Денес, во општина Струга на барање на Синдикатот на УПОЗ се одржа работна средба со градоначалникот Рамиз Мерко а во врска со усогласувањето на платите со порастот на минималната плата. 

Од страна на Синдикатот на УПОЗ кој беше преставуван од Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, Генералниот секретар Бојан Трипуноски и претседателот на Синдикалната организација при Општниа Струга Ермира Мехмеди, се пренесе ставот дека е потребно што поскоро да се направи усогласување на платите. 

Градоначалникот Мерко ја поддржа иницијативата на Синдикатот на УПОЗ и двете страни се договорија да се подготви нов текст на Колективен договор за вработените во Општина Струга во кој покрај усогласување на платите ќе се урадат и останатите права за вработените во локалната самоуправа. 

На ден 08.07.2022 година, во просториите на Синдикатот на УПОЗ, Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски и Програмскиот директор на Развојниот центар за млади Александра Кнежевиќ, ја продолжија соработката која Синдикатот на УПОЗ и Развојниот центар за млади ја остваруваа во последните две години.

Во периодот кој измина, беа реализирани неколку заеднички активности за младите членови на Синдикатот на УПОЗ, а во наредниот период фокусот ќе биде насочен кон зголемување на капацитетите на Секцијата на жени при Синдикатот на УПОЗ.

Меморандумот за соработка беше продолжен на две години, период во кој ќе бидат реализирани уште неколку активности за членовите на Синдикатот на УПОЗ.

На денешен ден пред 31 година е формиран Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани  на РМ (Синдикат на УПОЗ). Од далечната 1991 година тој започна да дејствува како самостојна и независна организација на вработените во органите на државната управа, правосудните органи и финансиските организации.

До 1991 година тој дејствуваше во рамките на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Но промените во општествено-економските односи ја наметнаа потребата од реформи и приспособување на новите услови.

За да одговори на новото време и новите предизвици, тој се реформира и конституира во современа, модерна работничка организација, со нов начин на организирање и нови методи на дејствување. Целта на реформите беше да се покаже дека во нашата држава работниците мораат да бидат клучни фактори и секогаш да бидат вклучени во предлагањето  и носењето на сите законски решенија и економско-социјални политики кои се однесуваат на нивниот статус.

Во изминатиот период приоритет беше потребата од осовременување и изградба на Синдикатот на УПОЗ во силна и моќна работничка организација, самостојна и независна, масовна, солидарна, автономна во однос на власта и политичките партии. Неминовни беа и се направија промени и во организациска смисла и во начинот, методите и принципите на дејствување. Така структуриран и организиран, Синдикатот на УПОЗ го обедини членството - вработените во управата, правосудните органи и здруженија на граѓани, за подобрување и заштита на нивните права и интереси гарантирани со Уставот, законите и колективните договори. Синдикатот на УПОЗ се изгради како модерна демократска работничка организација која во остварувањето на своите цели и задачи ги користи сите легитимни демократски средства, преферирајќи го социјалниот дијалог и мирното спогодбено решавање на настанатите спорови од работниот однос на своето членство. Но го користи и правото на штрајк како последно средство на синдикалната борба.

Така, во изминатите 31 година, Синдикатот на УПОЗ израсна во современа и модерна организација и вистински претставник и заштитник на правата на неговите членови.

Во три мандати, согласно Законот за работни односи, Синдикатот на УПОЗ добива Решение за репрезентативност со што му се овозможува да ги претставува и застапува вработените и да потпишува колективни договори.

На 6 февруари 2020 година Синдикатот на УПОЗ со Министерството за информатичко општество и администрација потпишаа Колективен договор кој сеуште е во сила. Од тогаш до денес се потпишаа скоро 50 колективни договори на ниво на работодавач со кои значително се унапредени правата на вработените.

Синдикалната борба е вековна и не застанува. Затоа, Синдикатот на УПОЗ и во наредниот период ќе биде уште поцврст, помобилизиран и поединствен во остварувањето на своите определби. И најважно од се, од формирањето до денес тој остана препознатливо име во синдикалниот живот и независен од државните органи, работодавачите и пред се од влијанието на политичките партии.

Нека ни е честит и овој 31-ви роденден и нека биде вековит а Синдикатот на УПОЗ, како и до сега, доследен и неприкосновен во остварувањето на правата од работен однос на своите членови.