираше изразувајќи го незадоволството од состојбите во судството. Вработените протестираа против одлуките на Судскиот буџетски совет за нерамномерно зголемување на додатоците на плата за судиите и судските службеници но и за недонесувањето на конечна одлука за исплата на платите за дел од вработените што учествуваа во штрајкот во 2016 година.

Членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ и Здружението на судска администрација се собраа на протест пред судските згради за да го искажат незадоволството на вработените во Судската служба и против одлуките на Судскиот буџетски совет кој на разни начини ги опструира и не сака да ги врати парите од штрајкот на дел од вработените, пари кои преку преговори и разговори со Владата на РСМ ги обезбеди Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација. Револтот беше насочен и против Одлуките за додатоци за плата за септември и октомври.

Во изјава за медиумите претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски рече дека ова е последна опомена за Судскиот буџетски совет кој е нетранспарентен.

„Неколку пати, а посебно на последната седница побарав да присуствувам како претседател на синдикатот, но веднаш беше одбиено барањето. Револтот е огромен. Не сакаме да ги спориме ниту платите, ниту додатоците на плата на судиите, туку го спориме нехуманиот однос на оние кои одлучуваат за судската служба затоа што договорот беше додатоци за плата да добијат сите исто во процентуален износ. Во септември беше одредени и судиите и судската администрација да добијат пет проценти додаток на плата, меѓутоа од Судскиот буџетски совет велат дека немаат зголемување на пет проценти на платата како останатата администрација и си доделија уште пет проценти додаток”, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Според проценките што ги направи Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација судиите земале додаток на плата од 6.000 до 9.000 денари, а судската администрација од 750 до 1.000 денари.

На протестот Синдикалците повторно реагираа и на незаконитиот начин со кој им се одземени и дел од платите на учесниците во штрајкот од 2016 година.

„Како синдикат заедно со Владата обезбедивме средства за да им се вратат парите на вработените, но Владата бараше законска постапка и тие пари ги префрли на Судскиот буџетски совет. Беше договорено постепено враќање на парите и да се исплатат сите учесници во штрајкот од технички персонал, до судски службеници и судска полиција, но добивме разноразни одговори дека на дел од луѓето не може да им се исплатат парите, а обезбедени се пари за сите учесници во штрајкот”, изјави Грујовски.

На протестот Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судски службеници побараа да имаат и свој претставник во Судскиот буџетски совет и во Советот на судска служба, како и поинаква дефиниција на позицијата на судската служба.

Доколку не се наиде на разбирање од страна на Судскиот буџетски совет, ќе се искористат сите форми на притисок.

„Секоја активност која ја преземаме потекнува од членството. Сите форми на притисок ќе ги примениме, но нема да им го направиме задоволството повторно да штрајкуваме за да повторно да ги казнуваат нашите членови. Ќе бараме нови форми на притисок, но ќе побараме помош и од Владата, посебно од Министерството за правда да се вложи во овој процес бидејќи судството е дел од Министерството. Министерката за правда мора да учествува на седниците на Судскиот буџетски совет бидејќи ова што се случува во Советот излегува од контрола”, истакна Грујовски.

Поддршка за протестот пристигна од Колегиумот на судии и Здружението на судии од Основниот кривичен суд во Скопје, чиј претседател Иван Џолев и лично ја даде со своето присуство заедно со членовите на судската управа. Во изјава за медиумите тој рече:

„Тука сме заедно со судската управа на Кривичниот суд Скопје за да дадеме подршка на судските службеници. Сметаме дека заслужуваат повисоки плати и примања. Станува збор за едни од највредните службеници генерално  во државата заедно со здравствените и просветните работници и во таа смисла сметам дека и судските работници треба да имаат, по разни основи, повисоки примања. Тие навистина имаат стресна работа, имаат многу работа и не гледам зошто не би ги поддржале. Не гледам проблем ниту во Судско буџетскиот совет и ние судиите и советот ги подржува судските службеници во нивните барања. Очигледно е дека во минатото платите се зголемувани и таа тенденција треба да продолжи”.

Во продолжение во целост Ви ја пренесуваме Пораката од овој протестот:

  • Апелираме до Судскиот буџетски совет да ја прекине праксата на дискриминирачкиот и игнорантскиот однос спрема судската служба со донесување на одлуки според кои пари за судиите секогаш има а за судската служба нема;
  • Да прекине со создавање на раздор, незадоволство и револт со ваквите одлуки меѓу вработените;
  • Да покаже искрени намери во градење на ефикасно судство како стратешка определба на Република Северна Македонија, со тоа што ќе отпочне да го намалува, а не да го зголемува јазот помеѓу судиите и судската служба;
  • Бараме итно да им бидат исплатени парите на нашите колеги од судската полиција, помошно - техничкиот персонал, на пензионираните, на вработените кои имаат најниски примања;
  • Апелираме до Вас и вашата совест да ја разбудите и да ја видите реалноста. Непочитувањето закони и прописи кога се во прашање вашите интереси. Кога сме во прашање сите ние вработените, судските службеници, судската полиција и помошно - техничкиот персонал, за нас или нема пари или секое решение оди во наша корист за вас е незаконско наоѓајќи разно разни изговори;
  • Судството, не се само судиите, туку дел од тој тим се и сите вработени во судската служба, кои заслужуваат еднаков третман. Перцепцијата за судството и дома, но и пред меѓународната заедница, ќе се подобри само кога целиот тим заеднички и посветено ќе работи за истата цел.

Затоа бараме од Министерството за правда итно да пристапи на:

  • Измена на законите и да утврди поинаква позиција на Судската служба независна од милоста на Судскиот буџетски совет и да се формира посебно тело кое ќе биде одговорно за нас;
  • Задолжително да имаме претставник во Судскиот буџетски совет и
  • Задолжително да имаме претставник во Советот на судска служба.

На редовната Годишна конференција на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) учествуваа и министерот за информатичко општество и администрација Манчевски, како и претставници од министерството за правда. Оваа конференција беше поделена во два дела. Во првиот дел стана збор за актуелните законски измени кои се однесуваат на административните службеници, правосудните органи и другите закони кои ги засегаат членовите на Синдикатот на УПОЗ, а во вториот за досегашните и идните активности.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) ја одржа Годишната конференција на која учествуваа претставници на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ, како и претставници на членовите на Советот на ССМ од Синдикатот на УПОЗ, Надзорниот одбор, Статутарната комисија, Секцијата на млади и Секцијата на жени.

Учество во работата зедоа и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и високи претставници од минстерството за правда.

Годинава конференцијата на Синдикатот на УПОЗ беше поделена во два дела и тематски насочена. Главен акцент на расправата беа актуелните законски измени кои се однесуваат на административните службеници, правосудните органи и другите закони кои ги засегаат членовите на Синдикатот на УПОЗ. Не помалку важни за синдикалното движење се и досегашните и идните активности кои ги имаат синдикалните организации. 

Годишната конференција ја отвори претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ (УПОЗ) Пецо Грујовски, а свое учество во дискусиите земаа и останатите присутни.

Од дискусиите може да се заклучи дека во прв план и натаму се актуелните проблеми на членовите на Синдикатот на УПОЗ во остварувањето на правата од работен однос, како и активностите околу потпишувањето на Гранскиот колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи, односно финализирање на активностите за негово потпишување, а една од темите што се наметна беа и актуелните покачувања на платите во одредени сектори. 

Општо познато е дека преговорите за потпишување на Колективниот договор меѓу претставниците на Министерството за информатичко општество и администрација и Синдикатот на УПОЗ почнаа кон крајот на август 2018 година, а сега пред крајот на оваа 2019 година за очекување е да се стави и долгоочекуваниот потпис од двете страни.

Оптимист е и министерот за информатичко оптшество и администрација кој изјави дека најдоцна до крајот на годинава се очекува да биде потпишан гранскиот колективен договор за администрација, за што веќе подолго време преговараат Синдикатот на УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација.

„Ние долго време сме блиску до договор, но никако да го потпишеме. Морам да дадам и признание, што не ми одговара, дека не сакаат да потпишат што било и се борат за нивните права до крај. Затоа можеби трае дијалогот подолго време. Следната недела на оваа тема ќе имаме средба во Владата и мислам дека ќе можеме да најдеме некакво заедничко решение, но да не прејудицираме. Финансиските можности во државата се онакви какви што се и правиме напори да излеземе во пресрет на се она што се бара”, изјави министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски по денешната годишна конференција на Синдикатот на УПОЗ.

И од Синдикатот се надеваат дека наскоро ќе го заокружат процесот на преговарање со потпишување на колективен договор. Ако тоа се случи ова ќе биде прв Грански колективен договор за административните службеници, службениците вработени во правосудните органи и другите вработени во државната управа и правосудните органи после 1995 година.

По надминувањето на разликите и по она што досега е договорено со овој Колективен договор е предвидено да се добијат поголеми права од оние кои се предвидени во законите.

Во однос на платите во администрацијата, од Синдикатот на УПОЗ предлагаат платите да го следат порастот на просчената плата во државата со сегашната утврдена вредност на бодот.

На овој начин, доколку дојдеме до договор, мислам дека ќе го решиме проблемот со незадоволство кај администрацијата”, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Инаку, на новиот Колективен договор работи работна група составена од претставници од министерствата за информатичко општество и администрација, за правда, за финансии и за труд и социјална политика. Тие заедно со претставниците на Синдикатот разговараат и се во добра насока за финализирање и на последните разлики за конкретните предложени решенија.

Во дебатата што се разви на самата Годиншна конференција неминовна беше и рекацијата на престтавниците на синдикатите во врска со одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци со која додатоците на плата на судиите за септември и октомври се зголемени за 10 проценти, а на судската администрација за пет отсто. Судските службеници жестоко реагираа на оваа одлука и се пожалија пред претставниците на влсата за деградирачкиот третман од страна на Судскиот буџетски совет кој со ваков начин на работење ги дискриминира сите вработени административно технички работници во правосудниот систем, а факт е дека без нивната техничка поддршка тие сами не би можеле да работат!

Со апсурдна одлука на Судскиот буџетски совет се привилегира една категорија на вработени - судиите кои го злоупотребуваат Судскиот буџетски совет со кој самите располагаат. Оваа нивна рекација беше поддржана и до министерот Манчевски кој рече дека можеби треба да се размислува во насока на регулативата во овој дел со цел да не се случуваат вакви несакани работи.

Во оваа прилика престедателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски ја искористи можноста да потсети на нивниот предлог доставен до Владата за нов начин на пресметка на платите во администрацијата, односно УПОЗ предлага вредноста на бодот за пресметка на платите да не ја носи Владата туку вредноста на бодот да биде просечната бруто плата исплатена на ниво на држава секој месец. Ваков систем на пресметка на плати веќе постои во многу земји во Европа и тоа значи дека ако просечната плата расте ќе расте и платата, а ако паѓа ќе се намалува и платата. На тој начин администрацијата ќе ја има и одговорноста која и се бара и за која цело време се зборува во јавноста, а воедно ќе учествува и во растот на БДП и растот на социјалниот стандард во државата.

Претседателот Пецо Грујовски присутните ги информираше дека за овој нивен предлог добиле и одговор.

Морам да кажам дека нашето писмо и прелдог бил со внимание разгледан и добивме одговор од Канцеларијата на претседателот на Владата во кој не известуваат дека се расположени за средба меѓу нас со надлежните министерства во врска со оваа наша заложба, рече  претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски.

Тој исто така информираше одредени организации ја препознале работата на Синдикатот и се зачлениле во него, а резултатите говорат дека се формирани и нови седум синдикални организации со што, како што рече се зајакнува нивната позиција како синдикат.

И на оваа Годишна конференција се уште е актуелна темата за реформите предвидени во администрацијата кои се уште не се заокружени, а се со цел да се заведе ред во  институциите, но и да се воведе високо административна служба за да се спречи политизацијата на јавната администрација. Дел од овие законски измени се веќе во процедура и се пред нивно конечно донесување. Очекувањата се големи, а за можностите и реализацијата ќе покаже времето.

Министерот Манчевски пред претседателите на синдикалните организации членки на Синдикатот на УПОЗ изрази задоволство од скорешните зголемувања на платите во администрацијата, нешто што беше ветено во минатата година и што се реализираше годинава. Тој рече дека тие како Влада сакаат да го задржат овој тренд.

На состанокот се отворија и други прашања значајни и поврзани со работата на синдикалните организации, формирање на нови синдикални организации, придобивање на нови членови и слично.

Синдикатот на УПОЗ писмо се обрати до Судскиот буџетски совет со барање за примена на Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на плати во РСМ согласно кој е утврдено правото на зглемување на плата од 5% во 2019 година.

Во обраќањето Синдикатот на УПОЗ се повикува на Одлуакта на Владата на РСМ, објавена во Службен весник на РСМ бр.4 од 10.01.2019 година, утврдено е дека вредноста на бодот за пресметување на платите на државните службеници за 2019 година, за период од 01.01.2019 година до 31.08.2019 година изнесува 77.24 денари, а за период од 01.09.2019 до 31.12.2019 година изнесува 81.10 денари.

Согласно наведеното Одлуката на државните службеници во државата, сметано од 01.09.2019 година им беше покачена вредноста на бодот од 76,80 на 77,24, сметано се до 31.08.2019 година.

Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во РСМ, објавен во Службен весник бр.202 од 03.10.2019 година, во член 3, се врши изменување на членот 1 од Законот за изменување на Законот исплата на платите во Република Македонија (Службен весник на Република Македонија број 139/14), кој се менува и гласи: “Работодавачот утврденото право на плата во 2019 година може да го зголеми за 5%, започнувајќи со исплатата за септември 2019 година”, односно се менува одредбата од член 1 од претходниот закон каде стои “ Работодавачот утврденото право на плата во 2014 година може да го зголеми за 4% започнувајќи со исплатат за октомври 2014 година” а објавена во Службен весник на РМ број 139 од 18.09.2014 година.

Пресметката и исплатата на платата за месец септември 2019 година на државните службеници, се врши со зголемување на вредноста на бодот, но не и со пресметување на покачувањето од 5% на платата, односно покачувањето на вредноста на бодот го поистоветуваат со покачување на платата од 5%.

Синдикатот бара со наредната плата да биде исправена оваа грешка. 

На 11.11.2019 година, во просториите на Општина Гази Баба, претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски, претседателот на синдикалната организација при Гази Баба Добри Петров и Градоначалникот на Општина Гази Баба Борис Георгиевски го потпишаа Колективниот договор за вработените во Општина Гази Баба. Со овој Колективен договор се уредува статусот, правата, обврските и одговорностите во врска со работниот однос на вработените во Општина Гази Баба.  

Колективниот договор за вработените во Општина Гази Баба содржи општи одредби, обврски на вработените, права на вработените и нивата положба, надоместоци на плата и други примања, услови за работа и делување на синдикалната организација, одредби за остварување на право на штрајк, одредби за одговорности за вршење на работни задачи, но и други важни прашања поврзани со правата на вработените во Општината.

За непречено и активно работење на Синдикалната организација многу значаен е делот каде што се регулирани условите за работа и делување на синдикалната организација при што е наведено дека работодавачот е должен да создаде услови за работата на синдикалната организација во врска со заштита на правата на вработените од работниот однос, утврдени со закон, и со овој колективен договор.

Со овој Колективен договор, Синдикатот на УПОЗ продолжува со низата на потпишување на колективни договори а како што и претходно најавивме ќе се унапредат правата од работен однос на поголем број вработените.    

Статистика

  • Корисници 2
  • Артикли 418
  • Посети на артикли 751975

Онлајн

Имаме присутни 143 гости и нема членови