Денес, Синдикатот на УПОЗ испрати соопштение до јавноста со кое укажува дека не е солидарно товарот од кризата да го понесат и оние со најниски примања кои и во нормални услови одвај го поминуваат месецот, задолжени со кредити со цел да опстанат и да обезбедат егзистенција за своите семејства. 

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија  (УПОЗ), деновиве со загриженост ги проследи и последните настапи и изјави на челниците на владеачката партија, а во врска со предлог мерките со кои на вработените во администацијата и јавниот сектор за месеците април и мај треба да им се исплати минимална плата.

Синдикатот на УПОЗ и натаму смета дека вака предложените мерки се избрзани, популистички и не одржливи, особено по искажаната проценка дека вкупната заштеда од исплата на минимилна плата за два месеци на администрацијата и јавниот сектор е 30 милиони евра. За нас не е сфатливо зошто само во нашата држава се инсистира на кратење на платите до ниво на минимална плата и тоа од нај ниско платените, иако скоро сите држави во регионот и пошироко со превземените економски мерки воопшто или само процентуално ги намалуваат платите на вработените.

Изедначување на платите на фунционерите чии месечни примања се над 60.000,00 денари, со платите на вработените кои земаат 17.000,00 денари, не само што не е солидарно туку е и неспоредливо. Ова особено ако се земе во предвид фактот дека повеќе од половина министри, пратеници, директори и членови на управните одбори имаат сопствени бизниси, а и доколку немаат, само платите кои им ги дава државата се доволни за заштеди со кои не само што можат да издржат повеќе од два месеци, туку по завршување на кризата со исплата на бонуси и дневници повеќе од два пати ќе си ги вратат намалените износи.

Со вака предвидената мерка се создава дополнителен јаз и нееднаквост на вработените, а особено кај вработените од Категоријата Г (референти) во администрацијата чија максимална плата изнесува 16.474,00 денари, самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработени кои во семејството имаат болни од тешки хронични заболувања, како и на вработените кои се единествени вработени во семејствата. Изгледа дека никој не ги има земено во предвид режиските трошоци кои ниту се одложени ниту пак намалени и набавките на вработените со административна забрана. Без да се земат во предвид овие фактори, со исплатата на минимална плата на администрацијата не само што ќе се намали потрошувачката моќ на овие вработени, туку истата ќе биде непостоечка.

Поради ова Синдикатот на УПОЗ апелира до Владата, повикувајќи се на начелото на солидарност и од уставната одредба според која Р.С. Македонија е социјална држава,  да не го прифати предлогот за намаување на платите во администрацијата особено на оние чија плата е под државниот просек од 25.200,00 денари. Предлагаме сите избрани функционери (министрите, пратениците, членовите на управните и извршните одбори и др.) да го следат примерот на Министерката за финансии и во целост да се откажат од своите месечни примања се додека трае кризата, а со цел да и помогнат на државата. Само на тој начин ќе се покаже вистинска солидарност, бидејќи солидарност не е товарот да го понесат најмалку платените вработени.

Исто така предлагаме, државата за период од два месеци да го превземе плаќањето на придонесите за сите вработени, а здравствените трошоци за време на епидемијата да ги покрива Фондот за здравствено осигурување, а не работодавачите.

Но доколку намалувањето на платите во администрацијата сепак е нужно предлагаме друго решение и намалувањето да се однесува само на оние кои имаат повисоки плати од просечната плата во државата и тоа:

  • На вработените во Категоријата А (секретари) согласно Законот за административни службеници намалување од 30%;
  • На вработените во категоријата Б (раководители) намалување од 20%;
  • На вработените во Категоријата В групи В1 и В2 намалување од 10%.

Затоа во оваа прилика уште еднаш сакаме да апелираме до Владата при разгледување на предложените мерки од политичките партии и носење на Одлука по истите, а со цел да не се предизвикаат социјални немири, во преден план да ја има економската и материјалната состојба на вработените и како истата да се подобри во ова време на криза, а не вработените да се доведат во ситуација да не можат да ги подмират основните потреби за живот.    

Денес Синдикатот на УПОЗ писмено се обрати до Владата на РСМ и Министерството за информатичко општество и администрација кое ви го пренесуваме во целост. 

"Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Р. Македонија  (УПОЗ), како репрезентативен Синдикат  свесен за моментот во кој се наоѓа земјата и потребите од единство, солидарност, меѓусебно помагање и одговорност на сите граѓани, денес се обрати со барање до Владата на Р. С. Македонија во врска со предлогот изнесен од претседателот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) г- динот Зоран Заев.

Синдикатот на УПОЗ смета дека предложената мерка во делот на платите е дискриминаторска бидејќи јавната администрација и јавниот сектор се ставаат во понеповолна положба во однос на другите вработени. Предложената мерка за исплаќање на минимална плата за месеците април и мај за јавната администрација сметаме дека не е добро осмислена и таа остава само привид на некаква лажна солидарност. Доколку Владата го прифати овој предлог, значително ќе биде загрозена егзистенцијата на илјадници вработени во јавната администрација чии плати и онака се под просечната плата во државата.

Точно е дека финансискиот товар од кризата треба да го поделиме сите, ама тоа не значи дека целиот цех треба да го платат работниците и сиромашните, а олигарсите, бизнисмените, богаташите и големите компании да останат поштедени.

Доколку Владата смета дека и јавната администрација и јавниот сектор треба да понесат дел од товарот во кризата, сметаме дека има поприфатливи решенија и варијанти со кои ќе се покаже поголема солидарност спрема вработените, но никако минимална плата за сите категории вработени.

Јавната администрација е постојано на удар, а сепак тие се луѓе кои чесно ја заработуваат својата плата, огромен број од нив едвај врзуваат крај со крај и живеат на рати и кредити. Со оглед на тоа што над 75% од јавната администрација имаат плати пониски од државниот просек и во нормални услови едвај преживуваат, Синдикатот на УПОЗ предлага да не се задира во ниту една плата која е под републичкиот просек.

Синдикатот на УПОЗ укажува дека при донесување на одлуката, Владата мора да има во предвид и некои други показатели, дека со исплата на минималната плата особено ќе бидат погодени самохраните родители, родителите на деца со посебни потреби, вработените кои живат под кирија и оние кои се единствени вработени во нивните семејства.

За Синдикатот на УПОЗ предлогот за исплата на минимална плата е неприфатлив и од аспект што не е земено во предвид работењето на Царинската управа, Управата за јавни приходи, инспекциските служби, пожарникарите, судовите и судската полиција кои и покрај сите препораки за скратувањето на работното време и работа од дома, работат со полно работно време, секојдневно се на терен без заштитна опрема и ги извршуваат своите работни задачи."  

Во глава III од Колективниот договор каде што се регулираат правата на плата, надоместоци на плата и други примања, предвидено е дека вработениот има право на нив согласно закон, општите прописи за работни односи, овој колективен договор и поединечните колективни договори. Но за Синдикатот значајна придобивка е тоа што синдикалниот претставник ќе учествува во процесот на подготвување на буџетот на работодавачот што досега не беше случај. Исто така во овој дел важно е тоа што платата на вработените кои вршат помошно - технички работи со полно работно време и нормален учинок, не може да биде пониска од минималната плата утврдена со закон.

Вработениот има право и на додаток на плата за ноќна работа, работа во смени, работа во празник и прекувремена работа при што има право на плата што му припаѓа во тие денови, а додатоците меѓу себе не се исклучуваат.

Вработениот има право и на надоместување на трошоците поврзани со работа, како и други надоместоци, согласно општите прописи за работните односи и колективен договор, како што се патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата (кои досега не се исплаќаа). Исто така со Гранскиот колективен договор се регулираат и надоместоците за трошоци за одвоен живот од семејството, селидбените трошоци, трошоците за работа на терен, трошоците за погреб во случај на смрт на вработениот или член на неговото семејство (брачен другар и деца родени во брак или надвор од брак, посиноци, посвоени деца и деца земени за издржување), штета при елементарни непогоди, регрес за годишен одмор, трошок при подолго боледување на вработениот.

Синдикатот ќе има свој преставник при донесување на систематизацијата на работните места.

Во врска со потпишувањето на Гранскиот колективен договор, сакаме да ги информираме нашите членови, кои права ги добиваат со овој колективен договор. Во делот на општите одредби е договорено дека Синдикалните организации на Синдикатот на УПОЗ со свој претставник учествуваат во процесот на спроведување на вертикалната функционална анализа, изготвување на правилилници за внатрешна органиација и систематизација на работните места, како и на нивните измени и дополнувања.

Работа во деновите кои се неработни солгасно закон, може да се предвиди само во случај на виша сила и зголемен обем на работа и таа мора да се најави на работникот два дена однапред.

Правото на паузи (30 минути во текот на денот), во случај каде според карактерот и природата на работите и задачите не се дозволува прекин на работата, како и во услови на работа со странки, паузата може да се организира на начин кој обезбедува непречено извршување на работата, а вработените да го оствари своето право.Новина е и тоа што вработениот во текот на месецот може да се јави на работното место со задоцнување, а без притоа да биде санкциониран од работодавачот најмногу 4 часа во текот на еден месец.

Во наредниот период, ќе следат повеќе информации во врска со Гранскиот колективен договор.