Наместо во овој период да се одржуваат редовни средби со синдикатите и да се најдат решенија за исплата на минималната плата и скалесто усогласување на останатите плати, Владата на Р.Северна Македонија го прекина социјалниот дијалог.

На девет дена пред месец април и исплата на новата вредност на минималната плата, Владата се уште не измени ниту еден посебен закон во кој се регулираат платите на вработените во управата и правосудството.

Без да се направат законски измени, ниту еден вработен во управата и правосудството нема да ја добие новата вредност на минималната плата и повторно само овие вработени како и до сега ќе останат со плата под минималната плата.

Од оние информации кои неофицијално ги доби Синдикатот на УПОЗ, произлегува дека скалесто усогласување на платите во управата и правосудството нема да има. Наместо скалесто усогласување, вработените кои се над минималната плата ќе добијат од 600 до 900 денари.

Ваквиот однос на Владата кон сопствените вработени е разочарувачки.

Наместо Владата да се труди вработените да ја достигнат просечната плата, се најдовме во ситуација во која скоро 50% од вработените се под или до новата вредност на минималната плата.

Во ситуација кога Синдикалната минимална кошница за месец февруари изнесува 36.146,00 денари, од кои 15.440,00 денари, се трошок за исхрана и пијалоци, Владата и Министерствата наместо да изготвуваат измени на законите испраќаат заклучоци од седници на влада кои на никој не му се јасни и со кои сакаат платите наместо со закон и колективен договор да се уредуваат со заклучоци и уредби на Влада.

Ваквата состојба е недозволива. Владата мора да ги почитува законите и колективните договори и доколку покажеше слух, до сега, а согласно членот 8 од Законот за минималната плата, ќе ги усогласи сите плати со порастот на минималната плата.

Владата мора да сфати дека со усогласување на платите на вработените и граѓаните ќе им се зголеми куповната моќ и ќе можат да ги набавуваат основните производи за живот и да ги подмируваат режиските трошоци, а со самото тоа ќе и помагаат и на економијата.

За жал, поради прекинот на социјалниот дијалог и не информирањето на синдикатот, Владата единствено успеа уште повеќе да го зголеми незадовослтвото и револтот кај вработените.

Поради вака настанатата ситуација и се поголемите барања од синдикалните организации на Синдикатот на УПОЗ за одржување на протести, ги повикуваме сите членови на Синдикатот на УПОЗ и сите вработени во управата и правосудството, кога Синдикатот на УПОЗ ќе повика заедно да го искажеме незадоволството преку прекин на работата и одржување на протести.

Синдикатот на УПОЗ во изминатиот период презеде конкретни активности и оствари средби со Министрите за труд и социјална политика, информатичко општество и администрација  и правда. Главна тема на разговор на овие средби беше скалестото усогласување на платите на вработените во управата и правосудните органи со порастот на минималната плата.

Како резултати на нашите преземени активности и средби, Владата на Р.С. Македонија на Деветнаесеттата седница одржана на 02.03.2022 година, донесе заклучок со кој Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација да подготви и најдоцна во рок од 14 дена до Владата да достави Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, по скратена постапка во однос на усогласување со Законот за минималната плата.

Истовремено Владата со овој Заклучок ги задолжи сите други министерства кои имаат потреба од изменување/дополнување на посебните закони што треба да се усогласат со Законот за минимална плата, во најбрз рок можен да ги достават до Владата.

Ваквиот Заклучок на Владата всушност е она што Синдикатот на УПОЗ го истакна на работните средби со министрите и укажа на сложеноста на проблемот со скалестото усогласување на платите.

Од ваквиот Заклучок на Владата условно можеме да се надеваме дека нашите барања ќе бидат прифатени.

Останува да видиме какви измени ќе се направат во делот на платите за да бидеме уверени во она што во разговорите беше барано. Доколку се случи спротивното, Синдикатот на УПОЗ останува на своите определби незадоволството да го искаже преку прекин на работата и протести.

Скалесто зголемување на платите во администрацијата и правосудството, измената на посебните закони кои ги регулираат платите во администрацијата и правосудството и проблемите на вработените во центрите за социјална работа беа дел од прашањата на Синдикатот по кои се разговараше на средбата со Министерката Јованка Тренчевска.

На барање на Синдикатот на УПОЗ,  Претседателот на Синдикатот Трпе Деаноски, Генералниот секретар Бојан Трипуноски, членот на Извршниот одбор Александар Диље и претставникот на Синдикатот на УПОЗ од Центрите за социјална работа Габриела Јаневска Гиовска одржаа работна средба со Министерката за труд и социјална политика г-ѓа Јованка Тренчевска.

Главно прашање на оваа средба беше скалестото усогласување на платите на вработените во управата и правосудството со новата вредност на минималната плата. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски ја истакна потребата од итни измени на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството. Истакна дека само со измени на посебните закони вработените во управата и правосудството ќе можат да добијат скалесто усогласување на нивните плати со новата вредност на минималната плата, а доколку вакви измени не се направат во најбрз можен рок ниту оние вработени кои се најмногу погодени (референтите) нема да можат да ја добијат минималната плата.   

Ова е од причина што системот на плати во администрацијата и правосудството е на систем на бодови и доколку не се измени вредноста на бодот или бодовите за ниво и образование, нема да може да се исплати минималната плата.

Од страна на претставникот на Синдикатот на УПОЗ од Центрите за социјални работи Габриела Јаневска Гиовска, Министерката за труд и социјална политика исто така беше запознаена и за проблемите со кои веќе подолго време се соочуваат вработените во центрите за социјални работи и беше предадена листа на барања за кои се очекува решавање.

Министерката Тренчевска посочи дека прашањето за покачување на платите во администрацијата ќе го отвори на владина седница, бидејќи стандардот на работниците се приоритет на Владата и исто така истакна дека администрација ја има нашата поддршката на Владата, бидејќи само професионална и задоволна јавна администрација е продуктивна.

Во врска со проблемите во центрите за социјални работи Министерката информираше дека за дел од барањата веќе се преземени конкретни чекори со кои конечно ќе се решат дел од проблемите, а дека останатите барања ќе се решаваат преку социјален дијалог во кој ќе бидат вклучени и претставници на Синдикатот на УПОЗ.

На крајот двете страни истакна дека Социјалниот дијалог и социјалното партнерство мора да постојат и најбитните прашања вклучително и прашањето за покачување на платите во администрацијата, ќе се реши заедно во најбрз можен рок.

Во месец април 2020 година, Синдикатот на УПОЗ од Солидарниот фонд, прв од Синдикатите започна да врши исплата на неповратна парична помош за секој член кој ќе биде заболен од вирусот Ковид 19 со цел финансиски да им помогне во подмирувањето на дел од трошоците за лекувањето. Во период од две години, а заклучно со 16.02.2022 година, вкупно се реализирани 1326 барања за Ковид 19 во вкупен износ од 4.839.000 денариили 78.682 евра.

Во периодот од 01.01 до 16.02.2022 година (45 дена), до Синдикатот на УПОЗ пристигнаа 339 барања по најразлични основи од кој 253 барања се за Ковид 19 а тоа значи дека само за 45 денови од Солидарниот фонд на синдикатот на УПОЗ по основ Ковид 19 беа исплатени 789.000,00 денари или 12.829 евра.

Бидејќи ова претставува огромен товар за Солидарниот фонд и се доведува во прашање тековното одобрување на барањата по другите основите кои се предвидени согласно Правилникот за солидарен фонд, Претседателството на Синдикатот на УПОЗ на Третата седница која се одржа на 24.02.2022 година, донесе Одлука да во иднина ова право (согласно член 28 од Првилникот за солидарен фонд – исплата во исклучителни случаи) за исплата на парична помош за заболени од вирусот Ковид 19 заклучно со 28.02.2022 година, го остваруваат само членовите на Синдикатот кои ќе се лекуваат во болнички услови.

Исто така Синдикатот на УПОЗ ги известува сите свои членови дека барањата кои се веќе доставени и ќе се достават до Синдикатот на УПОЗ заклучно со 28.02.2022 година, ќе се решаваат тековно со листа на чекање, односно ќе се врши исплата на 20 барања месечно, се до комплетното реализирање на сите поднесени барања.

Комисијата за Солидарниот фонд и натаму ќе ја следи состојбата, и ќе предлага соодветни решенија со цел да им се помогне на членовите на Синдикатот.

Статистика

  • Корисници 2
  • Артикли 418
  • Посети на артикли 752456

Онлајн

Имаме присутни 41 гости и нема членови