Синдикатот на УПОЗ во изминатиот период презеде конкретни активности и оствари средби со Министрите за труд и социјална политика, информатичко општество и администрација  и правда. Главна тема на разговор на овие средби беше скалестото усогласување на платите на вработените во управата и правосудните органи со порастот на минималната плата.

Како резултати на нашите преземени активности и средби, Владата на Р.С. Македонија на Деветнаесеттата седница одржана на 02.03.2022 година, донесе заклучок со кој Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација да подготви и најдоцна во рок од 14 дена до Владата да достави Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за административни службеници, по скратена постапка во однос на усогласување со Законот за минималната плата.

Истовремено Владата со овој Заклучок ги задолжи сите други министерства кои имаат потреба од изменување/дополнување на посебните закони што треба да се усогласат со Законот за минимална плата, во најбрз рок можен да ги достават до Владата.

Ваквиот Заклучок на Владата всушност е она што Синдикатот на УПОЗ го истакна на работните средби со министрите и укажа на сложеноста на проблемот со скалестото усогласување на платите.

Од ваквиот Заклучок на Владата условно можеме да се надеваме дека нашите барања ќе бидат прифатени.

Останува да видиме какви измени ќе се направат во делот на платите за да бидеме уверени во она што во разговорите беше барано. Доколку се случи спротивното, Синдикатот на УПОЗ останува на своите определби незадоволството да го искаже преку прекин на работата и протести.

Скалесто зголемување на платите во администрацијата и правосудството, измената на посебните закони кои ги регулираат платите во администрацијата и правосудството и проблемите на вработените во центрите за социјална работа беа дел од прашањата на Синдикатот по кои се разговараше на средбата со Министерката Јованка Тренчевска.

На барање на Синдикатот на УПОЗ,  Претседателот на Синдикатот Трпе Деаноски, Генералниот секретар Бојан Трипуноски, членот на Извршниот одбор Александар Диље и претставникот на Синдикатот на УПОЗ од Центрите за социјална работа Габриела Јаневска Гиовска одржаа работна средба со Министерката за труд и социјална политика г-ѓа Јованка Тренчевска.

Главно прашање на оваа средба беше скалестото усогласување на платите на вработените во управата и правосудството со новата вредност на минималната плата. Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски ја истакна потребата од итни измени на посебните закони кои ги регулираат платите на вработените во администрацијата и правосудството. Истакна дека само со измени на посебните закони вработените во управата и правосудството ќе можат да добијат скалесто усогласување на нивните плати со новата вредност на минималната плата, а доколку вакви измени не се направат во најбрз можен рок ниту оние вработени кои се најмногу погодени (референтите) нема да можат да ја добијат минималната плата.   

Ова е од причина што системот на плати во администрацијата и правосудството е на систем на бодови и доколку не се измени вредноста на бодот или бодовите за ниво и образование, нема да може да се исплати минималната плата.

Од страна на претставникот на Синдикатот на УПОЗ од Центрите за социјални работи Габриела Јаневска Гиовска, Министерката за труд и социјална политика исто така беше запознаена и за проблемите со кои веќе подолго време се соочуваат вработените во центрите за социјални работи и беше предадена листа на барања за кои се очекува решавање.

Министерката Тренчевска посочи дека прашањето за покачување на платите во администрацијата ќе го отвори на владина седница, бидејќи стандардот на работниците се приоритет на Владата и исто така истакна дека администрација ја има нашата поддршката на Владата, бидејќи само професионална и задоволна јавна администрација е продуктивна.

Во врска со проблемите во центрите за социјални работи Министерката информираше дека за дел од барањата веќе се преземени конкретни чекори со кои конечно ќе се решат дел од проблемите, а дека останатите барања ќе се решаваат преку социјален дијалог во кој ќе бидат вклучени и претставници на Синдикатот на УПОЗ.

На крајот двете страни истакна дека Социјалниот дијалог и социјалното партнерство мора да постојат и најбитните прашања вклучително и прашањето за покачување на платите во администрацијата, ќе се реши заедно во најбрз можен рок.

Во месец април 2020 година, Синдикатот на УПОЗ од Солидарниот фонд, прв од Синдикатите започна да врши исплата на неповратна парична помош за секој член кој ќе биде заболен од вирусот Ковид 19 со цел финансиски да им помогне во подмирувањето на дел од трошоците за лекувањето. Во период од две години, а заклучно со 16.02.2022 година, вкупно се реализирани 1326 барања за Ковид 19 во вкупен износ од 4.839.000 денариили 78.682 евра.

Во периодот од 01.01 до 16.02.2022 година (45 дена), до Синдикатот на УПОЗ пристигнаа 339 барања по најразлични основи од кој 253 барања се за Ковид 19 а тоа значи дека само за 45 денови од Солидарниот фонд на синдикатот на УПОЗ по основ Ковид 19 беа исплатени 789.000,00 денари или 12.829 евра.

Бидејќи ова претставува огромен товар за Солидарниот фонд и се доведува во прашање тековното одобрување на барањата по другите основите кои се предвидени согласно Правилникот за солидарен фонд, Претседателството на Синдикатот на УПОЗ на Третата седница која се одржа на 24.02.2022 година, донесе Одлука да во иднина ова право (согласно член 28 од Првилникот за солидарен фонд – исплата во исклучителни случаи) за исплата на парична помош за заболени од вирусот Ковид 19 заклучно со 28.02.2022 година, го остваруваат само членовите на Синдикатот кои ќе се лекуваат во болнички услови.

Исто така Синдикатот на УПОЗ ги известува сите свои членови дека барањата кои се веќе доставени и ќе се достават до Синдикатот на УПОЗ заклучно со 28.02.2022 година, ќе се решаваат тековно со листа на чекање, односно ќе се врши исплата на 20 барања месечно, се до комплетното реализирање на сите поднесени барања.

Комисијата за Солидарниот фонд и натаму ќе ја следи состојбата, и ќе предлага соодветни решенија со цел да им се помогне на членовите на Синдикатот.

Преставниците на Синдикатот на УПОЗ на денешната средба го запознаа Министерот за правда проф. д-р Никола Тупанчески за проблемите со кои се соочуваат вработените во правосудството а се постигна и договор, дека сите отворените прашања се решаваат тековно, со цел да се овозможат подобри услови за работа за вработените

На барање на Синдикатот на УПОЗ, кој беше преставуван од Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски, Генералниот секретар Бојан Трипуноски, претседателот на СО при Јавните обвинителства Изабела Илиева, претседателот на СО при Основен суд Велес Горанчо Чолаков и Советникот Пецо Грујовски од едната страна и Министерот за правда проф. д-р Никола Тупанчески од другата страна, одржа работна средба на која беа покренати неколку отворени прашања за вработените во правосудството, со особен акцент на зголемувањето на платите.  

Од страна на претседателот Трпе Деаноски, беше посочено дека со зголемувањето на минималната плата, потребно е да се направи измена и усогласување и во Законот за судска служба и Законот за јавно обвинителска служба. Воедно беа побарани и информации од страна на Министерот Тупанчески за најавеното зголемување од 15% за вработените во судовите и јавните обвинителства кое е најавено во јавноста.

На средбата беше разговарано и за отпочнување на разговори за промена на Законото за судска служба и Законот за јавно обвинителска служба, со што истите ќе бидат усогласени со измените на Законот за административни службеници кои во последните две години беа направени а и дополнително да се унапредат правата од работен однос.

Министерот Тупанчески на преставниците на Синдикатот, им укажа дека е потребно усогласување на платите во правосудството и дека во наредниот период очекува да има повеќе информации за оваа активност. За најавеното зголемување на платите во судовите и јавните обвинителства во висина од 15%, Министерот посочи дека нема временска рамка за реализирање на ова прашања, како и за кого точно ќе се однесува зголемувањето. Претседателот Деаноски посочи дека доколку дојде до зголемување на платите само за судиите и јавните обвнители, ќе се створи голем револт и вработените во судовите и јавните обвинителства ќе го искажат својот револт.

Министерот Тупанчески посочи дека лично како прв човек на Министерството за правда, има желба за подобрување на состојбите во правосудството и дека за тоа ќе биде потребно и Синдикатот на УПОЗ како репрезентативен синдикат да се вклучи во процесот.

На крајот, двете страни се договорија дека е потрено да се формираат работни групи, кои ќе се брифираат меѓусебно, со цел сите отворени прашања прво се решаваат на маса, а доколку тоа не се случи да се искористат сите достапни механизми за искажување на незадоволството.