Изминативе денови објавивме јавно барање до Владата да ја смени одредбата со која се овозможуваше отпуштање работници во фирмите кои користат државна поддршка за надминување на економската криза предизвикана од пандемијата. По брзата и солидарна мобилизација на повеќе организации и синдикати, Владата ја смени штетната одредба. Ја поздравуваме одлуката на Владата и се надеваме дека, во интерес на довербата, нема да ретерира од неа, под притисок на бизнис заедницата која егзистира од работниците.

Успехот е заеднички! Сите кои се обединивме и водени од заеднички интереси веднаш го кренавме својот глас против неправдата сме заслужни за ова - работничките и работниците, активистките и активистите, здруженијата, синдикатите, сите граѓанки и граѓани, целата јавност.

Овој успех уште повеќе нѐ мотивира да бидеме активни и да ги браниме правата на работниците, сиромашните и сите обезгласени, обесправени и угнетени по кој било основ - род, етничка припадност, социо-економски статус, вера, сексуална ориентација… Нема да дозволиме товарот од кризава да падне само на плеќите на слабите и цврсто стоиме и зад останатите барања кои ги доставивме претходно до Владата, како и барањата од нашиот Првомајски проглас. Нема да дозволиме судбината на обезгласените да се крои од страна на моќниците и олигарсите. Инсистираме да бидеме партнери при носењето на сите економско-социјални одлуки.

Продолжуваме да дејствуваме здружено, зашто само така можеме да изградиме праведно, солидарно и хумано општество. Само сложни ќе бидеме можни!

  • Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
  • Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
  • Независен академски синдикат (НАкС)
  • Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
  • Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
  • Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)
  • Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
  • Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
  • Левичарско движење „Солидарност“
  • ЈАДРО - Асоцијација на независната културна сцена 
  • Субверзивен фронт

ПРВОМАЈСКИ ПРОГЛАС 2020

Сегашната криза, предизвикана од прогласената пандемија на Ковид-19, ја затекна нашата држава во услови на распуштено Собрание и Техничко-партиска Влада. Владата се одлучи да оди со навидум силни заштитни мерки, а фактички по линијата на послаб отпор и префрлање на сиот товар од Кризата на „малиот човек“, кој добива пониска плата, кој го губи работното место и постојано е под некој притисок. Но најбогатите . продолжуваат да се богатат на маката на сиромашните, да жнеат „воени камати“, да си исплаќаат дивиденди, да плаќаат пониски даноци, па дури и да добиваат државна поддршка за наводно „изгубените“ профити?!?!

Ѝ порачуваме на Владата, која ја предводи партија која е номинално социјалдемократска, дека е крајно време да преземе поинакви чекори - во насока на заштита на „малиот човек“, односно на сиромашните, работниците, експлоатираните, маргинализираните, ранливите, па дури и по цена на посегнување по џебот на традиционалниот партнер на секоја Влада – богатите, големите компании, моќните, олигарсите.

БАРАЊЕ БРОЈ 1: Даночење на оние кои имаат, а не на оние кои немаат.

  • Воведување прогресивен данок на добивка, со стапка од 20% на добивката која надминува еден милион евра. Со ова ќе се оданочат најпрофитабилните 200 компании во државава, кои профитираат и во кризава. Со оваа мерка, ќе се соберат дополнителни околу 100 милиони евра на годишно ниво.
  • Воведување прогресивен данок на личен доход, со стапка од 20% за доходот над 1500 евра месечно, и 30% за доходот над 2500 евра. Со ова ќе се оданочат најбогатите 1% луѓе во државава. Со оваа мерка ќе се соберат дополнителни 50 милиони евра на годишно ниво.
  • Укинување на горниот лимит за пресметката на социјалните придонеси, кој ги привилегира лицата со плати над 10.000 евра месечно. Најплатените 250 директори во државава имаат плати над 10.000 евра месечно, а плаќаат придонеси за социјално осигурување од само 9%, за разлика од другите граѓани кои плаќаат 28%, поради горниот лимит на износот на придонеси кој некој може да го плати. Со ова, ќе се соберат дополнителни 10 милиони евра.
  • Воведување данок на непласираните средства на банките, во висина од 2%. Со овој данок, ќе се соберат околу 10 милиони евра на годишно ниво.

  • Воведување данок од 30% на исплатените дивиденди. Многу фирми, вклучувајќи и банки, исплатија и исплаќаат дивиденди и во кризава, што е економски неоправдано, па дури и нехумано.
  • Поништување на покачувањето на акцизите. Акцизата е давачка која ја сносат и посиромашните луѓе и малите фирми, кои се најпогодените од кризава. Нејзиното покачување за времетраењето на кризава е неоправдано, особено во услови која најбогатите продолжуваат да плаќаат пониски даноци. 

БАРАЊЕ БРОЈ 2: Работење во интерес на „малиот човек“, а не на моќниците.

Крајно незадоволни поради потценувањето и игнорирањето на работничките и работниците со чиј труд се обезбедува егзистенцијата и на бизнисмените и на политичарите, повторно бараме Владата да ги преземе следниве поединечни мерки: 

  • Да не се дава финансиска поддршка на фирми кои ќе отпуштаат работнички и работници за време на кризава.

  • Проширување на правото на паричен надоместок за невработени, во насока ова право да можат да го остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината.. Владата мора да ги заштити овие лица.

  • Да се донесе уредба дека платите на работничките и работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20% за време на оваа криза, како што е дефинирано со Општиот колективен договор за приватниот сектор. Изминативе недели, многу фирми ги намалуваа платите за дури 50%, повикувајќи се на „виша сила“, што не смее да се дозволи.

  • Да се обезбеди заштита на прекарните работнички и работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работнички/работници и немаат речиси никакво социјално, ниту здравствено осигурување. Конкретно, бараме овие лица, по примерот на самостојните уметници и спортистите, да добиваат финансиска помош во месечен износ од 14.500,00 денари.

  • Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата, од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.

  • Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби во време на кризава, при спогодбени откази, откази од страна на работодавачи и сл. Државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници од изминативе недели.

  • Приватниот сектор да прекине со несовесното однесувње кон јавната администрација квалификувајќи ги вработените како неработници, забушанти, клати врата земај плата. Тие треба да бидат свесни дека сите услуги за нивните бизниси за нив и нивните семејства ги добиваат од овие луѓе, од јавната администрација, квалитетно и навремено.

  • Синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и кои се залагаат за работниците и за работничките права задолжително да бидат консултирани при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност.

БАРАЊЕ БРОЈ 3Владата најитно да излезе од заложничката состојба и да му помогне на Претседателот на Републиката најитно да продолжи со работа не распуштеното Собрание туку „Собранието во оставка“ кое е исто толку во оставка колку што е и самата Влада.

  • Ваквото решение не е само неопходно за враќање на демократијата во нашата држава, туку и можеби единствениот начин да се застане на пат на „воените“ профитери и нивните слуги.

Работничките и работниците не молчат ниту во време на пандемија! И со маски, ќе бидеме гласни!

Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)

Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС)

Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)

Левичарско движење „Солидарност“

Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)

Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ)

Независен академски синдикат (НАкС)

Здружение на граѓани „Гласен текстилец“

Сметаме дека Одлуката на Владата со која јавната администрација ја иззема од исплата на минимална плата е разумна и солидарна и истовремено апелираме до сите вработени во администрацијата, особено до членовите на Синдикатот на УПОЗ, оваа Одлука да ја сфатат како можност да покаже дека таа е професионлна и одговорна.

Во оваа прилика сакаме да потенцираме дека Синдикатот на УПОЗ за цело време од отпочнувањето на здравствената и економската криза во државата и последиците што таа ги предизвикува, од која најмногу се и ќе бидат  погодени работниците, укажувавме и предлагавме мерки со кои баравме товарот да падне врз побогатите. 

Сметавме и сметаме дека така ќе се покаже вистинската солидарност, но и одговорност, бидејќи солидарни треба да бидат оние кои вршејќи ја својата функција биле најмогу платени, и дека товарот треба го понесат најмалку платените вработени. Ова наше барање го поткрепувавме и се повикувавме и на уставната одредба, според која Р.С. Македонија е социјална држава. Покажавме упорност во нашите барања и синдикална борба што резултираше со позитивно решение, не само за нашите членови туку за сите вработени во администрацијата.

Заради ова изразуваме задоволство што со предложените мерки, вработените нема да се доведат во ситуација да не можат да ги подмират основните потреби за живот. Добро е што Владта на Р.С. Македонија го прифати нашиот апел и во предел план, покрај здравјето на луѓето, беше ставена економско – метеријалната сосотјоба на вработените, која ако неможе да се подобри во време на криза, барем да не се доведе во прашање егзистенцијата на илјадници вработни а заедно со нив и нивните семејства.

Синдикатот на УПОЗ повикува на разумност и искористување на сите потенцијали, човечки ресурси, капацитети, економски и социјални за да може да си помогнеме еден со друг и што побрзо да излеземе од оваа криза.

Затоа е потребно во таа насока како јавна администрација да покажеме дека лошата слика што некои ја наметнаа за нас и нашето работење не е вистинската слика. Да покажеме дека ние знаеме и умееме да работиме совесно, одговорно и чесно. Синдикатот на УПОЗ ве повикуваме да бидете на висината на задачата сега и во иднина и да бидете подготвени да одговорите на предизвиците коишто се пред вас!

Словенечката Влада го претстави т.н. “Мега корона Закон” со кој граѓаните и економијата ќе добијат три милијарди евра

Словенечката Влада, по дводневното заседание, конечно го усогласи и објави таканаречениот “Корона Закон” со кој граѓаните и компаниите ќе добијат директна државна финансиска помош од три милијарди евра. Целта на овие закони е да се ублажи финансискиот удар врз граѓаните и економијата поради епидемијата на корона вирусот.

Според одлуката, сите само вработени, кои поради епидемијата не можат да остварат соодветен приходи, ќе добијат помош од 700 евра, а државата ќе им ги плати и придонесите.

Помош од државата во висина од 150 евра ќе добијат и сите редовни студенти во Словенија.

Додаток на плата во висина од 100 евра ќе добијат и семејствата со три деца, а оние кои имаат повеќе ќе добијат државна помош од 200 евра месечно.

Државни пари на смета ќе добијат и пензионерите, а висината ќе зависи од тоа колкава им е пензијата. Оние со најниски пензии до 500 евра ќе добијат 300 евра помош, тие од 600 ќе добијат 230 евра од државата, а оние со пензии над 700 евра им следуваат 130 евра помош.

Дополнително, здравствените трошоци за време на епидемијата целосно ќе ги покрива Фондот за здравство, а не работодавачот. Оние кои се изложени на опасност поради својата работа за време на епидемијата ќе добиваат поголема плата од 10 до 200 отсто, а се препорачува и приватните компании да го следат истиот пример и на вработените кои се во ризик да им ги зголемат платите.

Функционерите именуван од Владата ќе добиваат 30 отсто помала плата за време на епидемијата.