Почитување на одредбите на Гранскиот колективен договор, исплата на регресот за годишен одмор и измените во Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор беа дел од прашањата на Синдикатот за кои се разговараше на средбата со Министерот Јетон Шаќири.

На барање на Синдикатот на УПОЗ,  Претседателот на Синдикатот Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски и претседателот на Одборот за административни службеници Зоран Георгиевски одржаа  работна средба со Министерот за информатичко општество и администрација (МИОА) г – дин Јетон Шаќири.

На оваа средба се разговарање за неколку прашања кои се од интерес на вработените, а најголем акцент беше ставен на доследна примена на Гранскиот колективен договор и исплата на додатоците и надоместоците на плата предвидени во истиот.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ му предочија на министерот дека во Предлог – Буџетот за 2021 година не е предвидена ставка за исплата на регрес за годишен одмор и дневници за службени патувања во земјата за вработените и побараа веднаш да се направат измени во Предлог – Буџетот и да се предвидат средства за оваа намена.

На прашање од претставниците на Синдикатот, Министерот информираше дека во процес е подготовка на нови Закони за административните службеници и за вработените во јавниот сектор и дека по нивна изработка ќе бидат доставени до Синдикатот на УПОЗ со цела да се изготват предлози и забелешки од страна на Синдикатот.  

Министерот за МИОА Јетон Шаќири истакна дека соработката на Синдикатот на УПОЗ и МИОА уште повеќе ќе се надгради и дека социјалното партнерство ќе продолжи со учество на Синдикатот на УПОЗ во сите фази од најавената реформа на администрацијата.

Со оглед на тоа што Владата на Р.С. Македонија на 17-тата седницата од 03.11.2020 година, донесе Заклучок со кој се утврди надоместок на плата за привремена спреченост за работа поради Ковид - 19 да изнесува 100% од основицата за надоместок на плата, но на 21-вата седница одржана на 17.11.2020 година истиот заклучок беше поништен, и од тие причини Синдикатот на УПОЗ денес реагираше и писмено се обрати до Владата на Северна Македонија со барање кое го пренесуваме во целост:  

“На 21-та Седница на Владата на С. Македонија одржана на 17.11.2020 година, донесен е  Заклучок со кој се наведува дека висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од  работа на вработени лица во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје, заболени од КОВИД-19 (Коронавирус), вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Со вака донесениот заклучок Владата го поништи/измени Заклучокот донесен на 17-та Седница на Владата одржана на 03.11.2020 година, со кој се утврди надоместокот на плата за привремена спреченост за работа поради КОВИД-19 да изнесува 100% од основицата за надоместок на плата.

Донесениот заклучок од 21-та Седница и лесните промени на ставовите на Владата по ова прашање направија огромна конфузија и незадоволство меѓу вработените. Понуденото образложение од страна на Владата и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) е нејасно, конфузно и нелогично имајќи во предвид дека токму Владата е работодавач на овие вработени и согласно позитивните законски норми и Уставот треба да се грижи за безбедноста и здравјето на вработените.

Имајќи ја во предвид целокупната здравствена состојба во државата и растечкиот број на заразени граѓани од кои голем дел се вработени во државната управа, министерствата и општините, а најмногу и заради висината односно ниските плати на вработените, со носење на Заклучокот од 21-та седница на Владата, ќе се направи сериозен удар врз материјално – социјалната положба на вработените, заболени од Ковид - 19.

Од тие причини бараме веднаш да биде повлеченпоништен или изменет Заклучокот од 21-та седница на Владата на С. Македонија во спротивно постои опасност вработените кои се асимтоматични, а кои се заболени од Вирусот Ковид – 19, и покрај тоа да доаѓаат на работа и да ги извршуваат своите работни задачи, со цел да примат целосен износ на плата. Вакви примери до сега имаше и во јавниот и приватниот сектор и истото во голема мера придонесе за раширување на заразата од Ковид - 19 на ниво на цела држава.

На online средбата со министерот за правда Бојан Маричиќ Синдикатот на УПОЗ побара конкретни одговори и рокови за реализација на барањата на Синдикатот на УПОЗ кои се однесуваат за вработените во судовите и обвинителствата и кои години наназад не се решаваа и не постоеше воља кај надлежните. Конечно на оваа средба беше договорено дека и Правилникот за додатоци на плата на судската полиција ќе биде донесен најдоцна за 20 дена.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски заедно со Генералниот секретар Трпе Деаноски, Потпретседателот на Синдикатот на УПОЗ за правосудство Верица Тасева и Претседателот на Синдикалната организација на јавните обвинителства Изабела Илиева остварија online и втора работна средба со Министерот за правда г-дин Бојан Маричиќ и советникот на Премиерот за труд и социјална политика Милан Живковиќ.

Поради здравствената состојбата во државата средбата се одржа преку платформата ЗООМ, а истата претставува продолжување на напорите на Синдикатот на УПОЗ за подобрување на правата на вработените во судовите и обвинителствата.

Во однос на барањето на Синдикатот на УПОЗ за измени или изработка на нови закони за судската и јавнообвинителската служба, Министерот за правда истакна дека согласно планот за реформа на правосудството предвидено е да се изработат нови закони за судската и јавнообвинителската служба и дека работните групи за изработка на овие закони во кои ќе биде вклучен и Синдикатот на УПОЗ ќе започнат со работа за две до три недели.

На прашањето за зголемување на платите на вработените во судовите и обвинителствата, министерот информираше дека се надева на зголемување на буџетите на судовите и обвинителствата, а со тоа да се зголемат и платите на вработените, но таквите одлуки зависат од Судскиот буџетски совет и од Јавниот обвинител.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ повторно ја потенцираа потребата од унапредување на судските и јавнообвинителските службеници, особено поради фактот дека има голем број на упразнети работни места од повисок ранг, дека вработените извршуваат работни задачи од повисока категорија, а имаат решенија за пониска категорија и дека ваквите проблеми се провлекуваат повеќе години. На ова Прашање министерот истакна дека Правилникот за унапредување во судовите е изготвен и дека се чека на негово објавување во „Службен весник“ по што веднаш ќе почне да се применува, а во обвинителствата дека е започнат процесот на пополнување на упразнетите работни места.

Во однос на прашањето за изготвувањето на Правилникот за додатоци на плата за судската полиција за висок ризик, министерот истакна дека овој Правилник е изготвен од страна на Министерството за правда и е испратен во Министерството за финансии. Министерот истакна дека е оптимист и верува дека овој Правилник ќе биде донесен и ќе почне да се применува за неколку недели.

Во однос на исплата на додатоците на плата во судовите и самоволието на Судскиот буџетски совет за исплата само на 25% додатоци на плата за судските службеници, а 35% за судиите, министерот истакна дека ќе разговара со Претседателот на судскиот буџетски совет и ќе побара да се направат измени во правилниците со кои и судските службеници ќе можат да добиваат 35% додатоци на плата како што е предвидено со Законот.

Во врска со додатоците од плата, дежурствата и додатокот на плата за ПИМ мерки во обвинителствата, министерот информираше дека веќе има договорен состанок со Јавниот обвинител, а на дневниот ред на тој состанок ќе се разговара и за барањата на Синдикатот на УПОЗ не само за додатоците на плата туку и за останатите проблеми на вработените во обвинителствата.

Министерот исто така информираше дека верува до крајот на годината да се донесат и измени на закони со кои ќе им се овозможи на стручните соработници во судовите и обвинителствата со скратена обука и со исполнување на одредени услови да бидат избрани за судии и обвинители.

Во наредниот период Синдикатот на УПОЗ ќе продолжи со интензивната комуникација со Министерството за правда со цел да се исполнат сите барања на вработените и да се подобри нивната положба.

На работната средба со директорот на Фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски се разговараше пред се за почитување и правилна имплементација на одредбите од Колективниот договор за вработените во Фондот за здравствено осигурување главна тема на разговор на претставниците на Синдикатот на УПОЗ и директорот на Фондот за здравствено осигурување, како и за други значајни прашања за вработените.

Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на РМ Пецо Грујовски, Генералниот секретар Трпе Деаноски и заменик претседателот на синдикалната организација на Фондот за здраствено осигурување (ФЗО) Бранко Аџигогов одржаа работна средба со Директорот на Фондот за здраствено осигурување Стево Крстевски.

Главно прашање на оваа средба беше исплатата на додатоците и надоместоците на плата предвидени во Колективниот договор за вработените во ФЗО со особен акцент за исплата на јубилејните награди.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ побараа исплатата на сите додатоци да се изврши навремено со цел вработените да не бидат доведени во ситуација да ги остваруваат своите права со поднесување на тужби со што ќе нанесат голема штета на буџетот на ФЗО.

Директорот на ФЗО г – дин Стево Крстевски истакна дека иако скоро е назначен за директор на институцијата, ќе се заложи за почитување на одредбите од Колективниот договор, а воедно изрази подготвеност и за подобрување на воспоставената соработка со Синдикатот на УПОЗ и подобрување на правата на вработените.